Потпретседателот на Самсунг соочен со 12 години затвор
7 август 2017Ли Џае Јонг, внук на основачот на Самсунг Електроникс, исплаќал пари на дубиозни фондации за да си обезбеди привилегии кај екс претседателката на Јужна Кореја, Парк Гун Хие. Тој се надевал на поддршка за една фузија на концернот во 2015 година, аргументира обвинителството. Потпретседателот на Самсунг ги отфрла обвинувањата. Откако шефот на Самсунг, Ли Кун Хе, во 2014 година доживеа срцев удар, неговиот единствен син ги презеде најважните раководни задачи во концернот. 49-годишниот Ли Џае Јонг е во притвор од февруари годинава. Тој е соочен со најдолга казна затвор која воопшто некогаш е изречена во Јужна Кореја против некој менаџер од голем концерн.
Самсунг досега не се изјасни за случајот. Покрај Ли, затворски казни се бараат и за други водечки менаџери во концернот. Самсунг во моментов работи добро. Бумот во делот на мемориски чипови на концернот во вториот квартал од годинава му донесе рекордна добивка.
Во судскиот процес кој се води против поранешната јужнокорејска претседателка Парк таа е соочена со обвинувања дека ставила под притисок познати претпријатија во земјата за да плаќаат високи износи на фондации од нејзиното опкружување. Од процесот против Парк и други водечки стопанственици, истрагата се надева на сознанија за комплексната испреплетеност на политиката и економијата во Јужна Кореја.